Достапни линкови

Вести

Американец осуден за илегален влез во Северна Кореа

Во Северна Кореа е осуден американецот Ејлон Махли Гомес на осум години тешка работа поради илегално влегување во земјата. Тој беше уапсен во минатиот месец, по што беше обвинет за непријателски акт спрема Северна Кореа.

види ги сите денешни вести

Заедничка вежба на КФОР, Еулекс и косовската полиција

Илустрација, војници на КФОР во Косово
Илустрација, војници на КФОР во Косово

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, заедно со Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС и полицијата на Косово утре ќе одржат заедничка вежба, насловена „Златна сабја 2024“.

Во соопштението на КФОР е наведено дека целта на вежбата што ќе се одржи во кампот Врело е да ги тестира вештините за спроведување заеднички процедури во справувањето со можни кризи и безбедносни сценарија.


Според соопштението, во вежбата ќе бидат вклучени голем број на војници, возила и опрема кои ќе дејствуваат низ областа Врело.

„’Златна сабја 2024‘ е одраз на нашата долгорочна соработка и посветеност за поддршка на стабилна безбедност на цело Косово, за доброто на заедниците“, се вели во соопштението на КФОР.

Командантот на КФОР, Озкан Улуташ вели дека оваа вежба ја симболизира посветеноста на мисијата на мирот и стабилноста на Косово и ќе ја покаже подготвеноста за зачувување на регионалната стабилност.

КФОР го спроведува својот мандат на ОН, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 1999 година, да обезбеди безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово, како и слобода на движење, во секое време и непристрасно.

ЕУ одлучи да стави крај на правниот „судир“ со Полска

Илустрација
Илустрација

Европската унија во понеделникот (6 мај) одлучи да го прекине својот 6-годишен спор со земјата-членка на Унијата, Полска, велејќи дека полскиот премиер Доналд Туск ги иницирал неопходните промени, со кои ќе се измени, како што го нарече ЕУ, назадувањето на демократските принципи од претходната влада во Полска.

Одлуката на ЕУ да го повлече својот случај во врска со жалбите за владеење на правото уследи по одлуката во февруари кога почна да ослободува милијарди евра што ги замрзна поради спорот.

„Денес се означува ново поглавје за Полска.Тековното обновување на владеењето на правото во Полска е одлично за полскиот народ и за нашиот сојуз како целина“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

ЕУ и Полска беа во несогласувања откако националистичката партија Право и правда дојде на власт во 2015 година и спроведе реформи за кои критичарите велат дека го ставија полското судство под политичка контрола.

ЕУ се закани дека ќе ги суспендира гласачките права на Полска во ЕУ и го блокираше нејзиниот пристап до фондовите на ЕУ.

Туск напорно работеше откако ја презеде функцијата во декември за да ги поништи мерките.

Одлуката од понеделник допрва треба да им биде дадена на 27-те земји-членки на ЕУ.
Полската проевропска коалиција на три партии од левиот центар предводена од Туск победи на парламентарните избори на 15 октомври, наследувајќи ја власта од партијата Право и правда, која исто така воведе промени во репродуктивните права и медиумите што ја ставија Полска во „судир“ со ЕУ.

Италијанскиот фудбал пред нов финансиски предизвик

Илустрација, италијански фудбалски клубови
Илустрација, италијански фудбалски клубови

Италијанската влада планира да формира регулаторно тело кое ќе ги надгледува финансиите на професионалните спортски клубови. Овој план во понеделникот (на 6 мај) предизвика јавен спор со шефот на италијанскиот олимписки комитет (CONI) и други спортски работници.

Регулаторот ќе има надлежност да го надгледува „економското и финансиското управување“ на клубовите во спортови како што се фудбалот и кошарката за да се осигура дека тие се и здрави и одржливи, се вели во нацрт-владините предлози во кои имаше увид новинската агенција Ројтерс.

Предлозите се слични на британските, каде се планира да се назначи регулатор за англискиот фудбал. Британскиот план се уште го разгледуваат пратениците.

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) ќе разговара за тоа како да одговори на предлогот на посебен состанок во понеделник навечер, изјави официјален претставник.

Спортските работници во Италија се загрижени дека мерките би можеле да ги прекршат правилата за да се спречи политичко мешање во спортот.

„Имам сериозни сомневања дека овој предлог ќе биде прифатен од меѓународните спортски тела“, рече претседател на италијанскиот олимпски комитет Џовани Малаго во интервју за весникот La Repubblica.

„Ако не, ризикуваме да се залажуваме на светската сцена и, за жал, тоа не би било првпат една италијанска влада да се најде во таква позиција“, додаде тој.

Министерот за спорт Андреа Абоди возврати, велејќи дека има јасен простор за подобрување во начинот на кој се управуваат особено фудбалските клубови.

„Штета е што не се крена истата врева кога даночните долгови за над 100 милиони евра за професионалните клубови во првите три дивизии беа отпишани само во последните две години“, изјави тој за италијанското радио Раи.

Мерките се очекува да бидат дел од поширокиот спортски декрет што ќе го претстави владата кон крајот на овој месец.

Русија најави вежба за тактичка нуклеарна подготвеност

Илустрација
Илустрација

Руското министерството за одбрана на 6 мај објави дека планира вежби со тактичко нуклеарно оружје. Ова соопштение доаѓа откако Велика Британија и Франција излегоа со изјави кои се чини дека покажуваат зголемена вклученост во повеќе од 2-годишниот конфликт со Украина.

Русија, лута поради, како што вели, „провокативните изјави“ од Западот, планира да спроведе воени вежби за да се осигура дека е подготвена да користи тактичко нуклеарно оружје.

Откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, односите меѓу Русија и Западот се влошија на најниско ниво од крајот на Студената војна, при што западните сојузници на Киев ја дадоа својата поддршка зад борбата на Украина за одбивање на убедливо супериорните руски сили.

„Со цел да се зголеми подготвеноста на нестратегиските нуклеарни сили за извршување борбени мисии, Генералштабот започна со подготовки за одржување вежби во блиска иднина со ракетни формации на Јужниот воен округ со вклучување на авијацијата, како и силите на морнарицата“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана на Телеграм.

Во соопштението не се наведува дали проектилите ќе бидат опремени со нуклеарни боеви глави.

„За време на вежбата ќе се спроведат сет активности за вежбање на подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје“, се вели во соопштението и се додава дека вежбата ќе се спроведе по наредба на рускиот претседател Владимир Путин.

Улогата на стратешкото нуклеарно оружје е да ги погоди непријателските цели далеку од линијата на фронтот, додека тактичкото нуклеарно оружје е дизајнирано да се користи на боиштата.

Вежбата има за цел да ја зголеми способноста на руската војска „да го обезбеди територијалниот интегритет и суверенитет на руската држава како одговор на провокативните изјави и заканите на одделни западни функционери против Руската Федерација“, се вели во соопштението, без да се наведат повеќе детали.

Минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон ја повтори изјавата дека неговата земја не може да ја исклучи можноста за испраќање војници во Украина за да и помогнат во војната.

Во меѓувреме, минатата недела властите во Обединетото Кралство се чини дека му дадоа зелено светло на Киев да користи оружје со долг дострел испратено во Украина за да напаѓа цели во Русија.

Хамас: Напад врз Рафа е „опасна ескалација што ќе има последици“

Евакуација на Рафа
Евакуација на Рафа

Повикот на Израел до цивилите во делови на Рафа да се евакуираат пред очекуваната офанзива е „опасна ескалација што ќе има последици“, изјави за новинската агенција Ројтерес вискиот фунционер на Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка група, Сами Абу Зухру.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска повикаа на евакуација на Рафа пред планираната воена операција во градот.

„Почнуваме операција со ограничен опсег за привремено евакуирање на жителите на источен Рафа“, изјави портпаролот на Израелските одбранбени сили.

Израеската војска ги повикаа жителите на источниот дел на градот на границата со Египет да се преселат во кампот Ал-Маваси на Медитеранот неколку километри северно. Според портпаролот на Израелските одбранбени сили, се проценува дека се погодени околу 100.000 луѓе. Тие биле информирани преку СМС порака, телефон, летоци и преку медиуми на арапски јазик.


Луѓето треба да одат во „проширена хуманитарна област“ во областа Ал-Маваси. Таму има храна, вода и лекови, рече портпаролот на Израелсите одбранбени сили. Армијата постави теренски болници. Портпаролот не посочи колку време имаат луѓето да се евакуираат.

Тој нагласи дека доставувањето хуманитарна помош за населението ќе продолжи непречено за време на операцијата за евакуација.

Седум месеци од војната против Хамас, Израел се заканува дека ќе изврши упад во Рафа, за кој вели дека има илјадници борци на Хамас и потенцијално десетици заложници.

Убиен во бомбашки напад е руски наводен мачител на украински затвореници

Илустрација, бомбашки напад во Украна
Илустрација, бомбашки напад во Украна

Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана соопшти дека вработен во руската поправна колонија во Бердјанск, окупиран од Москва, кој бил вмешан во наводното мачење на Украинците е „елиминиран“.

Без да преземе директна одговорност, Управата за разузнавање соопшти дека автомобилот на Евгениј Ананевски експлодирал утрото на 5 мај.

„Како резултат на експлозијата, Евгениј Ананевски, кој беше вклучен во тортурата на украинските затвореници, беше елиминиран“, е наведено во кусото соопштение од украинската разузнавачка служба.

Според инспекторите, на 5 мај непознато лице подметнало рачно изработена експлозивна направа под неговиот автомобил, каде што експлодирала.

Рускиот истражен комитет ја потврди смртта на вработен во поправната колонија во експлозија на автомобил во Бердјанск во областа Запорожје, без да го именува.

Обиди за убиства на службеници кои соработуваат со Русија на територијата на Украина се пријавени повеќе од еднаш. Украина директно не презема одговорност за нападите. Некои од функционерите назначени од Русија загинаа.

Во март годинава во Бердјанск, како резултат на експлозија на автомобил загина член на изборната комисија формирана од руските власти. Според истрагата, утрото на 6 март под автомобилот на „член на изборна изборна комисија со право на глас била поставена рачно изработена експлозивна направа“. Кога една жена влегла во автомобил паркиран во близина на куќа на улицата Херцен во градот Бердјанск, бомбата експлодирала.

Израелската армија нареди евакуација пред операцијата во Рафа

Илустрација, архивска фотографија по напад врз Рафа
Илустрација, архивска фотографија по напад врз Рафа

Израелската војска им наредила на Палестинците кои живеат во населбите во Источен Рафа, во близина на оградата со Израел, да се евакуираат од областа, јавуваат израелските медиуми.

Радиото на израелската армија соопшти дека наредбата дошла пред „воен напад“ и дека на Палестинците им било кажано да се движат кон камповите за раселени лица во областите Кан Јунис и Ал-Маваси.

Според израелските одбранбени сили (ИДФ), станува збор за операција со „ограничен опсег“.

На околу 100.000 луѓе им е наредено да се евакуираат, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили. Тој посочи дека војската нема да постави распоред за евакуација на Рафах и дека ќе изврши „оперативни проценки“.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) претходно соопшти дека израелскиот копнен напад врз Рафа ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе голем удар на хуманитарните активности на целата палестинска територија.


Израел се заканува дека ќе изврши копнен напад врз Хамас во Рафа, каде што се засолниле речиси милион луѓе.

„Тоа би можело да биде масакр на цивили и неверојатен удар за хуманитарните операции во целиот Појас, бидејќи тие се управуваат главно од Рафа“, рече портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке.

Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) истакна дека е подготвен план во случај на копнен напад, кој вклучува нова полска болница, но предупреди и дека нема да биде доволно за да се спречат голем број жртви.

Украина приоритет во разговорите меѓу Макрон и Џинпинг

Илустрација, архивска фотографија, средба меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и кинескиот лидер Си Џинпинг
Илустрација, архивска фотографија, средба меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и кинескиот лидер Си Џинпинг

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе се побара од кинескиот лидер Си Џинпинг да го искористи своето влијание за да ја придвижи Русија кон ставање крај на војната во Украина за време на дводневната државна посета на Франција.

Се очекува и двајцата лидери да разговараат за трговските спорови околу електричните автомобили, коњакот и козметиката.

Од кабинетот на Макрон соопшти дека разговорите за дипломатските напори за поддршка на Украина и притисокот врз Русија се главен приоритет за Франција.

Дискусиите ќе ги опфатат и Блискиот Исток, трговските прашања и глобалните предизвици, вклучително и климатските промени. Претседателот на Европската комисија ќе се приклучи на дел од состаноците за да се подигне пошироката загриженост на ЕУ.

Франција е првата станица на европското патување на Џинпинг со цел обнова на односите во време на глобални тензии. По Франција во понеделник и вторник, кинескиот лидер ќе се упати во Србија и Унгарија.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна објави дека планира да ја посети Кина овој месец.

Кина ќе присуствува на меѓународната конференција поддржана од Киев, закажана за средината на јуни во Швајцарија, на која ќе се разговара за изгледите за ставање крај на војната во Украина.

Изборен молк од полноќ

Илустрација, гласање во прв круг за претседателските избори
Илустрација, гласање во прв круг за претседателските избори

Изборната кампања завршува вечерва, на полноќ. Од вечерва е забрането политичко рекламирање за двојните избори- вториот круг од претседателските и изборите за пратеници кои ќе се одржат на 8 мај.

Денеска ќе се одржи и последниот ТВ дуел на двајцата претседателски кандидати Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски, како и последните митинзи на политичките партии кои се во трка за пратенички места во Собранието. Молкот ќе трае до затворање на избирачките места на 8 мај во 19 часот.

Гласањето на седмите претседателски избори и единаесеттите парламентарни избори треба да се спроведе на 3.480 избирачки места во државата.

Во привиот круг од претседателските избори Гордана Сиљановска Давкова поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 363. 085 гласови, додека нејзиниот противник Стево Пендаровски, освои 180.499 гласа.

Руски напад со беспилотни летала и артилерија врз украинскиот Суми

Илустрација
Илустрација

Русија го нападна украинскиот регион Суми со беспилотни летала и артилерија во текот на ноќта. Оваа информација ја соопштија украинските воздухопловни сили и воената администрација на североисточниот регион рано на 6 мај.

Според нивното соопштение регионот бил гранатиран осум пати, но нема жртви.

Воздухопловните сили соопштија дека собориле 12 од 13 беспилотни летала лансирани од Русија врз цели на енергетската инфраструктура во Суми.

Регионалната администрација соопшти дека снабдувањето со електрична енергија е привремено прекинато во Суми, Ромни и Охтирка.

Претходниот ден руските сили презедоа контрола над источниот украински град чија одбрана ја пробија пред околу две недели. Руското Министерство за одбрана соопшти дека војници од нејзината командна група Центар ја презеле контролата врз градот Очеретина во регионот Донецк, но посочија повеќе детали.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG