Достапни линкови

Истрагата за местење натпревари во ФФМ под превезот „тајна“


Отворена истрага за местење фудбалски натпревари
Отворена истрага за местење фудбалски натпревари

Еден месец по запленувањето на документација од ФФМ, полицијата нема епилог од истрагата поврзана со местење натпревари. Од меѓународните организации УЕФА и „Спортрадар“ не откриваат детали. Фудбалските фанови чекаат одговор дали има опасност за првенството? Синдикатот бара крај за сомнежите.

Кои се наместените фудбалски натпревари кои ги истражува Министерството за внатрешни работи (МВР) и после еден месец од влегувањето во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), се уште не се открива.

На 29 март 2024 е запленета документација која ќе помогне во истрагата на МВР, но од ФФМ не одговорија на испратените прашања од РСЕ . Тогаш преку соопштение информираа дека соработуваат со истражните органи.

„Министерството за внатрешни работи побара информации од Фудбалската федерација на Македонија кои првенствено се однесуваат на акти кои го регулираат натпреварувањето, записници од официјални натпревари во рамки на натпреварувања во организација на ФФМ, потоа распоред од календарот на натпреварувањата во домашните првенства“, напиша тогаш ФФМ во соопштението.

Според неофицијални информации до кои дојде РСЕ од Федерацијата истрагата трае подолго време. Почнала откако „Спортрадар“ што е компанија која соработува со УЕФА за да препознава сомнителни натпревари, забележала необични случувања во македонските клубови и ги известила своите партнери УЕФА и Интерпол кои побарале соработка со македонските власти.

„Мора да знаете за кои точно натпревари се работи бидејќи ние следиме илјадници натпревари и мора да провериме што конкретно имаме баш за тој натпревар кој е предмет на ваш интерес. Но мора да знаете и дека ние сме партнери со ФИФА и УЕФА и мониторираме прва и втора лига на федерациите кои се членови на овие организации. Тоа значи и македонските лиги. И доколку идентификуваме нешто сомнително ексклузивно ја информираме УЕФА за тоа“, вели Андреас Краних, извршен потпретседател за интегритет, заштита на права и приходи во Спортрадар.

Радио Слободна Европа испрати прашања и до прес службата на УЕФА, но од таму велат дека во оваа фаза од постапката немаат информации кои можат да ги споделат со јавноста.

„Ве молиме имајте предвид дека во согласност со својата долгогодишна практика, УЕФА се воздржува од коментари за истрагите или дури и од постоење на потенцијални истраги за наводни местење натпревари за да не се компромитираат истражните процеси“, се вели во одговорот од УЕФА.


И покрај обидите Радио Слободна Европа да добие одговори на оваа тема сепак од МВР молчат. За сега надлежен за случајот со сомнежите за местење натпревари е Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, потврдуваат од државното обвинителство и покрај тоа што, според информациите, се работи за клубови кои не се само од Скопје, и што обично за вакви дела е надлежно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Неофицијално, се истражуваат пет клубови од домашното првенство и два второлигашки. Последна јавно објавена иформација за сомнителен натпревар беше онаа од август 2023 година, за натпреварот меѓу Македонија Ѓорче Петров и РФС од Летонија кои играа во рамки на Конференциската лига. Тогаш странските медиуми објавија дека под истрага на УЕФА е натпреварот кој го загуби македонскиот клуб со 4:1, но и за ова нема официјална потврда од ФФМ.

Ризици за домашното првенство?

Фудбалскиот синдикат бара што е можно поскоро да се стави крај на сомнежите бидејќи велат дека оваа истрага трае веќе подолго време, а УЕФА и ФИФА ја иницирале преку Интерпол.

Претседателот на синдикатот Панче Ќумбев вели дека оправдани сомнежи има, но за се треба докази. Како пример ја посочува Шпанија каде исто така во моментов има истрага и можно е Шпанија да биде дисквалификувана од европското првенство. Ова го отвора прашањето за домашното првенство.

