Достапни линкови

Македонскиот проблем на патот кон НАТО во четири очи?


Во рамките на регионалната турнеја, денеска во официјална посета на Македонија престојува генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.

Не постојат причини да се очекува дека посетата на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, на Македонија ќе биде повеќе од вообичаена посета на земја аспирант за членство во НАТО, во рамките на неговата регионална турнеја, а пред истекот на неговиот мандат на септемврскиот самит на НАТО, велат познавачите. Сепак, не можат да се исклучат разговори и околу конкретните проблеми врзани за членството на Македонија во НАТО.
Уште едно потсетување или иницирање на Владата на господин Груевски да направи напори за изнаоѓање солуција со јужниот сосед околу името.
Нано Ружин, поранешен дипломат.

„Уште едно потсетување или иницирање на Владата на господин Груевски да направи напори за изнаоѓање солуција со јужниот сосед околу името, но исто така претпоставувам дека може да се каже и неколку зборови за состојбата со политичкиот систем, демократијата, но секако тоа ќе биде кажано во четири очи меѓу двајцата соговорници“, посочува Нано Ружин , поранешен амбасадор на Македонија во НАТО.
Илустрација.
Илустрација.

Има една мала надеж дека во рамките на разговорите и медијацијата на Нимиц нема да се постигне ништо и дека ќе се направат обиди Македонија да влезе во Алијансата со референцата
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

Според поранешниот дипломат Ристо Никовски, денешната посета на Расмусен може да се вклопува како што вели и во обидите да се забрза приклучувањето на Македонија кон НАТО во светло на украинската криза.

„Дали таква некаква порака носи, тешко е да се каже но има една мала надеж дека во рамките на разговорите и медијацијата на Нимиц нема да се постигне ништо и дека ќе се направат обиди Македонија да влезе во Алијансата со референцата. Тао би било добро за земјата, меѓутоа, велам, тешко е да се прогнозира и да се претпостави дека Расмусен носи нешто конкретно со себе“, вели Никовски.

Се уште се мали шансите за такво нешто, посочува Ружин, па на денешната средба не се очекуваат нови параметри што се однесува до нашето членство иако и тој не исклучува во зависност од развојот на настаните и во рамките на геостратегиските планови на НАТО во иднина да се отвори можност за такво нешто.

За време на посетата на генералниот секретар на НАТО планирани се средби со премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за одбрана Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи се вели дека на средбите, Расмусен ќе биде запознат со статусот на прогресот на Република Македонија, во однос на имплементацијата на реформските процеси во земјата, а со основна цел целосна евро-атлантска интеграција и забрзано остварување на членството во НАТО.
XS
SM
MD
LG