Достапни линкови

Претседателот Трајковски - пример за лидер кој ѝ служи на нацијата


Меѓународен религиски форум „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“, по повод 10 годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.
Меѓународен религиски форум „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“, по повод 10 годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.

По повод 10-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател, Борис Трајковски, се одржа меѓународен религиски форум на тема „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“.

Да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Како што свештеникот ги соединува луѓето, така и претседателот треба да ги спојува луѓето од различно потекло и со различно мислење. Вистинскиот лидер не треба само да проповеда туку и да ги води луѓето. Со овие зборови на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма се обрати на религискиот форум „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“.
Мисијата на Борис беше длабоко хуманистичка, обединување на сите во една заедничка цел на патот кон европската интеграција.
Вилма Трајковска, сопруга на загинатиот претседател Борис Трајковски.

„Мисијата на Борис беше длабоко хуманистичка, обединување на сите во една заедничка цел на патот кон европската интеграција. Неговите несебични заложби и ентузијазам денес претставуваат поттик да го оствариме неговиот сон“, рече таа.

Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска порача дека сè она што ќе биде кажано на форумот во име на Трајковски да се преточи во дела, бидејќи тој верувал дека не треба да се војува со оружје, туку со збор.
Еве си спомнуваме за покојниот претседател, кој беше ретка личност, човек кој освојуваше со својата продуховеност и добрина и влеваше надеж на секој чекор и кон сите.
г.г. Стефан, поглавар на МПЦ.

„Ве уверувам и претпоставувам дека сме сите согласни дека мисијата на лидерствата во државите кое нè учи на љубов, меѓусебно поттикнување, надеж и спокојство за сите е код на сите нации и општества кои би ги зацврстиле општествата и народите на еден поинаков и помирољубив начин“, рече Божиновска.

Поглаварот на македонската православна црква г.г Стефан вели дека, иако Трајковски трагично загинал, тој останал трајно меѓу својот народ и земја.

„Така замина човекот кој сиот им се посвети на делата што ниту ‘рѓа ги нагризува, ниту молците ги јадат. Еве си спомнуваме за покојниот претседател, кој беше ретка личност, човек кој освојуваше со својата продуховеност и добрина и влеваше надеж на секој чекор и кон сите, а особено со пораката „Верувам во Македонија“, порака што ја потпираше врз својата вера во бога и во луѓето“, рече г.г. Стефан.

Поглаварот на исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи истакна дека лидерот има посебна позиција во унапредување на општеството, кој му ја подарил господ.

„Исламскиот модел за лидер бара праведно и етичко однесување кон сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, јазична и расна разлика“, рече реисот.

Форумот го организираше Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод 10-годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG