Достапни линкови

Незадоволството експлодира на улица – власта „купува“ време


Протест на судската администрација, 17 ноември 2023
Протест на судската администрација, 17 ноември 2023

Владата како да нема чувство какви проблеми ни прават ниските плати во ваква скапотија, велат административни службеници во судството, обвинителството, здравството... По повеќе месеци протести, многу од нив се уште земаат „минималец“. Траат и пензионерските протести за повисоки пензии

Во регионалните организации на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) се прават последните подготовки за протестот в петок, на три локации во Скопје: пред Собранието, пред Владата и пред Министерството за правда.

Тоа е денот кога пратениците би требало да расправаат за предлог-буџетот за 2024 година.

Во канцелариите во Тетово, Гостивар, Штип, Куманово...се мобилизира членството, се пишуваат транспарентите со пораки до власта.

„Достоинствени плати се единствено што бараме. На минималец сме, платата ни за храна не стигнува, никој не нѐ слуша“, вели Александра Н, вработена во суд во внатрешноста.

Пет протести во моментов ѝ тропаат на врата на власта– здравствени работници, администрација во судовите и обвинителствата, вработените во Фондот за здравствено осигурување и вработените во Канцеларијата на Народниот правобранител заедно ќе излезат на улица.

Пензионерите протестираат уште од летово.

Сите бараат повисоки плати и пензии.

Додека револтот експлодира на улица, Владата повеќе пати најави, но не ги намали платите на над 1.200 функционери зголемени за 78 отсто, со одлука на Уставниот суд од март годинава - што е дополнителен мотив јавниот сектор да се бори за повисоки примања. Премиерот Димитар Ковачевски пред еден месец повторно кажа дека се бара начин како тоа да се направи. Последната негова изјава беше дека за недела - две ќе има работно законско решение. Помина еден месец, решението не е готово, а функционерите веќе осми месец земаат повисоки плати за 78 отсто.

Досега нема конкретни информации и за три месеци најавуваниот пакет - мерки за ранливи категории што треба да опфати и дел од пензионерите. Решение со кое ќе се регулира висината на минималната пензија, тешко дека ќе се донесе до крајот на месецов.

Во Предлог – буџетот за 2024 година проектирани се средства за исплата на повисоки плати за јавната администрација и за повисоки пензии, но согласно утврденото системско решение. Тоа не ги исполнува барањата на синдикатите и на пензионерите. Нивниот став е дека Владата во континуитет им игнорира барањата.

Приоритетите на Владата наспроти потребите на граѓаните

„Колку за вас, толку и за нас“, „Платата не е само за сметки“, Кредит за храна, сол на рана“, се некои од пораките од досегашните протести, упатени до министрите и до пратениците.

Бранот незадоволство е поврзан со високите трошоци за живот и со чувството на неправда поради приоритетите за кои се одвојуваат пари, наспроти потребите на граѓаните, сметаат аналитичари.

Арбен Халили, економист
Арбен Халили, економист

Според економскиот аналитичар Арбен Халили, незадоволство може да се толкува на два начини: редовно пред избори се случува да има притисоци од страна на различни вработени во институции за нивните барања, но од друга страна, секој треба да ги темели барањата на конкретно остварени резултати.

„Во сегашни услови, очекувањата за приходите во буџетот не се колку планираните. Некоја категорија граѓани ќе биде оштетена на сметка на друга. Дури и да се постигне некој компромис, не може во исто време, одеднаш да се зголемат сите плати во администрацијата. Друг излез може да се бара во намалување на платите на функционерите, тргање на одредени непотребни директори како што има во здравството. Или, нема потреба министрите да имаат кабинети со по 5-6 луѓе, а продуктивни се еден или двајца од нив. Нека почнат со штедење од своите кабинети, па после да го бараат тоа и од другите“, вели Халили.

Александар Кржаловски, аналитичар
Александар Кржаловски, аналитичар

Според аналитичарот Александар Кржаловски, Владата треба да ги преиспита приоритетите во буџетот за следната година и да реагира. Вели, дека особено со проектот за коридорите и средствата издвоени за нив, запалени се сите аларми за корупција.

„Владата не одговорила соодветно на потребите на граѓаните штом се дозволи да се дојде до оваа фаза. Со некои категории граѓани се преговара, на некои им се ветува, но не се најдени соодветни решенија. Можеби и не можат да се најдат. Тоа пак е прашање за приоритетите на Владата, како таа одговара на потребите на граѓаните“, вели Кржаловски.

Од кого да се скрати, на кого да се даде?

Вицепремиерот Фатмир Битиќи во изјава по повод протестите и барањата за повисоки плати, посочи на квалитетот на услугите што администрацијата им ги испорачува на граѓаните.

„Ние правиме максимум што е потребно. Промените не се случуваат преку ден, ниту преку ноќ – бараат одредено време. Заедно со министерката за труд сме вклучени во речиси сите преговори, со сите страни. Немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравството, ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби, дедовци, родители и за нас самите. Немаме проблем да ги зголемиме платите и во судството и во обвинителство ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети. Нема проблем, ќе решиме се, само да не биде на штета на другите“, изјави Битиќи во понеделникот (20 ноември) по отворањето на доградба на градинка во Кисела Вода.

Погледот на административците кои протестираат е насочен кон буџетот за 2024 година. Но, и во него нема повисоки плати за сите одеднаш.

„Да не заборавиме, ако зголемиме фонд за плати во здравство, во обвинителство, во судовите, ќе треба да скратиме од пензиите, ќе треба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците... Едноставно е, изборот е тој, тоа се можностите“, изјави Битиќи.

Според Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ, ова е срамна изјава на вицепремиерот со која сака да ги сврти луѓето со најмали примања, едни против други.

„Да сака да печали политички поени на пензионери и на студенти, на социјални категории луѓе, тоа е срамно. Овие барања што ги имаме не се од вчера, со години наназад зборуваме дека платите во судството треба да се зголемат, никој не не слуша. Во класичната државна администрација, каде се министерствата и агенциите, ги зголемивме платите за 10 отсто, но и со тоа зголемување луѓето добиваат минимална плата“, изјави Деаноски за РСЕ.

И Халили укажува дека бројноста на администрацијата е проблем да се обезбедат плати.

„Се намалува вкупниот број на населението во земјава и мора да се направи стратегија како соодветно да се намали и администрацијата. Придобивките би биле – приходите од приватниот сектор, наместо за плати на администрација би се насочиле на друго место, на пример, во капитални инвестиции. Од друга страна, тие луѓе кои ќе останат во администрацијата, ќе можат да бидат платени достоинствено. Во сегашни услови, очекувањата за приходите во буџетот не се колку планираните, некоја категорија граѓани ќе биде оштетена на сметка на друга категорија“, вели тој.

Бројот на вработени во јавниот сектор е 129.374 лица, вработени во 1.354 институции, покажува извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација за 2022 година.

Буџетот за следната година ќе тежи 5,5 милијарди евра, или околу 5% повеќе од буџетот за 2023 година. Дефицитот е проектиран на 545 милиони евра, или 3,6% од планираниот бруто домашен производ.

„За она што е предвидено со потпишаниот општ колективен договор, со кој од септември оваа година платите на сите вработени во јавниот сектор се зголемени за 10 отсто, обезбедени се средства во Предлог-буџетот за 2024 година. Исто така и за исплата на К-15, јшто оваа година изнесува 10.000 денари, а наредната ќе се исплати во износ од 30% од просечната нето-плата“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го предлог – буџетот.

Кој зошто протестира?

Во Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) има околу 800 вработени. Тоа е институцијата со најголем буџет во државата. Тие бараат зголемување на платите од 7.500-10.000 денари месечно. Работат на прием и исплата на боледувања, рефундации за лекови и ортподески помагала, здравствено осигурување...

„Вработените во ФЗОМ имаат најниски плати од сите органи на државната управа. Над 50 отсто од вработените, дури ни со две нивни плати, не можат да ја достигнат минималната синдикална кошничка која сега изнесува 48.389 денари. Во споредба со останатите институции од иста или сродна дејност, вработените во Фондот за здравство, имаат од 120 до 150 евра, пониска плата за исто работно место на исто ниво, изјави за РСЕ Бранко Аџигогов, претседател на синдикалната организација на ФЗОМ.

Од УПОЗ тврдат дека половина година се воделе безуспешни преговори со раководството на ФЗОМ за сите вработени да добијат 15 отсто зголемување на плата и да се доближат до просекот од јавното здравство. Зголемувањето било само 2,5 отсто. За останатиот дел немало согласност од Министерството за финансии.

Независниот синдикат на здравствените работници и административно – техничкиот персонал во име на своите членови бара повисоки плати за 30 отсто, на додатокот за инфекција од еден на четири отсто, нов колективен договор, бенефициран работен стаж и трансформација на договорите на определеното работно време во неопределено.

И административци во судовите и обвинителствата протестираат за повисоки плати и исплата на додатоци.

Исто барање имаат и вработените кај Народниот правобранител. Велат дека нивните месечни примања во моментов заостануваат многу зад платите на останатите независни регулаторни тела и на вработените во администрацијата воопшто.

„При основање на институцијата во 1998 година, платите на стручната служба биле со еднаков коефициент на ранг на судиите на Основен суд, што значи дека државата во минатото имала повеќе чувство за значењето на оваа институција како заштитник на правата на граѓаните“, изјави Марјан Поњавиќ, претседател на синдикалната организација.

Со протестот, овие вработени сакаат да направат притисок врз пратениците да не изгласаат предлог-буџет во кој ќе нема пари за да им се зголемат платите.








XS
SM
MD
LG