Достапни линкови

Вести

Попоски-Македонија направи компромиси во спорот со името

Министерот за надворешни работи Никола Попоски
Министерот за надворешни работи Никола Попоски

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за Катимерини изјави дека Македонија во спорот со името направила многу компромиси, како што се промена на Уставот, знамето, прифаќање на привремено име во ОН. Според него, Македонија не сака да има таков апсурден спор со Грција со која има исти стратешки интереси. Но, како што наведува, за успешен исход треба на земјата да и се даде впечаток дека не ја бараат и нејзината душа. Тој нагласува дека и двата народи се горди и „среќата на посилниот не треба да се бара врз грбот на соседот“.

Во однос со соработката меѓу Македонија и Грција во врска со кризата со мигрантите и бегалците, Попоски рече дека двете земји имаат заедничка цел и оти комуникацијата е подобрена.

види ги сите денешни вести

Последните политички пораки пред изборниот молк

Илустрација, архивска фотографија од Претседателски избори 2024
Илустрација, архивска фотографија од Претседателски избори 2024

Кој ќе биде власт, а кој ќе биде опозиција? На ова прашање политичките партии се обидоа да дадат одговори и побараа поддршка од симпатизерите во нивните говори на изборните митинзи во последниот ден од парламентарната изборна кампања.

Опозициската ВМРО- ДПМНЕ од Прилеп испрати порака дека на овие избори може да достигнат и до 61 пратеничко место. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска изјави дека сите досегашни обвинувања за корупција и криминал ќе решаваат преку правни канали, и како што тврди нема да има одмаздичко однесување.

„СДСМ треба својот пораз да го бара не само во изминатите неколку месеци, туку уште во корона кризата кога направиле злоупотреба на државните ресурси, институции“, изјави Мицкоски.

Од владејачката СДСМ во центарот на Скопје од плоштадот Јадран, побараа од граѓаните да размислат кому ќе ја дадат поддршката затоа што, како што велат, нивната одлука може да има сериозни последици.

„Пред да го заокружите бројот, убаво размислете каква иднина замислувате за Македонија, каква држава сакате за вас и вашите деца“, изјави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

На само неколку часа пред изборниот молк некогашните сопартијци лидерите на СДСМ и ЗНАМ Димитар Ковачевски и Максим Димитриевски си разменија жестоки критики. Ковачевски го обвини Димитриевски дека неговата партија ја основал во „Белата Палата“. Димитривски пак, тврди дека Ковачевски и неговите сопартијци ја напуштиле социјалдемократската идеологија поради лични интереси.

Претходно денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот колега од коалицијата Вреди Арбен Таравари се сретнаа во седиштето на коалицијата на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека на средбата се разговарало за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка.

Средбата на Мицкоски и Таравари се случува само на два дена пред вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Таравари беше еден од седуммината кандидати за претседател, но не влезе во вториот круг на изборите. Тој во првиот круг освои 83.337 гласови.

На ова средба следуваше и реакција од коалицијата „Европски Фронт“.

„Секој глас за „Вреди“ е глас за ВМРО-ДПМНЕ“, напиша потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, коментирајќи ја нивната средба.

Инаку, на истиот плоштад во Тетово вечерва својот завршен митинг го одржува и коалицијата Вреди. Првично, двете коалциии ги закажаа завршните митинзи во исто време, но потоа Европскиот фронт се повлече и го организираше еден ден порано односно во недела.

Во меѓувреме денеска полицијата во Тетово соопшти дека до нив пристигнале пријави за оштетени билборди и реклами паноа на една политичка партија.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението.

На 8 мај, граѓаните ќе гласаат на двојни избори, ќе може да гласаат за избор на претседател и за избор на 120 пратеници.

Белград се подготвува за добредојде на кинескиот лидер

Белград се подготвува за посетата на кинескиот лидер Си Џинпинг
Белград се подготвува за посетата на кинескиот лидер Си Џинпинг

Српскиот главен град Белград е украсен со кинески знамиња и транспаренти пред посетата на претседателот Си Џинпинг на земјата на 7-8 мај, додека кинескиот лидер се обидува да стекне економско и политичко влијание за време на неговата европска турнеја.

Џинпинг кој денеска (6 мај) се среќава со францускиот државен врв во Париз, треба утре да пристигне во Србија на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој одржува блиски врски со Пекинг и Москва, а исто така се обидува да ги задржи односите со Западот поради надежите на земјата за евентуално членство во Европската Унија.

Кинескиот претседател доаѓа во Белград шест месеци по посетата на Вучиќ во Пекинг, при што Србија и кинеските претставници потпишаа договор за слободна трговија во присуство на двајцата лидери на меѓународниот форум „Појас и пат“.

Кинескиот лидер подоцна ќе отпатува во Будимпешта каде ќе се сретне со десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан, кој исто така одржува блиски врски со Русија и Кина и покрај тоа што е земја членка на ЕУ.

Фокусот на европското патување на кинескиот лидер е економските врски на Кина со Европа и ескалацијата на трговските тензии меѓу Пекинг и Брисел. Но, позицијата на Кина за руската војна во Украина, исто така, го зазема централно место на лидерските средби.

Кина се обиде да одигра поголема дипломатска улога околу војната во Украина, иако претставниците на ЕУ изразија сомневање за улогата што Пекинг може да ја игра во секој иден мировен процес со оглед на неговите блиски врски со Русија.

Ирански активист осуден на смртна казна поради пост на социјални мрежи

Илустрација, карикатуристи изразуваат противење на честата употреба на смртна казна во Иран
Илустрација, карикатуристи изразуваат противење на честата употреба на смртна казна во Иран

Ирански суд го осуди активистот Махмуд Мехраби на смрт поради објавување пораки со критика за Исламската република на социјалните мрежи. Тој бил осуден за кривично дело именувано како „корупција на Земјата“, што се смета за најсериозното дело според иранскиот исламски кривичен законик.

Адвокатот на Мехраби, Бабак Фарсани, на 5 мај напиша на социјалните мрежи дека има „сериозни проблеми“ со пресудата за која се надева дека ќе помогне да се укине од страна на Врховниот суд.

Според изјавите на неговата сестра Хајар Мехраби, која живее во Австрија, Мехраби бил уапсен во февруари 2023 година и ги поминал последните шест месеци во затвор каде се чуваат опасни криминалци.

Таа за Радио Фарда на РСЕ на 5 мај изјави дека нејзиниот брат бил меѓу десетиците илјади луѓе кои протестираа за време на немирите „Жени, живот, слобода“ во 2022 година.

Протестите беа иницирани од смртта на Махса Амини, девојка која почина во полициска станица, откако беше приведена поради наводно несоодветно почитување на строгиот кодекс на облекување на Иран за жените.

Тумаџ Салехи, иранскиот рапер осуден на смрт и покрај глобалните протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00


Мехраби објави повици за протести на својот профил на социјалните мрежи и беше обвинет за „ширење лажни вести“, рече неговата сестра.

„Судијата му рече: „Не гледам жалење во твоите очи, затоа те осудив на смрт“, додаде таа.

Обвинението за „корупција на Земјата“ обично се покренува против сериозни кривични дела, како што се убиства, трговија со дрога и случаи на финансиска корупција од висок профил. Останува нејасно што точно објавил Мехраби на интернет за да биде обвинет за такво кривично дело за кое според исламскиот кривочен законик се осудува со смртна казна.

Ова за една недела е втор случај со пресудена смртна казна. Претходно суд во иранскиот град Исфахан го осуди на смрт популарниот ирански рапер Тумаџ Салехи за неговите антиестаблишмент песни.

Организациите за заштита на човекови права остро ги критикуваа иранските власти за нивната широка употреба на смртната казна.

„Иранските власти безмилосно спроведуваат егзекуција. Затворите низ целата земја станаа места на масовни убиства одобрени од државата под превезот на судски егзекуции“, објави неодамна Амнести интернешенел.

Лајен: Очекуваме Кина да изврши притисок врз Русија за прекин на војната со Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот лидер Си Џинпинг и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот лидер Си Џинпинг и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Европската унија смета дека Кина ќе изврши притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина.

„Сметаме на Кина да го искористи сето свое влијание врз Русија за да стави крај на руската агресивна војна против Украина“, изјави таа по средбата со кинескиот претседател Си Џингпинг и францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата.

„Претседателот Си одигра важна улога во деескалацијата на неодговорните нуклеарни закани на Русија и уверена сум дека ќе продолжи да го прави тоа во контекст на тековните нуклеарни закани на Русија“, истакна Фон дер Лајен.

Патувањето на Си Џинпинг во Европа доаѓа кога Кина има за цел да одигра поголема дипломатска улога околу војната во Украина, додека сè уште ги чува своите силни врски со Москва.

Петдневната европска турнеја на Си, која започнува на 5 мај, доаѓа додека Киев се соочува со неуспеси на бојното поле и прашања за идните нивоа на западна воена поддршка.

Од целосната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година, Кина тврди дека е неутрална во конфликтот, но исто така продолжи да ги продлабочува своите политички и економски врски со Русија.

Германија го повика својот амбасадор во Русија на консултација во Берлин

Архивска фотографија, Геранскиот амбасадор во Русија, Александар Граф Ламбсдорф
Архивска фотографија, Геранскиот амбасадор во Русија, Александар Граф Ламбсдорф

Германското Министерство за надворешни работи го повика својот амбасадор во Русија, Александар Граф Ламбсдорф, на консултации во Берлин, откако ја обвини Москва за хакерски напади.

Амбасадорот ќе остане во Германија една недела, па ќе ја пропушти инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, јавува сервисот на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

На 3 мај Берлин ја обвини Русија за напади врз приватни интернет сметки на членовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД).


Шефот на германската дипломатија Аналена Барбок изјави дека рече дека руски воени хакери стојат зад хакерската операција, која траеше со месеци, и дека дејствијата на Москва се „неприфатливи и нема да поминат без последици“.

Москва негира вмешаност.

Инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин е закажана за 7 мај во Москва, а на состанокот се поканети претставници на земјите од Европската унија.

Руските пратеници забранија „странски агенти “ да учествуваат во избори

Илустрација, Рускиот парламент
Илустрација, Рускиот парламент

Руските пратеници во државната Дума, на 6 мај го одобрија предлог законот со кој ќе им се забрани на луѓето кои се наоѓаат на руската контроверзната листа на „странски агенти“ да учествуваат на федерални, регионални и локални избори.

Предлог-законот беше предложен од група пратеници откако неколку опозициски политичари кои беа означени како „странски агенти“ ги објавија своите планови да се пријават за општинските избори во Москва закажани за септември.

Русија ги користи своите таканаречени закони за „странски агенти“ во изминатата деценија за да ги етикетира и казнува критичарите на владините политики.

Предлог-законот беше усвоен едногласно од сите пратенички групи во рускиот парламент.

Според документот, руските граѓани означени како блиски со „странските агенти“ ќе треба да наведат информации за ова во сите материјали за изборната кампања.

Дополнително, на „странските агенти“ ќе им се забрани да извршуваат функции во државните и општинските органи и да бидат членови на изборни комисии.

Законот, исто така, предвидува предвремено престанок на овластувањата на „странските агенти“ во владините тела. Тоа ќе се случи 180 дена по стапувањето на сила на законот, под услов дотогаш да не му биде укинат статусот на сопственикот во регистарот.

Законот за „непожелна организација“, усвоен во 2015 година е регулатива поддржана од Кремљ за невладините организации кои добиваат финансирање од странски извори. Ознаката се применува на десетици странски групи, откако Москва почна да ја користи класификацијата и ефикасно да забранува организации.

Заедничка вежба на КФОР, Еулекс и косовската полиција

Илустрација, војници на КФОР во Косово
Илустрација, војници на КФОР во Косово

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, заедно со Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС и полицијата на Косово утре ќе одржат заедничка вежба, насловена „Златна сабја 2024“.

Во соопштението на КФОР е наведено дека целта на вежбата што ќе се одржи во кампот Врело е да ги тестира вештините за спроведување заеднички процедури во справувањето со можни кризи и безбедносни сценарија.


Според соопштението, во вежбата ќе бидат вклучени голем број на војници, возила и опрема кои ќе дејствуваат низ областа Врело.

„’Златна сабја 2024‘ е одраз на нашата долгорочна соработка и посветеност за поддршка на стабилна безбедност на цело Косово, за доброто на заедниците“, се вели во соопштението на КФОР.

Командантот на КФОР, Озкан Улуташ вели дека оваа вежба ја симболизира посветеноста на мисијата на мирот и стабилноста на Косово и ќе ја покаже подготвеноста за зачувување на регионалната стабилност.

КФОР го спроведува својот мандат на ОН, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 1999 година, да обезбеди безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово, како и слобода на движење, во секое време и непристрасно.

ЕУ одлучи да стави крај на правниот „судир“ со Полска

Илустрација
Илустрација

Европската унија во понеделникот (6 мај) одлучи да го прекине својот 6-годишен спор со земјата-членка на Унијата, Полска, велејќи дека полскиот премиер Доналд Туск ги иницирал неопходните промени, со кои ќе се измени, како што го нарече ЕУ, назадувањето на демократските принципи од претходната влада во Полска.

Одлуката на ЕУ да го повлече својот случај во врска со жалбите за владеење на правото уследи по одлуката во февруари кога почна да ослободува милијарди евра што ги замрзна поради спорот.

„Денес се означува ново поглавје за Полска.Тековното обновување на владеењето на правото во Полска е одлично за полскиот народ и за нашиот сојуз како целина“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

ЕУ и Полска беа во несогласувања откако националистичката партија Право и правда дојде на власт во 2015 година и спроведе реформи за кои критичарите велат дека го ставија полското судство под политичка контрола.

ЕУ се закани дека ќе ги суспендира гласачките права на Полска во ЕУ и го блокираше нејзиниот пристап до фондовите на ЕУ.

Туск напорно работеше откако ја презеде функцијата во декември за да ги поништи мерките.

Одлуката од понеделник допрва треба да им биде дадена на 27-те земји-членки на ЕУ.
Полската проевропска коалиција на три партии од левиот центар предводена од Туск победи на парламентарните избори на 15 октомври, наследувајќи ја власта од партијата Право и правда, која исто така воведе промени во репродуктивните права и медиумите што ја ставија Полска во „судир“ со ЕУ.

Италијанскиот фудбал пред нов финансиски предизвик

Илустрација, италијански фудбалски клубови
Илустрација, италијански фудбалски клубови

Италијанската влада планира да формира регулаторно тело кое ќе ги надгледува финансиите на професионалните спортски клубови. Овој план во понеделникот (на 6 мај) предизвика јавен спор со шефот на италијанскиот олимписки комитет (CONI) и други спортски работници.

Регулаторот ќе има надлежност да го надгледува „економското и финансиското управување“ на клубовите во спортови како што се фудбалот и кошарката за да се осигура дека тие се и здрави и одржливи, се вели во нацрт-владините предлози во кои имаше увид новинската агенција Ројтерс.

Предлозите се слични на британските, каде се планира да се назначи регулатор за англискиот фудбал. Британскиот план се уште го разгледуваат пратениците.

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) ќе разговара за тоа како да одговори на предлогот на посебен состанок во понеделник навечер, изјави официјален претставник.

Спортските работници во Италија се загрижени дека мерките би можеле да ги прекршат правилата за да се спречи политичко мешање во спортот.

„Имам сериозни сомневања дека овој предлог ќе биде прифатен од меѓународните спортски тела“, рече претседател на италијанскиот олимпски комитет Џовани Малаго во интервју за весникот La Repubblica.

„Ако не, ризикуваме да се залажуваме на светската сцена и, за жал, тоа не би било првпат една италијанска влада да се најде во таква позиција“, додаде тој.

Министерот за спорт Андреа Абоди возврати, велејќи дека има јасен простор за подобрување во начинот на кој се управуваат особено фудбалските клубови.

„Штета е што не се крена истата врева кога даночните долгови за над 100 милиони евра за професионалните клубови во првите три дивизии беа отпишани само во последните две години“, изјави тој за италијанското радио Раи.

Мерките се очекува да бидат дел од поширокиот спортски декрет што ќе го претстави владата кон крајот на овој месец.

Русија најави вежба за тактичка нуклеарна подготвеност

Илустрација
Илустрација

Руското министерството за одбрана на 6 мај објави дека планира вежби со тактичко нуклеарно оружје. Ова соопштение доаѓа откако Велика Британија и Франција излегоа со изјави кои се чини дека покажуваат зголемена вклученост во повеќе од 2-годишниот конфликт со Украина.

Русија, лута поради, како што вели, „провокативните изјави“ од Западот, планира да спроведе воени вежби за да се осигура дека е подготвена да користи тактичко нуклеарно оружје.

Откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, односите меѓу Русија и Западот се влошија на најниско ниво од крајот на Студената војна, при што западните сојузници на Киев ја дадоа својата поддршка зад борбата на Украина за одбивање на убедливо супериорните руски сили.

„Со цел да се зголеми подготвеноста на нестратегиските нуклеарни сили за извршување борбени мисии, Генералштабот започна со подготовки за одржување вежби во блиска иднина со ракетни формации на Јужниот воен округ со вклучување на авијацијата, како и силите на морнарицата“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана на Телеграм.

Во соопштението не се наведува дали проектилите ќе бидат опремени со нуклеарни боеви глави.

„За време на вежбата ќе се спроведат сет активности за вежбање на подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје“, се вели во соопштението и се додава дека вежбата ќе се спроведе по наредба на рускиот претседател Владимир Путин.

Улогата на стратешкото нуклеарно оружје е да ги погоди непријателските цели далеку од линијата на фронтот, додека тактичкото нуклеарно оружје е дизајнирано да се користи на боиштата.

Вежбата има за цел да ја зголеми способноста на руската војска „да го обезбеди територијалниот интегритет и суверенитет на руската држава како одговор на провокативните изјави и заканите на одделни западни функционери против Руската Федерација“, се вели во соопштението, без да се наведат повеќе детали.

Минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон ја повтори изјавата дека неговата земја не може да ја исклучи можноста за испраќање војници во Украина за да и помогнат во војната.

Во меѓувреме, минатата недела властите во Обединетото Кралство се чини дека му дадоа зелено светло на Киев да користи оружје со долг дострел испратено во Украина за да напаѓа цели во Русија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG