Достапни линкови

Штрајк на специјализантите - од Владата бараат писмени гаранции


Протест на приватни специјализанти пред Министерство за здравство
Протест на приватни специјализанти пред Министерство за здравство

Штрајкот на младите приватни специјализанти велат дека ќе трае додека не им, се исполнат барањата или не добијат гаранции за тоа. Незадоволни се од платите, од нерегулираниот работен однос, а најмногу се огорчени што немаат здравствено осигурување. Докторките немаат право на платено породилно отуство и им се стопира специјализацијата.

Околу 400 млади приватни специјализанти во Северна Македонија од утрово, 15 април, стапија во штрајк се додека не добијат писмени гаранците дека ќе им се исполнат барањата. Специјализантите, кои примаат плата од 26 илјади денари или нешто повеќе од минималната, бараат платата да им се зголеми колку и на другите лекари како и да бидат редовно вработени, а не да работат под договор на дело. Овие неколку стотини лекари немаат здравствено осигурување, ниту породилно отсуство.

Приватните специјализанти сами си ја плаќаат специјализацијата за која годипно на Медицинскиот факултет плаќаат по 1.500 евра.

„Јас сум од новите специјализанти, за нас е многу разочарувачки тоа што целиот труд што го вложуваме преку факултетот кој трае шест години, па преку процесот за стекнување со лиценца, па дополнителни пракси и се што правиме за да станеме обучени доктори, сето тоа на крај да ни биде наградено со едни деградирачки услови “, изјави денеска докторката Тамара Пејовска која е приватен специјализант на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Истите овие барања специјализантите ги истакнаа најпрво на протестот на 27 март. По овој протест, на средби во Министерството за здравство, министерот Илир Демири ги уверил приватните специјализанти дека сите овие нивни барања ќе бидат ставени на некоја од следните владини седници.

Но младите лекари велат дека досега тоа не се случи. Затоа младите приватни специјализанти од денеска стапија во генерален штрајк.

„Штрајкот пак значи дека воопшто нема да ги извршуваме нашите работни обврски и нема да се појавуваме на дежурства, значи целосно бојкотирање на работниот процес, а самиот штрајк ќе трае додека не ни ги исполнат нашите барања“, изјави Кристина Илиовска Чашларовска, која веќе трета година е приватен специјализант по интерна медицина.

Пред државниот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Чашларовска порача дека клиниките ширум земјава од утрово сами се организираат, односно сами го решаваат дефицитот на специјализантите кои се во штрајк.

И покрај штрајкот, специјализантите уверуваат дека клиниките во наредниот период ќе можат да си ја организираат својата работа.

„Утринава стапив во контакт со повеќе клиники и сите со кои разговарав прават сопствено менаџирање, повикуваат специјалисти, односно државни специјализанти со кои ја организираат работата“, додаде Чашларовска.

Средба во Влада без исход

Во текот на првиот ден пак од штрајкот пак, претставници на приватните специјализанти добија повик за средба во Владата, а на која бил присутен и министерот за здравство Илир Демири.

Сепак, иако специјализантите ги образложиле своите барања, засега не е договорено ништо, освен ветување дека на утрешната владина седница Демири ќе има прилика да ги образложи нивните барања.

„Финалниот заклучок е дека утре на редовна седница на Владата ќе бидат произнесени заклучоците во однос на нашите барања, по што министерот за здравство ќе излезе со дефинитивна изјава и став“, изјави за медиумите по денешната средба во Влада Александра Георгиева, претседателка на здружението на лекари специјализанти.

Георгиева повтори и дека без писмени гаранции од Владата за реализирање на нивните барања, тие нема да се откажат.

Сепак, по одлуката на владина седница утре и навистина да се разговара на оваа тема, специјализантите рекоа дека дополнително ќе одлучат дали штрајкот ќе продолжи и утре или пак ќе биде ставен во мирување.

Инаку, порано денеска, пред оваа средба во Влада, министерот за здравство Илир Демири, на пресконференција на која информираше за воведувањето на деветвалентни ХПВ вакцини, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека е промотор за реализација на барањата на приватните специјализанти и ја истакна тенденцијата за задржување на лекарите во државава.

„Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има една голема разлика. Оти, до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите“, изјави Демири.

Министерот додаде и дека е потребно трпение од специјализантите, односно дека за нивните барања ќе се изборува по изборите.

„После изборите, ќе се изборам да има ребаланс во буџетот и нивните примања да се изедначат со примањата на другите специјализанти, кои се вработени во јавни здравствени установи. Мислам дека е ова коректно“, додаде Демири.

Во Министерство за здравство прашавме и колкав удар за установите претставува тоа што сега 400 приватни специјализанти во наредниот период нема да работат, но ниту на тоа прашање досега не ни одговорија.

Како може да се реши проблемот со приватните специјализанти?

Специјализантите се особено револтирани затоа што иако работат во здравството немаат здравствено осигурување.

„Имав труење и требаше да си ја платам инфузијата од 1.000 денари на Клиниката за инфективни болести затоа што не сум здравствено осигурана, вели приватниот специјализант докторката Тамара Пејовска.

Овие проблеми пак, според докторот Бојан Трајковски од Асоцијацијата на млади лекари може да биде решен многу едноставно.

„Приватниот специјализант може или да се регулира законски и буквално да се воведе во Законот за здравствена заштита, или втора опција да имаме комплетна трансформација на приватните специјализанти во државни специјализанти и тој субјект „приватни специјализанти“ повеќе да не постои“, изјави Трајковски во интервју за РСЕ.

Тој додава и дека на овој начин младите доктори ќе имаат поттик плус да останат во земјава.

„Главниот проблем за оваа ситуација и во немањето на здравствена заштита во моментот за жал мислам дека е резултат на немањето на политичка волја, а е нешто што многу едноставно и брзо може да се реши“, додава Трајковски.

Со оглед на тоа државата е во предизборен период, младите специјализанти се свесни дека Техничката влада не може да носи одлуки и да пренаменува средства од буџетот, ниту да предлага закои ни и нивни измени. Затоа претставниците на овие млади лекари се согласуваат да добијат од Владата писмена гаранција дека по 8 мај ќе им бидат остварени барањата и тогаш ќе го прекинат штрајкот и ќе продолжат со работа по старите услови уште околу еден месец.

Според податоците на Македонското лекарстко друштво годишно од Северна Македонија заминуваат од 200 до 250 лекари.

XS
SM
MD
LG