„Ако може на Шпанија ова да и го направат можете да замислите што може нас. Се надевам дека ќе ги решат работите, бидејќи во нашата федерација мора да има промени, лигата ни е најслаба во Европа. Мора да се спречат сите нечесни работи и тој што го сторил тоа да се казни на начин што ќе се суспендира доживотно. Ако не се исчисти фудбалот од криминал и местенки за жал нема да имаме фудбал“, вели Ќумбев.

Како поранешен репрезентативец и фудбалер кој играше во неколку полски клубови меѓу кои и Легија, објаснува како им е на играчите.

„Јас сум бил и фудбалер и можам да замислам и знам како се чувствува еден фудбалер кој би требало да игра на таков натпревар. Тоа е катастрофа, од една страна човечки, а од друга и спортски. Да мораш да импровизираш за друг да даде гол или пак да мора да направиш прекршок за црвен картон. Ние сме за чист фудбал, за играчите да бидат чесни, а ако има вмешани и играчи тогаш и тие би требало да бидат казнети“, вели Ќумбев.

Според спортскиот новинар и колумнист Милорад Стојмановски, ФИФА и УЕФА обично „покажуваат мускули“ на послабите и помали федерации за да покажат и тие некаков резултат во борба со корупција во фудбалот. Вели дека можеби не е случајно што токму сега излегува оваа афера поврзана со ФФМ, но која може многу да влија врз домашното првенство.

„Како држава си се обврзал дека ќе учествуваш во оваа борба против корупцијата, но конкретни резултати внатре немало освен ако не се лажам една пресуда против фудбалер на „Силекс“ за наместен натпревар и тоа беше некоја симболична казна. Сегашниот случај може да изроди казни за некои клубови што би влијаело на домашното фудбалско првенство, бидејќи се споменуваат голем број на клубови. Се зависи од степенот до кој се отишло во местењето, колку пари се фатени во игра и колку луѓе се вмешани“, вели Стојмановски.

Фудбалски функционери од Северна Макеоднија вмешани во скандали во странство

Името на Драган Силјановски од пред повеќе од еден месец може да се најде на сајтот на ФФМ како директор на младинската репрезентација до 21 година. Во неговата биографија пишува дека по потекло е од Кичево, имал долгогодишна фудбалска кариера во Напредок, Победа, Слога Југомагнат и Шкендија, а како интернационалец кариерата ја поминал во белгиски Антверпен.

Тој во првата изјава дадена за македонските медиуми вели дека секогаш бил посветен на зајакнување на односите меѓу сите во тимот и на добар резултат.

„Се надевам дека со моето искуство ќе донесам некоја нова динамична енергија и во репрезентацијата до 21 година“, вели Силјановски.

Но, ако се провери неговото име на интернет можат да се најдат многу написи за неговата вмешаност во таканаречената акција „Чисти раце“ на белгиската полиција и обвинителство од 2018 та година. Тогаш за можно местење натпревари, перење пари и скриени исплати во фудбалски трансфери имаше истраги и рации во 7 земји меѓу кои и во Северна Македонија и Србија, а Силјановски беше поврзуван токму менаџерот од Србија, Дејан Вељковиќ. Според пишувањата на медиумите тој беше условно ослободен и излезе на слобода со кауција.

РСЕ испрати прашања до ФФМ и на оваа тема, но до објавувањето на текстот не добивме одговори.

Уште еден скандал кој датира уште од 2012 години е оној поврзан со името на Христијан Илиевски кој беше обвинет за местење на натпревари во италијанската Калчо лига. После три годишно криење од тамошните власти сам се предаде.

Доби условна затворска казна, откако на судењето сведочел за тоа што се случувало. Во истиот мегаскандал кој ја тресеше Калчо лигата беше обвинет и Раде Трајковски Штекли кој пак беше екстрадира од Атина во Италија за да сведочи на судскиот процес.

Тој минатата година избегна два обиди за убиство кога кон него беше стрелано во трговскиот центар Ист Гејт.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG