Достапни линкови

Сириските завојувани страни на преговори во Монтре


Преговарачи од сириската влада и од умерената сириска опозиција поддржувана од Западот денеска во Монтре, Швајцарија, на старт на преговори за решавање на скоро тригодишниот конфликт во Сирија. Конференцијата ја отвори генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кој оцени дека станува збор за голема можност и надеж.

На состаноците познати како мировна конференција „Женева 2“ за прв пат заедно на преговарачка маса се опозициски претставници и членови на режимот на претседателот Башар ал Асад.
Ние сме тука да разговараме за иднината на Сирија, како целосна земја. Тука сме за да разговараме за иднината на нашиот народ. Не сакаме лекции од никој. Ова е сириски национален дијалог меѓу самите Сиријци.
Башар ал Џафари, амбасадор на Сирија во Обединетите нации.

„Ние сме тука да разговараме за иднината на Сирија, како целосна земја. Тука сме за да разговараме за иднината на нашиот народ. Не сакаме лекции од никој. Ова е сириски национален дијалог меѓу самите Сиријци“, изјави сирискиот амбасадор во Обединетите нации, Башар ал Џафари.

Делегати од 40 други земји, вклучувајќи ги Русија и Соединетите Држави, исто така ќе учествуваат на разговорите кои во текот на неделата ќе се преселат во Женева.

Иран, водечкиот сојузник на сирискиот режим, соопшти дека не очекува успех од преговорите. До ова дојде откако генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, ја повлече поканата на преговорите да учествува и иранска делегација.
Разочарани сме дека Бан Ки-мун ја повлече поканата по притисокот врз него. Ние сакавме да учествуваме, но не на министерско ниво, бидејќи поканата дојде премногу доцна.
Џавад Зариф, шеф на иранската дипломатија.

Шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф изјави дека поканата на Бан Ки-мун никогаш не била сериозна.

„Разочарани сме дека Бан Ки-мун ја повлече поканата по притисокот врз него. Ние сакавме да учествуваме, но не на министерско ниво, бидејќи поканата дојде премногу доцна“, рече Зариф.

Соединетите Држави и другите поддржувачи на сириската опозиција беа против иранското учество поради воената помош што Техеран му ја дава на сирискиот режим.

На преговорите не се поканети ни претставници на екстремните исламисти и милитанти поврзани со Ал Каеда.

Во пресрет на преговорите во Монтре, американскиот претседател Барак Обама телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин.

Москва ја поддржува сириската влада, додека Вашингтон умерените бунтовници. Двете страни извршија притисок врз нив да учествуваат на преговорите под покровителство на Обединетите нации.

Според Белата куќа, двајцата лидери разговарале и за меѓународната програма за уништување на сириското хемиско оружје која е во тек.

Сириската мировна конфренеција се одржува еден ден откако беше објавен извештај во кој меѓународни обвинители за воени злосторства наведуваат дека примиле огромен број фотографии на кои биле документирани случаи на тортура и убиства на 11 илјади затвореници од страна на сириските власти.

Фотографиите биле добиени од сириски дезертер и, според обвнителите, претставуваат прв директен доказ за воените злосторства на режимот. Соединетите Држави и Велика Британија оценија дека тие сведочат за бруталноста на претседателот Башар ал Асад.

Хјуман рајтс воч ги обвини Русија и Кина дека го штитат од конкретна акција на Советот за безбедност на Обединетите нации.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG