Достапни линкови

Депонија место туристичка атракција во Косел


Вулканот во Косел е во центарот на вниманието откако густ чад пред два дена се издигна над селото од една од дупките, па тоа предизвика паника кај локалното население.

Просторот каде се наоѓа вулканот во охридското село Косел да се среди и целиот тој простор да биде оплеменет со нови содржини. Само на тој начин градот ќе има корист од него, а целиот регион ќе добие уште една многу значајна туристичка атракција, велат жителите на ова охридско село.
Пред две години кратерот на вулканот беше затрупан поради чистење на депонијата. И ете тоа даде можност кратерот да избие на друго место и се случи тоа што ни се случи.
Мите Мојосвски, жител на Косел.

Во околината на вулканот се наоѓа депонија од градежен шут, расфрлани апарати за домаќинство и мебел. Вулканот во Косел е во центарот на вниманието откако густ чад пред два дена се издигна над селото од една од дупките, па тоа предизвика паника кај локалното население. Надлежните со смирувачки пораки дека не станува збор за никакво активирање на вулканот, туку дека сето тоа било нормална природна појава.

62-годишниот жител на Косел, Мите Мојосвски, вели дека прв пат во историјата на нивното село се случува да избие чад од вулканот.
Ова е пост вулканска природна реткост која ја има само овде во делот на Југоисточна Европа.
Дејан Пановски, Министерството за животна средина.

„Пред две години кратерот на вулканот беше затрупан поради чистење на депонијата. И ете тоа даде можност кратерот да избие на друго место и се случи тоа што ни се случи. Навистина атракцијата на селото ни е затворена. Додека кратерот беше отворен доаѓаа луѓе и гледаа. Се намали миризбата драстично. Овде не можеше да се седи без маска порано. И месната заедница презеде активност и не се фрла толку шут, но пак се фрла. Но луѓето кои доаѓаат од страна овде сега нема што да видат“, рече Мојсоски.

Пет години зборуваме за промоција и валоризација на вулканот крај Охрид. Еве дојде време вулканот сам да си се промовира, рече Дејан Пановски од Министерството за животна средина.

„Ова е пост вулканска природна реткост која ја има само овде во делот на Југоисточна Европа. Нашите заложби години наназад беа на вулканот да се посвети поголемо внимание, не од аспект на накаква опасност, туку од аспект на дополнителни истражувања и испитувања, посебно од аспект што ваква природна реткост мораме да ја искористиме како туристичка атракција, затоа што да се има во својот регион една ваква поствулканска појава, а да не се искористи во туристички рамки, навистина е штета“, истакнува Пановски.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески ги повика и медиумите да не шират непотребна паника. Тој вели дека тие имале предвидено овој простор да биде туристичка атракција.

„Во текот на оваа година во нашата програма за заштита на природата предвидуваме проект со кој сакаме ова место да го претвориме во туристичка атракција. Според информациите кои ги имаме, ниту сега, ниту во иднина нема место за загриженост. Согласно таа програма, ние во изминатиот период направивме уредување на овој простор. Го расчистивме поголемиот дел од градежниот шут и поставивме заштитни огради, патоказни и информативни табли, а изработени се и флаери со коишто ние сакаме овој локалитет да го искористиме за промоција на туристичките вредности“, рече Бакрачески.

Инаку во 70-тите од страна на Собранието на Општина Охрид вулканот во Косел добива статус на природна реткост, но колку сето тоа се почитува е друго прашање.
XS
SM
MD
LG