Достапни линкови

Мрачна иднина за светската економија


Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард изјави дека прогнозите за глобалната економија се многу мрачни. Затоа, според неа, сите земји, а особено оние во Европската унија, треба да покренат конкретни мерки за да се избегне рецесија.

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, говорејќи на состанок во американскиот Стејт департмент во Вашингтон, предупреди дека доколку продолжи недостигот на решителна акција, светската економија може да се соочи со истите закани што го турнаа светот во Големата депресија во триесетите години од минатиот век.

Не постои ниту една економија во светот, без оглед дали е богата, супер растечка или сиромашна, која ќе биде имуна на кризата која не само што трае, туку и се интензивира.
Кристин Лагард.
„Светската економска перспектива во моментов не е особено розова. Таа е многу мрачна и каде и да погледнете, забележувате нејзин пад, забавен пораст, високи дефицити и јавни финансии кои не се во добра состојба. И таква е реалноста во целиот свет.“

Таа додаде дека Европа не ќе може сама да ги реши нејзините проблеми и затоа сите земји мора да работат заедно, со помош на Меѓународниот монетарен фонд на решавање на проблемите на многу задолжените европски земји.

„Тоа е грижа за сите економии, бидејќи ако постои едно сознание кое не може да се оспори, тоа е дека сите економии се меѓу себе поврзани. Не постои ниту една економија во светот, без оглед дали е богата, супер растечка или сиромашна, која ќе биде имуна на кризата која не само што трае, туку и се интензивира.“

Кристин Лагард смета дека се интензивираат и протекционизмот и изолацијата во светот кој треба да се соочи со нив, а не до отфрла дека тие постојат.

Нејзиниот говор во Вашингтон дојде откако агенцијата Фич им го намали рејтингот на шест големи светски банки, поради зголемените предизвици за нивниот бизнис и интензивирањето на финансиската криза.

Станува збор за Банка на Америка и Голдман и Сакс во Соединетите Држави, британската банка Беркли, франуската Парибас, германската Дојче банк и швајцарската Кредитна банка.

Се на се, како што оценуваат дел од аналитичарите, светската економска перспектива денес е многу потемна отколку во почетокот на есента.

Ризиците се толку акутни што некои економисти се подготвени да се обложат дека во идната година светот ќе се соочи со рецесија.

Кризата во еврозоната се влоши откако таа ги зафати Италија и Шпанија, а сега чука на вратата на Франција.

Како и да е, пишува Фајненшал тајмс, светот останува опасно место со економии кои се уште заздравуваат од кризата во 2008 годината и со голема несигурност во однос на тоа колку тие можат да генерираат самоодржлив развој.

По робустното заздравување во 2010 година, оваа година е големо разочарување.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG