Достапни линкови

Стејт департмент: Сериозна владина корупција и ограничена слобода на изразување во Северна Македонија


Зградата на Стејт департментот
Зградата на Стејт департментот

Во текот на годината немаше значителни промени во состојбата со човековите права во Северна Македонија, пишува во извештајот на Стејт департментот за состојбите со човекови права за 2023 година.

Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките и во овој извештај. Во него меѓудругото, се додава дека Владата презела ограничени чекори за да ги идентификува и казни оние кои можеби извршиле кршење на човековите права.

Извештајот забележува дека Владата не ги спровела ефикасно кривичните казни за корупција, а се осврнува и на измените во Кривичниот законик, кои „значително ги намалиле обвиненијата и казните за кривичните дела поврзани со корупцијата“.

„Законот предвидуваше кривични казни за корупција од страна на функционери, но владата не го спроведе ефективно законот. Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации (НВО) тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава широки можности за корупција“, се наведува во извештајот.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) објави дека корупцијата генерално се влошува, се наведува меѓудругото во извештајот за состојбата со човековите права на Стејт департментот.

Непотизам, клиентенизам и долготрјна правда во судството

Извештајот потсетува на ланските случувања во Судскиот совет, унапредувања во судството и обвинителството под политичко влијание, без заслуга или транспарентност, но и на недовербата на граѓаните во таков систем.

„Имаше значителни одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери“, се вели во извештајот.

Стејт депарментот забележува дека Владата не секогаш ја почитувала судската независност, иако Уставот предвидува независно судство.

„Уставот предвидуваше независно судство, но владата не секогаш ја почитуваше судската независност и непристрасност. Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недостиг од кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото. Анкетите покажаа силна недоверба на јавноста кон судството. Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството“, се вели во извештајот.

Забележано е дека ОЈО Скопје покрена истрага за наводите дека персоналот на Државната клиника за онкологија крадел лекови за рак и ги продавал на црниот пазар, а граѓаните во многу наврати протестирале за тоа.

Исто така се споменува и случајот со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за кој Комисијата назначена од ОЈО утврдила дека од 2006 година, од приближно 30 случаи во кои бил вклучен Мерко и биле поднесени пред обвинителите, половина биле отфрлени или застарени по различни основи.

Во делот на затворскиот систем се споменуваат проблеми кои се провлекуваат со години назад.

„Затворскиот систем генерално беше сериозно пренатрупан, недоволен персонал и корумпиран, изложувајќи ги затворениците на нечовечки и понижувачки услови. Одредени затвори се мачеа да обезбедат пристап до чиста храна или вода или основни здравствени и образовни услуги за поддршка, особено за малолетниците. Народниот правобранител извести дека лошите услови за живот и несоодветните образовни и рехабилитациони услуги, особено за малолетните девојчиња, го погодуваат затворскиот систем“, пишува во извештајот.

Во него се посочуваат податоци за исходот од пријави против полицајци и затворски чувари за незаконско апсење, малтретирање на затворениците или полициска бруталност, за условите за живот и работа во психијатриските болници, за прекршувања на правата на ранливи групи во однос на пристап до здравствена и социјална заштита, како и за насилство и закани за насилство врз припадници на ЛГБТК заедницата.

Ограничена слобода на изразување

Во однос на слободата на изразување, во извештајот пишува дека слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми и самоцензура.

Заклучно со август, Здружението на новинари има регистрирано четири претставки поврзани со спречување на новинарска должност, физички напади, закани и навреди. Жалбите, се наведува во извештајот „се поради несоодветно однесување“ на претставници на централната и локалната власт, вклучително и премиерот и други министри, членови на политички партии и богати и влијателни бизнисмени.

Извештајот се осврнува и на законската регулатива која може да ја влоши медиумската корупција.

„Независните медиумски здруженија изразија стравување во врска со предложените измени на Законот за аудио и аудио-визуелни услуги, кои би можеле да дозволат владини кампањи од „висок јавен интерес“ да се рекламираат преку комерцијалните радиодифузери. Критичарите тврдеа дека ова може да ја влоши медиумската корупција и уредувачкото мешање. Медиумскиот синдикат извести за случаи на притисоци и закани врз членовите поради спротивставување на овие амандмани“, пишува во извештајот за човековите права на Стејт депарментот.

Во делот на интеренет цензура, наведено е дека Владата не го ограничила или нарушија пристапот до интернет и не цензурирала онлајн содржини, а немало ни веродостојни извештаи дека владата ги следела приватните онлајн комуникации без соодветно законско овластување.

Влошување на човековите права во Русија, Иран, Авганистан

Генералните заклучоци се дека најмногу се влошиле човековите права во Русија, Иран, Авганистан. Извештајот наведува дека Русија продолжила да покажува бесрамно непочитување на човековите права и во нејзината неиспровоцирана војна против Украина и во односот кон сопствените граѓани во текот на изминатата година. Извештајот исто така ги нагласува злоупотребите извршени од иранскиот теократски режим и малтретирањето на Авганистанците од страна на Талибанците - особено неговата дискриминација на жените и девојчињата.

Руските војници продолжија да вршат бројни злоупотреби и злосторства, од кои некои се воени злосторства, се вели во извештајот, нагласувајќи го издавањето на налози за апсење од страна на Меѓународниот кривичен суд за рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова за нивната улога во принудните депортација на украински деца во Русија.

„Имаше веродостојни извештаи за кратка егзекуција, тортура, силување и напади со убивање и повредување цивили и оштетување или уништување на цивилната инфраструктура од страна на руските сили во Украина, како и за воени злосторства, вклучително и оние кои вклучуваат присилна депортација или трансфер на цивили и принудени сместување во згрижување или посвојување на украински деца“, се наведува во извештајот и се додава:

Дома, руските власти продолжија да го засилуваат притисокот врз несогласувањето и независното изразување, затворајќи политички противници и антивоени демонстранти, притискајќи ги медиумите, гонејќи многу луѓе поради тоа што го изразувале своето мислење на интернет и насилно затворајќи невладини организации.

„Трагично, како што видовме со неправедното затворање на Алексеј Навални во руска казнена колонија, затворањето може да дојде со ужасни услови, со злоупотреба, дури и со смрт“, рече државниот секретар Ентони Блинкен при претставувањето на извештајот на 22 април.

Бруталните прекршувања на човековите права продолжуваат да се случуваат, па дури и се влошуваат во Иран, каде што жените и членовите на маргинализираните заедници го носат товарот на прекршувањата и прекршувањата на човековите права од страна на режимот, се вели исто така во извештајот, нагласувајќи ја строгата казна изречена на затворениците, вклучително и егзекуции од лажни или неправедни причини.

„Жените продолжија да се соочуваат со дискриминација, вклучително и преку засилени средства за спроведување на задолжителниот кодекс на облекување, што доведе до акти на граѓанска непослушност“, се вели во извештајот, додавајќи дека многу лица, наводно, исчезнале за време на продолжените протести кои биле предизвикани од смртта на 22- годишната Махса Амини која почина во притвор.

Иранскиот режим е виновен и за тешки прекршувања надвор од нејзините граници, кои вклучуваат овозможување злоупотреби од страна на терористичките групи низ целиот регион од страна на сириската влада, милициските групи во Ирак и јеменските Хути, како и незаконско регрутирање или користење на деца-војници, се вели во документот.

Исто така се наведува дека во Авганистан, Талибанците прибегнале кон системско малтретирање и дискриминација на жените и девојките откако се вратија на власт во август 2021 година по избрзаното повлекување на силите предводени од САД.

Во извештајот се вели дека талибанските власти донеле повеќе од 50 закони „кои ефикасно ги бришат жените од јавниот живот“.

Талибанските власти покажаа континуирано и широко распространето „непочитување на владеењето на правото и официјална неказнивост на одговорните за кршење на човековите права“, се вели во документот, додавајќи дека и талибанците и нивниот сегашен голем непријател, групата Исламска држава, користеле деца војници.

Осврнувајќи се на тековната војна во Газа што беше поттикната од нападот на Израел на 7 октомври од страна на Хамас, кој беше прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Држави и ЕУ, во извештајот се забележуваат „сериозни злоупотреби од страна на Хамас и Израел. "

Се вели дека тие злоупотреби вклучуваат незаконски или широко распространети цивилни смртни случаи и штети, присилни исчезнувања или киднапирања, тортура, како и „насилство или закани против новинари“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG