Достапни линкови

Евроинтеграциите повторно „изговор“ на ДУИ


„Лажни надежи“, „приказни за мали деца“. Вакви се коментарите на аналитичарите по вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека единствена цел за оваа коалиција со ВМРО ДПМНЕ му е исполнување на евро-атланските интеграции до крајот на оваа година. Зошто тоа не го направи и досега, велат тие, и додаваат дека наводното преиспитување на коалицијата во септември е само гасење активен политички пожар

Демократската Унија за интеграција нема дилеми дека заеднички приоритет на новата Влада ќе биде македонската евроатланска интеграција. Според нив, заедничкото соопштение од двете партии во преговори е потврда дека договореното ќе се реализира.
Јас верувам дека кога човек ќе се обврзе, дури со пишано соопштение, и потоа тоа е апсолутен и програмски приоритет на секоја политичка партија, не само на ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ.
Артан Груби, ДУИ.


„Јас верувам дека кога човек ќе се обврзе, дури со пишано соопштение, и потоа тоа е апсолутен и програмски приоритет на секоја политичка партија, не само на ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ, изјави Артан Груби од ДУИ.


Јавен изговор пред своите гласачи, а не реална точка на преговори се изјавите на ДУИ дека во преговорите за новата Влада цел им се исполнување на евроинтеграциите до крајот на годината. Вака политичките аналитичари го коментираат однесувањето на интегративците во преговорите за новата Влада. Доколку навистина сакаат тоа да биде врвен приоритет, досега ќе го направеа, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.
Со текот на времето се покажа дека се тоа лажни надежи и дека тоа е само задоволување на разочараните граѓани.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.


„Сега се оди на тоа дека доколку нема напредок во преговорите за името, односно пошироко земено, во европските интеграции, дека повторно ќе се преиспитува коалицијата во септември, тоа е едноставно гасење на актуелен политички пожар и ништо повеќе.“

Не евроинтеграциите, туку бизнисите и министерските фотелји се главни во преговорите, вели политичкиот аналитичар Едмонд Адеми. Иако во минатиот мандат евроинтеграциите беа сектор кој го предводеа ДУИ, не видовме значителни резултати, категоричен е Адеми.

„Клучни им се потребите, клучен им е бизнисот кои си го тераат двете партии, така да нема ништо од евро-интегративниот процес.“

И двајцата соговорници сметаат дека оптимизмот кој Ахмети го темели за брз напредок во однос на евроинтеграциите до самитите на НАТО и ЕУ до септември, односно декември, е лажен и без покритие.

„Имавме исти најави дека ете сега после пристапниот дијалог на високо ниво ќе има успех, па потоа по отворањето на преговорите за Србија и за Црна Гора ќе го фатиме едниот или другиот бран, со текот на времето се покажа дека се тоа лажни надежи и дека тоа е само задоволување на разочараните граѓани“, вели Маричиќ.

„Тоа се приказни за мали деца кои ги кажува Али Ахмети,не знам од каде го црпи тој оптимизам, меѓутоа мислам дека тука нема оптимизам, тој едноставно ја лаже јавноста“, вели Адеми

На вчерашната средба со амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет, Ахмети во однос на одлуката на ДУИ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ потенцирал дека партијата одлучила да се фокусира во изнаоѓањето напредок во една единствена точка до крајот на оваа година, а тоа е евроатланската интеграција на земјата и регионот.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG