Достапни линкови

Вести

Бомбашки напади во Пакистан, 24 загинати

Пакистан, архивска фотографија
Пакистан, архивска фотографија
Најмалку 24 луѓе загинале, а повеќе од 40 се повредени во два одвоени бомбашки напади во северозападниот дел на Пакистан, соопштуваат тамошните власти. Според нив, 18 луѓе биле убиени, а повеќе од 30 повредени во експлозија на бомба која била поставена на влезот на една пекарница, а била активирана со далечински управувач. Зад нападот стојат пакистанските милитанти. Неколку часови подоцна, во друг напад, исто така во северозапарен Пакистан, во близина на Пешевар загинале шест луѓе, а 12 се повредени, кога експлодирала бомба во автобус. Нападите доаѓаат на само два дена откако во воздушни напади на НАТО, беше убиен еден од лидерите на милитантите во Пакистан, Иљас Кашмири.

види ги сите денешни вести

Руската ФСБ тврди дека ликвидирала наводен украински саботер

ФСБ (архивска фотографија)
ФСБ (архивска фотографија)

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во петокот (3 мај) соопшти дека нејзини офицери „ликвидирале“ агент на украинското воено разузнавање, кој наводно допатувал од Литванија за да изврши „терористички акти“ против воени и енергетски објекти во регионите на Москва и на Ленинград.

ФСБ не го откри идентитетот на „саботерот“, но рече дека тој е руски државјанин, роден во 1976 година.

Како што наведува руската служба, тој „при апсењето пружил вооружен отпор со огнено оружје и бил ликвидиран“.

Украина сè уште не излезе со коментар за овие наводи.

Полицијата ги протера пропалестинските демонстранти од Универзитетот во Њујорк

Полиција на Универзитетот во Њујорк, 3 мај 2024 г.
Полиција на Универзитетот во Њујорк, 3 мај 2024 г.

Американската полиција денеска (3 мај) ги протера студентите - пропалестински демонстранти, од Универзитетот во Њујорк по повик од претставниците на институцијата.

Ова е последна од низата полициски акции по неколкунеделните пропалестински протести во универзитетските кампуси низ САД, во кои беа уапсени речиси 2.200 луѓе.

Полицијата често интервенираше со опрема за сузбивање демонстрации – со тактички возила и шок-бомби за да се отстранат шаторите што ги поставија студентите во окупираните студентски згради.

На социјалната мрежа Икс, заменик-полицискиот комесар Каз Датри напиша дека од Универзитетот во Њујорк побарале полициска помош за разбивање на нелегален шаторски камп на имотот на Универзитетот. Тој наведе дека полицијата е на Универзитетот, а засега нема информации за евентуални апсења.

На почетокот на оваа недела, повеќе од 100 луѓе беа приведени за време на полициската акција на Универзитетот Колумбија, исто така во Њујорк, каде што започнаа протести и поставување шатори поради војната на Израел со милитантната група Хамас која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка.

Од 18 април, агенцијата Асошиејтед Прес има регистрирано најмалку 56 случаи на апсење на 43 различни универзитети во Америка. Оваа информација се заснова на известувањата на новинската агенција, како и на изјавите од универзитетите и полицијата.

Вчера во утринските часови, полицијата дејствуваше и против толпата демонстранти на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, каде што беа приведени најмалку 200 демонстранти бидејќи стотици одбија да ги послушаат наредбите за растерување, а некои формираа „жив ѕид“ пред полицијата.

Во акцијата, полицијата демонтирала барикади од дрво, метални огради и корпи за отпадоци, а потоа ги отстранила и шаторите.

Со протестите кои се проширија ширум универзитетските кампуси низ САД, студентите бараат универзитетите да престанат да соработуваат со Израел, но и компаниите за кои сметаат дека ја поддржуваат војната во Појасот Газа.

Израел ги осуди протестите како антисемитски, додека израелските критичари велат дека земјата ги користи ваквите обвинувања за да ги замолчи противниците.

Иако некои демонстранти со видеозаписи се забележани како даваат антисемитски изјави или имаат насилни закани, организаторите на протестот, од кои некои се Евреи, велат дека тоа е мирно движење за одбрана на палестинските права и протест против војната.

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот го бранеше правото на студентите на мирни протести, но ги осуди немирите предизвикани во кампусите во последните денови.

Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите од Хамас на 7 октомври извршија напад врз Израел при што загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, покажуваат податоците од израелските власти.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 сè уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која, според Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, досега загинаа повеќе од 34.500 луѓе – две третини од нив жени и деца, а ранети се повеќе од 77.800.

Рудар во БиХ затрупан 170 метри под земја, во тек е спасувачка акција

Несреќа во рудникот „Крека“ кај Тузла, 22.02.2015 г. (архивска фотографија)
Несреќа во рудникот „Крека“ кај Тузла, 22.02.2015 г. (архивска фотографија)

Во рудникот за лигнит „Мрамор“ кај Тузла во Босна и Херцеговина, дошло до одрони на земјиште при што е затрупан еден рудар.

„Несреќата се случи во раните утрински часови на 3 мај. Рударот беше затрупан во урнатините. Засега не успеваме да дојдеме до нашиот колега“, изјави за Радио Слободна Европа, Зухдија Токиќ, претседател на синдикатот на рудникот за јаглен „Крека“.

Според Токиќ, несреќата се случила на длабочина од повеќе од 170 метри и вели дека рударите и спасувачките единици вложуваат натчовечки напори и сите се надеваат дека ќе стигнат до рударот, како и дека тој е жив и здрав.

Министерството за внатрешни работи на кантонот Тузла соопшти дека федералниот рударски инспектор и полицијата го обезбедуваат местото на настанот.

„За се е известен дежурниот обвинител, а сите понатамошни мерки и дејствија ќе бидат преземени по наредба и под надзор на Обвинителството“, информираат од Министерството.

Ведран Лакиќ, министер за енергетика, рударство и индустрија на БиХ рече дека е во постојан контакт со раководството на рудникот и оти се на располагање за секаков вид помош со цел да се најде рударот што е можно.

Тој изјави дека разговарале и со Санел Буљубашиќ, директорот на Електропривреда БиХ, под чија надлежност е овој рудник, како и дека тој е на терен и разговара со раководството на рудникот и со спасувачкиот тим. Разговараат и со семејството на рударот за да им пружат поддршка.

Фабриката „Мрамор“ ја започна својата експлоатација во 1958 година и е еден од ретките преостанати подземни рудници за јаглен во рамките на „Крека“, најстариот рудник во Босна и Херцеговина, кој има околу 2.000 вработени.

Тој е еден од седумте рудници на територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина.

Рудникот со години се соочуваше со финансиски проблеми. Поради неплатени даноци, сметките на рудникот во неколку наврати беа блокирани, а рударите со штрајк си ги бараа своите права.

Преминот од јаглен, чии резерви во БиХ изнесуваат околу шест милијарди тони, кон обновливи извори на енергија е голем предизвик за БиХ и услов што треба да се исполни на патот кон Европската унија.

Во ноември 2020 година, како дел од Самитот на Берлинскиот процес, Босна и Херцеговина ја потпиша Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан и Декларацијата за заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан.

Декларацијата, меѓу другото, вклучува и поттикнување на данок за емисиите на јаглерод диоксид, развој на пазарни модели за поттикнување на користењето на обновливите извори на енергија, постепено укинување на субвенциите за јаглен, но и затворање на сите рудници за јаглен и термоелектрани до 2050 година.

Бајден повика на ослободување на затворените новинари

Алсу Курмашева во судница во Русија, 1 април 2024 г.
Алсу Курмашева во судница во Русија, 1 април 2024 г.

Американскиот претседател Џо Бајден повика на ослободување на сите затворени новинари, вклучително и Алсу Курмашева од Радио Слободна Европа (РСЕ) и Еван Гершкович од Волстрит журнал, кои се притворени во Русија поради обвиненија што тие, нивните работодавци и нивните поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.

„Новинарството не треба да биде криминал никаде на Земјата“, рече Бајден во изјавата по повод 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.

„Во Русија, американските новинари Еван Гершкович и Алсу Курмашева се затворени во врска со нивната работа за Волстрит журнал и за Радио Слободна Европа/Радио Слобода“, рече Бајден.

Курмашева, новинарка од Прага на РСЕ, која има двојно американско и руско државјанство, се наоѓа во притвор во Русија од 18 октомври под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“.

Станува збор за закон за кој критичарите и групите на борци за права велат дека се користи од Кремљ за сузбивање на секое несогласување.

Курмашева, која има 47 години, е обвинета и за ширење невистини за руската војска и се соочува со казна затвор до 10 години доколку биде осудена.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка во Радио Слободна Европа.

Гершкович, пак, се наоѓа во притвор од март минатата година поради обвиненијата за шпионирање кои тој и весникот жестоко ги негираат, велејќи дека 32-годишникот кога бил уапсен само си ја вршел својата работа како акредитиран известувач.

Москва се обвинува дека приведува Американци со цел потоа да ги користат за пазарење за размена на затворените Руси во САД.

„На Светскиот ден на слободата на медиумите, САД повикуваат на итно и безусловно ослободување на сите новинари кои се ставени зад решетки затоа што едноставно ја извршуваат својата работа“, рече Бајден, споменувајќи го и Остин Тајс, американски хонорарен новинар киднапиран и држен во Сирија од 2012 година.

Бајден рече дека американската администрација наскоро ќе објави конкретни чекори како одговор на неправилното притворање новинари ширум светот, нарекувајќи ја репресијата на слободата на печатот „тешка закана“ за националната безбедност на Америка.

„Ќе одобрам мерки, вклучително и санкции и забрани за визи, против оние кои преземаат дејствија за да го замолчат печатот“, рече тој.

„Денес и секој ден, ја препознаваме нивната храброст, го поддржуваме нивното право да ја вршат својата работа и стоиме со нив за слободата на печатот“.

Кина лансираше сонда да собира примероци од темната страна на Месечината

Кинеска лунарна сонда (архивска фотографија)
Кинеска лунарна сонда (архивска фотографија)

Денеска (3 мај) Кина лансираше лунарна сонда во мисија да собира примероци од темната страна на Месечината.

Станува збор за најновиот исчекор на се пософистицираната кинеска програма за истражување на вселената, која сега се натпреварува со сè уште светскиот шампион во областа – САД.

Месечевата сонда Чанг-6 беше лансирана на ракетниот носач „Лонг Марш-5“ од центарот Венчанг на островската провинција Хаинан.

Кинеската национална вселенска администрација (ЦНСА) покани околу 50 гости од 12 земји и меѓународни организации да бидат сведоци на лансирањето.

Ударниот кратер, познат како Аполо, лоциран на далечната страна на Месечината, беше треба да биде местото за слетување и собирање примероци.

Кина има тричлена екипа на сопствената вселенска станица во орбитата и нејзината цел е да испрати астронаути на Месечината до 2030 година. Во следните четири години се планирани три кинески мисии на лунарната сонда.

Министерството за одбрана се соочило со фишинг напад

Ministry of defense, North Macedonia
Ministry of defense, North Macedonia

Министерството за одбрана (МО) на Северна Македонија изминатите денови било мета на сајбернапад за што велат дека веднаш реагирале и серверската инфраструктура на институцијата е безбедна.

Станува збор за таканаречените фишинг напади со кој биле компромитирани одреден број кориснички сметки во Министерството.

„’Фишинг‘ кампањите постојано се активни на што исклучок не е ни Министерството за одбрана. Во изминатите денови се соочивме со ’e-mail phishing‘ напад, од кој одреден број кориснички сметки се компромитирани и во нивно име се испраќа е-мејл кој во себе содржи линк преку кој внесените креденцијали се испраќаат до трета страна. По дознавање на случајот веднаш е постапено, преземени се мерки за дополнителна заштита, а серверската инфраструктура на МО е безбедна“, велат од Министерството.

Оттаму апелираат до граѓаните доколку добиле електронска порака од е-мејл од Министерството која завршува со „@mod.gov.mk“ и содржината им е сомнителна, да не ги отвораат линковите и останатите прилози во пораката.

Исто така, повикуваат граѓаните да пријават во Министерството за одбрана.

Фишинг нападите преку е-мејл претставуваат обид за измама на корисниците преку испраќање на лажна порака која изгледа како вистинска.

Руски антивоен активист осуден на 15 години затвор

Ангел Николаев
Ангел Николаев

Воениот суд во рускиот град Хабаровск, кој се наоѓа на далечниот исток, денеска (3 мај) го осуди антивоениот активист Ангел Николаев на 15 години затвор.

Активистот беше обвинет за подметнување пожар врз воен центар за регрутирање, за сквернавење на националното знаме на Русија и за вандализам.

Николаев беше уапсен во јули 2023 година, откако со црвена боја испрска знамиња на гробовите на руските војници убиени за време на тековната инвазија на Москва врз Украина.

Тој се изјасни за невин по обвиненијата за сквернавење и тероризам.

Десетици активисти во Русија се осудени на затворски казни за подметнување пожари врз воени центри за регрутирање откако Кремљ ја започна својата инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Поплави на југот на Бразил, расте бројот на загинати

Снимка од дрон покажува поплавени куќи во областа покрај реката Таквари во градот Енкантадо во Рио Гранде до Сул, 1 мај 2024 г.
Снимка од дрон покажува поплавени куќи во областа покрај реката Таквари во градот Енкантадо во Рио Гранде до Сул, 1 мај 2024 г.

Бројот на загинати од обилните дождови во најјужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 29, соопштија локалните власти во четвртокот вечерта.

За да се справи со драматичната ситуација, Владата прогласи вонредна состојба.

Според податоците на Цивилната одбрана на Рио Гранде до Сул, во невремето, кое предизвика најголемо уништување во последниве години во оваа сојузната држава, исчезнале 60 лица, а 10.242 се раселени во 154 градови.

„Ова не е само уште еден критичен настан, ова е најкритичниот што оваа сојузна држава веројатно го забележала во својата историја“, рече гувернерот на Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите во обраќање преку директен пренос на социјалните мрежи.

Повеќе од 300.000 луѓе, исто така, останаа без струја откако во четвртокот пукна брана на мала хидроцентрала, соопшти главното државно комунално претпријатие.

Вчера, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва ги прелета погодените области и одржа итен состанок со гувернерот Леите во градот Санта Марија.

„Им реков на гувернерот и на моите министри дека федералната влада ќе вложи максимални напори … Ќе се погрижиме за тоа со големо внимание и почит“, рече Лула за време на средбата.

Во видеото објавено на социјалните мрежи, Леите повика на координација во спасувачките акции и рече дека ситуацијата со која се соочува земјата е резултат на климатските промени.

Лула му ветил на Леите дека ќе испрати онолку луѓе колку што е потребно за да помогне во решавањето на ситуацијата, соопшти кабинетот на претседателот.

Бразил изминатиот период се соочи со серија природни катастрофи. Повеќе од 50 луѓе загинаа минатата година во државата Сао Паоло по обилните дождови кои предизвикаа лизгање на земјиште и поплави.

Компаниите негодуваат за враќањето на старите цени за осигурување од автоодговорност

Владата вчера одлучи да се вратат старите цени за полисите за осигурување од автоодговорност (архивска фотографија).
Владата вчера одлучи да се вратат старите цени за полисите за осигурување од автоодговорност (архивска фотографија).

Одлуката да се вратат старите цени за осигурување од автоодговорност е донесена без да се земат предвид анализите на осигурителната индустрија, реагираат осигурителните компании.

Тие наведуваат дека се разочарани од пристрасните тврдења и непрофесионалните квалификации на регулаторото тело Агенција за супервизија на осигурувањата (АСО) врз основа на кои беа вратени цените пред нивното покачување од 25 април.

„Одлуката претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор и е поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“, пишува во дел од реакција на Друштвата за неживотно осигурување.

Осигурителните компании во април ја известија АСО дека ќе ги зголемат цените за полисите за задолжителното осигрување од автоодговорност за 15 отсто за автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати решија да остане иста.

По ова, од АСО реагираа дека тоа е неоправдано и повикаа надлежните да донесат нови тарифи за да се спречи покачувањето.

Потоа, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии даде предлог до Владата која на седница вчера (2 мај) одлучи цените да се вратат на нивото од пред 25 април 2024 година.

Дополнително Владата утврди дека во иднина Комисијата секоја година, најдоцна до 30 септември, ќе доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување.

Репортери без граници: Северна Македонија на 36. место - се создаваат паралелни медиумски системи

Северна Македонија бележи скок од две места на Индексот за слобода на медиумите во споредба со лани.
Северна Македонија бележи скок од две места на Индексот за слобода на медиумите во споредба со лани.

Северна Македонија е на 36. место во годишниот Индекс за слободата на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници во кој се опфатени 180 земји. Во однос на лани, државата бележи скок од две места, но се нотира и длабока политичка поларизација.

Во споредба со земјите од регионот, пак, Северна Македонија е најдобро рангирана. По неа следуваат Црна Гора (40), Словенија (42) и Хрватска (48). Косово е на 75. место, Босна и Херцеговина на 81, Србија на 98 и Албанија на 99.

Сепак, Репортери без граници ја нотираат високата недовербата во медиумите.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, нотира меѓународната организација.

Исто така, се истакнува и дека „владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

Политичка поларизација и паралелни системи

Кога е во прашање политичката клима, се забележува дека целокупното опкружување е поволно за слободата на медиумите, но од друга страна и дека критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

Од Репортери без граници предупредуваат дека поради силната политичка поларизација, медиумите може да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените.

„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создаваат паралелни медиумски системи кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, нотира меѓународната организација.

Во извештајот оттаму искажуваат загриженост и за тоа што со закон повторно се овозможи националните и локалните власти да се рекламираат во приватните медиуми што може да доведе до влијание во медиумите.

Мора да се направи разлика меѓу професионалните портали и плагијаторите

Во согледување на медиумскиот пејзаж во Северна Македонија од Репортери без граници нотираат и дека иако телевизијата е доминантен избор на информации, важна улога играат и онлајн медиумите.

„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и портали со поединци кои прават плагијат и копираат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето на медиумите и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба“, пишува во извештајот.

Кога е во прашање економската ситуација во медиумите, се нотира дека редакциите на некои од главните телевизиски куќи се изложени на економски притисоци од сопствениците.

Државното финансирање, како што се посочува е ограничено и нетранспарентно, а „независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите“.

Сепак, во извештајот се нагласува дека странските грантови за проекти што ги добиваат медиумите придонесуваат само за опстанок, а не и за понатамошен развој.

Се нотира и влијание во некои медиуми од страна на маркетинг агенциите.

Вербални напади

Кога е во прашање безбедноста на новинарите, пак, Репортери без граници посочуваат дека тие често се мета на вербални напади.

„Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки“, пишува во извештајот.

Сепак, се додава, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на медиумите и да ги штитат новинарите и во тој контекст од меѓународната организација потенцираат дека во Скопје бил назначен и специјален обвинител кој ќе ги води случаите со напади врз медиумските работници.

На Индексот за слободата на медиумите за 2024 година што денеска (3 мај) по повод Светскиот ден на слободата на печатот го објавија Репортери без граници, најдоброрангирана е Норвешка, а по неа следуваат Данска, Шведска, Холандија и Финска.

На последните пет места, пак, се Еритреја, Сирија, Авганистан, Северна Кореја и Иран.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG