Достапни линкови

Власта и опозицијата во Охрид на иста маса


Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

Градоначалникот Никола Бакрачески ги удостои претседателите на локалните ограноци на СДСМ, ЛДП, НСДП и ВМРО-НП, кои повеќе од еден месец чекаа на средба со него.

Власта и опозицијата во Охрид седнаа на иста маса. Градоначалникот Никола Бакрачески ги удостои претседателите на локалните ограноци на СДСМ, ЛДП, НСДП и ВМРО-НП, кои повеќе од еден месец чекаа на средба со него. Охридските опозиционери на неколку пати досега реагираа дека власта врши партиски реваншизам врз неистомислениците и дека во поранешната општинска зграда во Косел испратила само нивни членови.
Ние на градоначалникот му го пренесовме нашето заедничко чувство дека се работи за политички реваншизам, за партиско осветољубие.
Томислав Тунтев, претседател на СДСМ Охрид.

Задоволни се од средбата со Бакрачески за која велат дека била конструктивна и на која добиле уверување дека вработените не се делат по партиска заслуга. Томислав Тунтев, претседател на СДСМ Охрид, вели дека многу внимателно опозицијата ќе ги следи сите активности на локалната власт.

Можеби на некого му изгледа селективно, но времето ќе покаже дали има или нема селективност.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
„Ние на градоначалникот му го пренесовме нашето заедничко чувство дека се работи за политички реваншизам, за партиско осветољубие и дека тоа чувство го базираме врз основа на селективниот пристап на луѓето при одбирот на луѓето кои беа трансферирани таму во едни лоши услови под секакво човечко достоинство. Градоначалникот ја сфати сериозноста на нашето барање, чувства и потези, и се обиде да нè убеди дека не се работи за политички реваншизам, дека се работи за растоварување на општинската зграда. Ние го потсетивме градоначалникот на неговата јасна и децидна изјава кога во изборната кампања рече дека не доаѓа да биде градоначалник за да отпушта од работа, туку за да создава нови работни места и рече дека сè уште стои на таа намера“, рече Тунтев.

Не постои селективност во кадровските решенија и во поглед на организацијата на работата која се спроведува во Општина Охрид и на тоа дали некој доаѓа од владејачка или опозициона партија, одговори Бакрачески, според кого, сите аргументи биле ставени на маса.

„Тие сметаат дека има селективност во поглед на спроведување на некои кадровски решенија во општинската администрација и јавните претпријатија и селективност во однос на организација во општинската зграда во Косел. Можеби на некого му изгледа селективно, но времето ќе покаже дали има или нема селективност. Вработените кои сега се пратени таму ќе ротираат и тие нема да бидат единствени кои ќе го поминат тој дел од турнусот во општинската зграда во Косел“, рече Бакрачески.

Владо Чингоски, поранешен претседател на Советот на Општина Охрид и добар познавач на приликите во градот, вели дека останува нејасно зошто е одбран овој момент за средба непосредно на денот на објавувањето за избори во Македонија.

„Тој ќе добие пред луѓето или неопределените дека ете разговарате со опозицијата. Зошто го избра овој тајминг тоа е веќе друга работа. Јас мислам дека не е случајно одбран овој тајминг и за едните и кај другите. Тука трансферот на одредени вработени во Косел опозицијата може да го гледа од аспект на политички реваншизам. Опозицијата може да бара дали има мобинг на вработените, да бара дали при оценувањето на одреден број на државни службеници со слаби оценки ќе им биде прекинат работниот однос и тоа ќе биде причина за вработување на нови од владејачката партија, тоа може да го бараат. И може да бараат како се оценуваат административците. Тоа институционално треба да си го бараат“, вели Чингоски.
XS
SM
MD
LG