Достапни линкови

ЕУ пред фискална унија, светот пред рецесија


Претседателот на Франција Николас Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел.
Претседателот на Франција Николас Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Бундестагот изјави дека европските држави се движат кон создавање фискална унија со строги правила. Нејзиниот говор доаѓа еден ден откако францускиот претседател Никола Саркози изјави дека Франција и Германија планираат да поттикнат нов договор за Унијата со кој ќе се воведе буџетска дисциплина во 17 земји на еврозоната.

Во говорот во германскиот парламент Ангела Меркел изјави дека на самитот на Европската унија во наредната недела Германија и Франција ќе предложат промени на европскиот договор за превенција на распаѓањето на еврозоната.

„Иднината на еврото е интегрален дел од европското единство. Патот пред нас е долг и нема да биде лесен, но убедена сум дека е вистинскиот. Тоа е вистински пат за да се постигне заедничката цел: силна Германија во силна Европската унија од што корист ќе имаат луѓето во Германија и во Европа.“

Вчера во францускиот град Тулон, Никола Саркози рече дека Европската унија ќе треба да донесе многу важни одлуки во наредните денови за да го спаси еврото, но и Унијата.

„Стравот се врати. Тој страв ја уништува довербата и ги парализира потрошувачите што пак ги спречува инвеститорите да инвестираат, шефовите да вработуваат и банките да позајмуваат. Тој страв има име: тоа е стравот дека Франција ќе ја загуби контролата врз својата судбина“, изјави Саркози.
Иднината на еврото е интегрален дел од европското единство. Патот пред нас е долг и нема да биде лесен, но убедена сум дека е вистинскиот. Тоа е вистински пат за да се постигне заедничката цел: силна Германија во силна Европска унија.


Тој изрази очекување дека тоа може да биде избегнато со нов економски циклус што би ја решило должничката криза, циклус што би бил проследен со промени во економските политики на развиените земји.

„Почнува нов економски циклус. Тој ќе биде многу позначаен од претходниот и ќе биде циклус на решавање на должничката криза што ќе влијае врз враќање на рамнотежата меѓу работата и производството во развиените земји.“

Саркози и Меркел се очекува да се сретнат в понеделник за да ги допрецизираат заедничките предлози кои ќе бидат презентирани на самитот на Европската унија на 9 декември.

На овој самит се гледа како на последна шанса за евролидерите да се согласат околу потезите за спречување на колапсот на еврото кој е под огромен притисок на должничките кризи во Грција, Италија, но и во други земји не само во Европа.

Дека светот, поради должничката криза во Европската унија и мерките за штедење, е во опасност од влегување во втора рецесија потврдува и Одделот на Обединетите нации за економски и социјални прашања. Во последниот извештај се предвидува дека во идната година ќе има пораст од само 2,6 отсто, од 4 проценти годинава.

„Имаме ситуација каде што може да бидеме изложени на двоен ризик, но во секој случај многу е веројатно дека ќе има натамошно забавување на економијата. Тоа најмногу ќе се почувствува во развиените земји, што секако ќе ги погоди и оние во развој“, изјави Џомо Кваме Сундарам, помошник на генералниот секретар за економски развој.

Тој додава дека земјите во развој догодина ќе имаат пораст од 5,4 проценти, додека развиените само 1,3 насто. Најмал пораст се очекува во Европската унија 0,7 проценти.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG