Достапни линкови

Вести

150 000 жртви во Порт о Пренс по земјотресот во Хаити

Властите во Хаити соопштија денеска дека во земјотресот што го погоди островот на 12 јануари животот го загубиле околу 150 илјади луѓе само во главниот град Порт о Пренс. Точната бројка на останатите загинати околу градот сеуште не се знае. Властите сметаaт дека неможе да се утврди и колку тела биле закопани по земјотресот.

види ги сите денешни вести

Кремљ: Неосновани се обвинувањата на САД дека руските сили користеле хемиско оружје во Украина

илустрација
илустрација

Кремљ ги оквалификува како неосновани американските обвинувања дека руските сили користеле хемиско оружје во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва останува обврзана со договорот за забрана на употреба на хемиско оружје.

Стејт департментот ја обвини Русија дека го користела хемиското оружје „хлорпикрин“ против украинските сили со што ја прекршила Конвенцијата за забрана за употреба на хемиско оружје.

„Употребата на тие хемикалии не е изолиран инцидент и најверојатно е мотивирана од желбата на руските сили да ги отстранат украинските сили од зацврстените позиции и да постигнат тактички напредок на бојното поле“, соопшти Стејт Департментот.

Американскиот претседател Џо Бајден неколку пати досега го повика рускиот претседател Владимир Путин да не користи тактичко нуклеарно или хемиско оружје за да ја врати изгубената територија во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски алармираше дека властите „со најголема сериозност“ ги сфаќаат растечките стравувања дека Русија може да се сврти кон хемиското оружје.

ДСЗИ: Забрана за пристап на Токсикологија за здравствените работници без договор за работа

илустрација
илустрација

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.

Како што денеска (2 мај) информираше директорката на ДСЗИ Рената Младеновска менаџментот на Клиниката не постапил по мерките што ги издал ДЗСИ, освен по една точка да се свика Управниот одбор.

„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија што значи дека не е постапено од решението под точка 1 и 2“, рече Младеновска.

Доколку не се постапи и по ова решение, Младеновска рече дека следуваат парични казни за организацискиот и за медицинскиот директор, како и за самата Клиника.

Прашана како е можно да се појавуваат на работа лица кои немаат договор за работа, Младеновска упати одговорот да се бара кај менаџментот на Клиниката и кај Министерството за здравство.

Инаку доктори од Клиниката за токсикологија неодамна на прес-конференција алармираа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската директорка Бесија Иљази на средината на февруари.

Наспроти нив, пак, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, додека кај организациската директорка вели „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.

Досега, не е разрешен ниту Петровски, ниту Илјази.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) кој изврши вонреден надзор на Клиниката за токсикологија утврди дека вкупно 11 лица бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги, иако немале договори за ангажман.

Авиокомпаниите Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс под истрага од ЕУ

илустрација
илустрација

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската Унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од Европската Комисија.

Швајцарија објави дека засега Русија не е поканета на мировните преговори за Украина

илустрација
илустрација

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во оваа фаза“ Русија не е поканета да учествува во разговорите за постигнување мировен договор меѓу Москва и Украина, што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.

„Швајцарија е убедена дека Русија треба да биде вклучена во овој процес“, се вели во соопштението на владата во Берн.

Исто така се додава дека мировниот процес без Русија е невозможен.

Русија, која пред две години ја почна инвазијата врз Украина, соопшти дека швајцарската иницијатива е осудена на пропаст без учеството на Москва.

Постојаниот руски претставник во Обединетите Нации во Женева, Генадиј Гатилов, изјави дека иако Москва не е против преговорите за завршување на војната, нема да учествува во преговорите во Швајцарија, земја за која вели дека се откажала од неутралност во својот став за конфликтот.

Швајцарија усвои санкции на Европската Унија против Русија поради инвазијата и замрзна околу 7,7 милијарди швајцарски франци финансиски средства на Русите, кои Гатилов ги опиша како „ограбени пари“.

Според рускиот дипломат иницијативата е дизајнирана да ги натера тие земји да ја поддржат мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за која рече дека е неприфатлива за Русија.

По санкциите од Чешка, соработник на проруски украински политичар се пресели во Словачка

Артем Марчевски
Артем Марчевски

Артем Марчевски, близок соработник на прорускиот украински политичар Виктор Медведчук, ја напушти Прага и замина во Словачка откако чешките власти му воведоа санкции поради обидите да изврши „операции со влијание“ во корист на Москва на чешка територија.

Извештаите во медиумите цитираат извори како и адвокатот на Марчевски кој рекол дека словачките власти му дале на Марчевски статус на привремена заштита.

Марчевски има и украински и израелски пасош.

Претходно, германското издание на „Шпигел“ ги идентификуваше Медведчук и Марчевски како оператори на промосковската веб-страница за вести „Гласот на Европа“ со седиште во Прага. Според Шпигел веб-страницата одиграла клучна улога во финансирањето на про-Кремљ кандидатите за изборите во Европскиот Парламент.

Либан ќе добие помош од милјарда евра од ЕУ

илустрација
илустрација

Либан и неговиот народ можат да сметаат на постојаната поддршка на ЕУ и со задоволство можам да објавувам пакет од една милијарда евра помош за земјата за периодот од 2024 до 2027 година, најави денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која во придружба на кипарскиот претседател Никос Христодулидес престојува во Бејрут.

„Тоа ќе придонесе за зајакнување на социо-економската отпорност на земјата и нејзината севкупна безбедност и стабилност“, истакна Фон дер Лајен.

Таа потенцираше дека нејзината денешна посета на Бејрут е силно сведоштво за континуираната поддршка на ЕУ за Либан и неговиот народ.

„Ова беше јасна порака на европските лидери на нашиот последен Самит и посветеност на обезбедување силна финансиска поддршка на земјата во справување на значајните предизвици со кои се соочува. Милијардата евра до 2027 година ќе ја обезбедат многу потребна помош за луѓето во Либан и ќе придонесат за неговата безбедност и стабилност“, додаде Фон дер Лајен.

Целта на пакетот економска помош е да се поддржи Либан во зајакнување на образованието, социјалната заштита и здравството, за спроведување на итните економски, финансиски и банкарски реформи, како и за поддршка на либанските вооружени и безбедносни сили со опрема и обука за контрола на границите и за борба против трговијата со луѓе и шверцот.

Посетата на Фон дер Лајен на Либан доаѓа по Специјалниот европски совет од 17 и 18 април, на кој беше потврдена решеноста на ЕУ да ги поддржи најранливите категории граѓани во Либан, вклучително и бегалците и внатрешно раселените лица, како и нивните домаќини. Европските лидери, исто така, ја потврдија и потребата да се создадат услови за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци, согласно одредбите на УНХЦР.

Од 2011 година, поддршката на ЕУ за Либан достигна над три милијарди евра, вклучително и 2,6 милијарди евра за поддршка на сириските бегалци и нивните домаќини во Либан.

ЕУ стравува дека стотиците илјади сириски беглаци од Либан би можеле да се упатат кон Кипар, во обид да дојдат на територијата на ЕУ.

Курти: Ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на казнените мерки

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се исполнети сите барања на Европската Унија (ЕУ) за укинување на казнените мерки против Косово, кои беа воведени кон средината на минатата година, бидејќи официјална Приштина ги игнорираше барањата во врска со деескалација на состојбата во општините со српско мнозинство на северот.

Курти рече дека минатата недела ЕУ го одобрила Планот за економски раст за Западен Балкан - вреден 6 милијарди евра - со цел да се забрза европската интеграција на регионот.

„Мерките кои се во сила против Косово се спротивни на напорите на регионот за забрзување на интеграцијата во ЕУ, особено кога станува збор за Планот за раст и неговата цел. Ние продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности за реформи во рамките на дијалогот со ЕУ. Во тој контекст, ние ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и тие мерки мора да бидат отстранети“, рече Курти на состанокот на Советот на министри за евроинтеграции на 2 мај.

Казнените мерки што ЕУ ги наметна за Косово се однесуваат на привремено суспендирање на работните групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на средби на високо ниво и прекинување на билатералните посети.

Исто така, укинати се и средствата за Косово кои беа планирани со Инвестициската рамка и инструментите за претпристапна помош - ИПА 2024 година.

Неколку дипломатски извори за РСЕ изјавија дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки беше дали мерките треба да се укинат веднаш или постепено.

Курти на состанокот на Советот на министри зборуваше и за аспирациите на Косово да стане членка на ЕУ. Тој рече дека Приштина е подготвена да добие статус на земја кандидат и да ги отвори преговорите за членство.

„Како најнапредна демократија во регионот, подготвени сме да одговориме на илјадници технички прашања кои доаѓаат од Европската Комисија. Споредено со регионот, Косово не е подготвено само за кандидатски статус, туку и за отворање преговори и многу поглавја за членство. Членството во Европската Унија е стратешки избор“, рече Курти.

Косово поднесе апликација за членство во ЕУ, на 15 декември 2022 година.

Критики за Бајден зошто нема коментар за студентските протести во американските универзитети

Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година
Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година

Американскиот претседател Џо Бајден допрва треба да ги коментира студентските протести и полицискиот одговор додека републиканците се обидуваат да ги искористат немирите во кампусот поради војната во Газа во кампања против демократите.

По неколку години спорадични студентски протести и маршеви низ градовите, кревајќи го својот глас за расна правда, борба против климатските промени и воведување контрола на оружјето, протестите поради војната во Газа на универзитетите низ САД не престануваат, дури и откако полицијата на некои од кампусите ги уапси демонстрантите.

Универзитетот Колумбија, каде што започна сè, ги суспендираше студентите по ќор-сокакот во преговорите за прекин на демонстрациите.

Тензиите на колеџите и универзитетите продолжуваат да се зголемуваат бидејќи некои демонстранти одбиваат да ги отстранат камповите, а администрациите се обраќаат до полицијата за да ги расчисти насилно, што доведе до судири кои го привлекоа вниманието на политичарите и медиумите.

Протестите беа предизвикани од гневот поради израелската офанзива на Газа, во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци. Израел ја започна офанзивата откако околу 1200 Израелци и странци, главно цивили, беа убиени, а 253 други беа однесени во Газа како заложници кога

Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, ги нападна израелските позиции на 7 октомври минатата година во близина на границата со Појасот Газа.

Последниот јавен коментар на Бајден дојде пред повеќе од седум дена, кога ги осуди „антисемитските протести“ и „оние кои не разбираат што се случува со Палестинците“.

Белата куќа, која беше бомбардирана со прашања од новинарите, отиде само малку подалеку од претседателот.

Во средата, 1 мај, портпаролката Карин Жан-Пјер рече дека Бајден „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека некои демонстрации ја преминале границата што ја дели слободата на говор од незаконското однесување.

„Насилното преземање на зграда“, како она што се случи на Универзитетот Колумбија во Њујорк, не е мирно“, рече таа.

Републиканците ги обвинуваат демократите за немирите и ги користат за критики на прес-конференции.

„Потребно ни е претседателот на Соединетите Држави да зборува за ова прашање и да каже дека ова е погрешно“, рече претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец од Луизијана, на 30 април.

„Она што се случува на колеџските кампуси во моментов не е правилно“, рече Џонсон.

Тој ја посети Колумбија минатата недела со другите членови на клубот. Републиканците во Домот се судрија со демонстрантите додека тие разговараа со медиумите на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон на 1 мај. И поранешниот претседател Доналд Трамп, веројатниот претседателски кандидат на неговата партија на изборите во ноември годинава, исто така го критикуваше Бајден во интервју на Фокс њуз.

Локални избори во Велика Британија

илустрација
илустрација

Во Велика Британија денеска (2 мај) се гласа на локални избори кои се гледаат како последен тест на јавното мислење пред општите избори подоцна оваа година.

Прогнозите покажуваат дека владејачките конзервативци би можеле да изгубат до половина од советничките места што ги бранат и дека партијата очекува „значителни загуби“.

Повеќето места за реизбор последен пат беа оспорени во 2021 година, на врвот на популарноста на Борис Џонсон кога беше воведена вакцината против Ковид-19.

Исто така, се одржуваат вкупно 11 избори за градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Лондон меѓу фаворитот, актуелниот лабуристички градоначалник Садик Кан и конзервативната кандидатка Сузан Хол.

Прогнозите постојано го ставаат Кан пред Хол, а неодамнешните анкети го прикажуваат Кан во водство за 10 процентни поени, откако неговата предност се намали за време на кампањата.

Нови руски ракетни напади врз Одеса

Рускиот ракетен напад врз Одеса рано на 2 мај, наводно, ги оштетил магацините на локалниот огранок на украинската поштенска служба
Рускиот ракетен напад врз Одеса рано на 2 мај, наводно, ги оштетил магацините на локалниот огранок на украинската поштенска служба

Четиринаесет луѓе се повредени во рускиот ракетен напад рано на 2 мај врз украинското црноморско пристаниште Одеса, а оштетена е и критична цивилна инфраструктура, изјави на Телеграм началникот на воената администрација во регионот, Олех Кипер.

Кипер рече дека штрајкот предизвикал пожар и дека се оштетени складиштата на локалната филијала на Украинската пошта.

Во рускиот напад на Одеса претходниот ден тешко беше ранет маж, кој подоцна почина во болница.

Во меѓувреме, украински беспилотни летала ја нападнаа енергетската инфраструктура во руската област Смоленск рано на 2 мај, изјави гувернерот Василиј Анохин на Телеграм.

„Денеска, регионот Смоленск повторно беше нападнат од украински беспилотни летала. Во областа Рослав, непријателот се обиде да оштети објект на цивилна енергетска инфраструктура. Немаше жртви“, рече Анохин, без да даде детали.

Одделно, руското Министерство за одбрана објави дека неговите системи за противвоздушна одбрана собориле 12 украински беспилотни летала во пет региони.

Украина не ги коментираше руските тврдења, кои не може веднаш да бидат независно проверени. Претходниот ден, на 1 мај, пет лица беа убиени во одделни руски напади во источна Украина.

Локалните власти соопштија дека руските сили истрелале ракети и бомби кои ги погодиле малите градови во Харковската и во Доњецката област.

Русија во последните неколку дена ја напаѓа Одеса. Во нападот на 29 април загинаа пет цивили, а 23 беа ранети, соопштија официјални лица.

Нафтена рафинерија во руската област Рјазан беше оштетена во напад со дрон на 1 мај, изјави гувернерот на регионот на Телеграм. Гувернерот Павел Малков изјави дека нема жртви.

Претходно, на 1 мај руското Министерство за одбрана соопшти дека е пресретнат дрон над регионот Рјазан, односно три беспилотни летала над регионот Воронеж и едно над регионот Курск. Од почетокот на годината 18 руски нафтени рафинерии се оштетени во напади со беспилотни летала. Украина не ги коментираше повеќето инциденти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG