Достапни линкови

Вести

Русија ја отфрла мировната конференција во Швајцарија

постојаниот руски претставник во Обединетите Нации во Женева, Генадиј Гатилов
постојаниот руски претставник во Обединетите Нации во Женева, Генадиј Гатилов

Русија не гледа шанси Швајцарија да ги води напорите за обезбедување мир во Украина, изјави постојаниот руски претставник во Обединетите Нации во Женева, Генадиј Гатилов, откако официјален Берн соопшти дека планира во следните месеци да организира мировна конференција на високо ниво за Украина, пренесоа британските медиуми.

Швајцарските власти соопштија дека е малку веројатно Русија да учествува, барем не на почетокот на преговорите.

„Засега не гледаме никаква можност Швајцарија да го преземе водството и да организира нешто“, рече Гатилов.

Русија, која пред две години ја почна инвазијата врз Украина, соопшти дека швајцарската иницијатива е осудена на пропаст без учеството на Москва.

Гатилов кажа дека, иако Москва не е против преговорите за завршување на војната, нема да учествува во преговорите во Швајцарија, земја за која вели дека се откажала од неутралност во својот став за конфликтот.

Швајцарија усвои санкции на Европската Унија против Русија поради инвазијата и замрзна околу 7,7 милијарди швајцарски франци финансиски средства на Русите, кои Гатилов ги опиша како „ограбени пари“.

„Затоа мислиме дека Берн, за жал, го девалвира својот статус на неутрална држава,“ рече рускиот дипломат.

Претседателката Виола Амхерд минатиот месец рече дека Швајцарија сака да ги покани земјите-членки на БРИКС, арапските држави и земјите од глобалниот југ на мировната конференција. Кина соопшти дека ќе размисли за учество.

Според рускиот дипломат иницијативата е дизајнирана да ги натера тие земји да ја поддржат мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за која рече дека е неприфатлива за Русија.

види ги сите денешни вести

Еруптираше вулканот Маунт Руанг во Индонезија

илустрација
илустрација

Вулканот Маунт Руанг во Индонезија денеска повторно еруптираше, поради што властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко ниво и наредија итна евакуација во радиус од шест километри.

Ерупцијата на Маунт Руанг, кој се наоѓа во провинцијата Северен Сулавеси, предизвика облаци од пепел и чад во висина од 2000 метри, соопшти геолошката агенција на Индонезија.

Агенцијата ги повика жителите во погодените области да ги следат наредбите за евакуација и да носат маски за заштита од пепел.

Последната ерупција следува по зголемената вулканска активност која почна во средината на април.

Индонезиските власти претходно издадоа предупредување за цунами и го подигнаа нивото на тревога за вулканот откако имаше повеќекратни големи ерупции, исфрлајќи пепел високи до висина од 3000 метри.

Тие ерупции ги натераа воздухопловните власти да го затворат аеродромот Сем Ратуланги во Манадо, кој се наоѓа на околу 100 километри од вулканот, за да ги заштитат летовите од опасната вулканска пепел.

Вулканот висок 725 метри е еден од најактивните во Индонезија. Последната голема ерупција на Маунт Руанг се случи во 2002 година, генерирајќи пирокластични текови кои предизвикаа штета на околината.

Во Индонезија, земја сместена на Пацифичкиот „Огнен прстен“, често има сеизмичка и вулканска активност.

САД ја отфрлија можноста Меѓународниот кривичен суд да го истражува Израел

 Меѓународниот кривичен суд во Хаг
Меѓународниот кривичен суд во Хаг

Белата куќа соопшти дека е против истрагата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за акциите на Израел во Појасот Газа, јави ДПА.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Вашингтон „не ги поддржува“ истрагите нагласувајќи дека „не верува дека тие имаат јурисдикција“.

Новинарите неколку пати ја прашаа Жан-Пјер дали евентуално издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други израелски официјални лица може да ги прекине разговорите за прекин на огнот во Газа. Но, портпаролката одби подетално да ја коментира темата.

Израелските медиуми претходно јавија дека Нетанјаху стравува дека главниот обвинител на МКС, Карим Кан, оваа недела би можел да издаде меѓународни потерници за него, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херзи Халеви.

Од 2021 година, судот во Хаг ги истражува израелските одбранбени сили и организација Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, за наводни воени злосторства во Појасот Газа, окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим.

Во 2021 година судот пресуди дека има јурисдикција над палестинските територии окупирани по 1967 година – Западниот Брег и Појасот Газа. Сепак, ниту САД ниту Израел не го признаваат судот, забележува ДПА.

Во моментов во тек е истрага и за акти на насилство извршени од израелски доселеници на Западниот Брег.

Налог за апсење на Нетанјаху и други израелски граѓани издаден од МКС би значело дека државите што го потпишале статутот на судот ќе бидат обврзани да ги уапсат тие лица и да ги префрлат во Хаг под услов да се на нивна територија

Проширувањето на ЕУ и владеењето на правото - теми на неформалниот европски Совет за општи работи

илустрација
илустрација

Процесот на проширување, зајакнувањето на Европската Унија и заштитата на владеењето на правото во рамките на блокот ќе бидат главни теми на денешното продолжение на дводневното неформално заседание Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел.

Заседанието започна синоќа (29 април) со свеченост во бриселскиот Центар за ликовни уметности „Бозар“ со која се одбележа 20-годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската Унија на 1 мај 2004 година.

На денешниот работен дел од неформалниот Совет за општи работи министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и за инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да разменат на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност. Покрај тоа европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата.

Американските, британските и египетските дипломати се оптимисти за предлогот за прекин на огнот во Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на состанок со претставници на Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Палестинската управа, во Ријад, 29 април 2024 година.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на состанок со претставници на Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Палестинската управа, во Ријад, 29 април 2024 година.

Надежите за можно примирје и ослободување на заложниците се зголемија во понеделникот на 29 април, по изјавите на официјални лица од Соединетите Американски Држави (САД) и Египет, кои посредуваат во преговорите меѓу Израел и Хамас, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека се надева оти Хамас ќе ја прифати понудата, за која британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека може да доведе до ослободување на израелските заложници кои ги држеше Хамас од 7 октомври.

САД и ЕУ го сметаат Хамас за терористичка организација.

Зборувајќи на специјален состанок на Светскиот економски форум во Ријад, Блинкен рече дека предлогот на Израел до Хамас е „исклучително дарежлив“.

„Хамас има пред себе исклучително дарежлив предлог од Израел. Тие треба да одлучат - и мора брзо да одлучат. Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен во Ријад, пренесе АФП.

Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон на истиот состанок рече дека на Хамас му е понуден „траен прекин на огнот од 40 дена и потенцијално ослободување на илјадници палестински затвореници, во замена за ослободување на овие заложници“.

Во меѓувреме, саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан рече дека новиот договор „би бил многу позитивен“.

„Но, апсолутно е неопходно прекинот на огнот да биде траен, а не привремен“, рече тој.

Говорејќи на состанокот на Светскиот економски форум, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека „предлогот ги зема предвид ставовите на двете страни“.

Блинкен пристигна во Саудиска Арабија во понеделникот како дел од неговата седма турнеја на Блискиот Исток по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, за да разговара со официјални лица за управувањето со Газа по завршувањето на војната со Израел.

Во исто време, преговарачите од Хамас требаше да пристигнат во Египет, земја која посредува во мировните преговори заедно со САД и Катар.

Тие земји со месеци се обидуваат да посредуваат за нов договор меѓу Израел и Хамас, по оној од ноември 2023 година, кога за време на еднонеделното примирје беа разменети 80 израелски заложници за 240 Палестинци кои беа чувани во израелските затвори.

Агенцијата Франс Прес пишува дека врз основа на новите дипломатски навестувања, има нов поттик за примирје.

Висок функционер на Хамас на 28 април рече дека групата нема „големи проблеми“ со најновиот план за примирје.

Израел ја започна војната против Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, по нападот на Хамас на 7 октомври на израелска територија, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а зедоа околу 250 заложници.

Од почетокот на војната, во израелската офанзива загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.

Како резултат на војната, околу 80 отсто од населението на Газа, околу 2,3 милиони луѓе, ги напуштија своите домови, додека северот на Газа беше доведен до работ на глад.

Стано: Недостиг на политичка волја е причина за стагнација на договорот меѓу Србија и Косово

Портпаролот на Европската унија Петер Стано
Портпаролот на Европската унија Петер Стано

Претставниците на Европската унија (ЕУ) се на мислење дека недостатокот на политичка волја на политичарите во Косово и Србија е причината поради која нема напредок во спроведувањето на договорот постигнат од лидерите минатата година, изјави на 29 април портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

„Можете некому да му помогнете само онолку колку што е подготвен да прифати помош. ЕУ не ги тера партнерите. Партнерите доброволно изјавија дека сакаат да влезат во Европската унија еден ден“, рече Стано на прес-конференцијата, одговарајќи на прашањето дали Брисел смета дека тоа не успеа да ги убеди двете страни да го спроведат она што го договорија.

Тој ја потврди подготвеноста на европските институции да продолжат да работат во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.

Мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак истекува во август. Веќе е потврдено дека потоа нема да му биде продолжен мандатот, откако е избран за амбасадор на ЕУ во Швајцарија.

Исто така, на крајот на својот мандат е и европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел, бидејќи по европските избори кои ќе се одржат во јуни, ќе бидат избрани нови шефови на европските институции, вклучително и функцијата висок претставник на ЕУ за заеднички надворешни работи, политика и безбедност.

Стано на прес-конференцијата посочи дека успехот на посредувањето на ЕУ во дијалогот е ограничен во однос на волјата на преговарачките страни.

„Ако се обидувате да им помогнете на партнерите, а тие не сакаат да им се помогне и тие постојано покажуваат со прст кон другиот, поставуваат нови пречки, дејствуваат еднострано, без координација, без консултации, тогаш можете да направите само онолку колку што тие дозволи“, рече тој.

Во февруари минатата година, лидерите на Србија и на Косово постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година во Охрид беше договорен анекс за имплементација. Сепак, документите не беа потпишани, бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го стори тоа.

Без разлика што договорот и Анексот за негова имплементација не се потпишани, ЕУ смета дека договорот е правно обврзувачки за двете страни.

Ниту Приштина ниту Белград не направија ниту еден чекор кон имплементација на договорените одредби од договорот и анексот. Косовската страна одбива да работи на имплементација на клучната точка, која се однесува на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

Српската страна, пак, во неколку наврати потврди дека нема да ги спроведе сите одредби од договорот, особено оние поврзани со, како што се наведува, „црвените линии“, како што е непреченото членство на Косово во која било меѓународна организација.

Ова писмено го потврди и поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, која во декември минатата година испрати писмо до Брисел во кое потврди дека Белград нема да ги спроведе сите одредби од договорот со Косово.

Косово е во процес на прием во полноправно членство во Советот на Европа. Српските власти активно работат на спречување на членството на Косово во таа меѓународна организација.

Француската полиција го растури пропалестинскиот протест пред Сорбона

Студентите протестираат за поддршка на Палестинците во Газа во близина на Универзитетот Сорбона во Париз, 29 април 2024 година.
Студентите протестираат за поддршка на Палестинците во Газа во близина на Универзитетот Сорбона во Париз, 29 април 2024 година.

На 29 април, француската полиција го растури студентскиот протест за поддршка на палестинскиот народ во близина на Универзитетот Сорбона во Париз, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Десетици демонстранти беа придружувани од просториите на универзитетот од страна на полицијата откако тие поставија шатори внатре.

„Бевме околу 50 луѓе кога безбедносните сили втрчаа во дворот“, вели Реми, 20-годишен студент по историја и географија, кој учествуваше на протестот.

Тој оцени дека евакуацијата на студентите кои протестираат била „брутална“, но и дека никој не бил уапсен.

Образовните власти претходно објавија дека студентите поставиле 12 шатори во дворот и ходникот на универзитетот, поради што ги откажале претходно закажаните испити. Сорбона соопшти дека универзитетот е затворен, бидејќи од 29 април напладне никој не може да влезе во зградата на универзитетот.

Асошиетед прес (АП) објави дека 100 демонстранти учествувале на протест во близина на престижен универзитет инспириран од слични протести на универзитетите во САД.

АП објави дека демонстрантите развиле огромно палестинско знаме и извикувале слогани за поддршка на Палестинците во Газа среде израелската офанзива по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

Демонстрантите, меѓу другото, скандираа „Газа, Сорбона е со тебе“.

АП известува дека Сорбона зазема уникатно место во срцето на францускиот јавен и интелектуален живот. Минатата недела, претседателот Емануел Макрон го избра како место за говор за неговата визија за Европа пред изборите за Европскиот парламент во јуни.

Во текот на изминатата недела, имаше протести на друг елитен универзитет во регионот на француската престолнина, Парискиот институт за политички студии, кој ги вбројува Макрон и премиерот Габриел Атал меѓу многуте познати алумни.

Тензиите се разгореа на кампусот додека пропалестинските студенти, инспирирани од камповите со лизгачи на американските универзитети, се обидоа да го окупираат амфитеатарот.

Пропалестинските и произраелските демонстранти се судрија на улицата пред училиштето во петокот. Реагираше интервентната полиција. Протестот заврши мирно, кога студентите доцна во петокот, на 26 април, се договорија да ја напуштат зградата.

Француските власти ја критикуваат офанзивата на Израел поради хуманитарната катастрофа со која се соочува народот во Газа.

Шефот на француската дипломатија на 9 април рече дека врз Израел мора да се изврши притисок и може да воведе санкции за да се отворат премини за испорака на хуманитарна помош за Палестинците во појасот Газа.

Израел ја започна војната против Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, по нападот на Хамас на 7 октомври на израелска територија, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а зедоа околу 250 заложници.

Од почетокот на војната, во израелската офанзива загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.

Како резултат на војната, околу 80 отсто од населението на Газа, околу 2,3 милиони луѓе, ги напуштија своите домови, додека северот на Газа беше доведен до работ на глад.

Финансиска полиција: Со лажни формулари откупувале стари акумулатори, кривична против фирма и три лица

Управа за финансиска полиција
Управа за финансиска полиција

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „измама” и „фалсификување исправа”. Штетата која ја наведува Финансиската полиција дека е направена изнесува 214.411.861 денари или нецели 3,5 милиони евра

Како што се наведува во соопштението од Финансиска полиција, првопријавеното физичко лице во својство на вработено и третопријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице, заедно со второпријавеното физичко лице вработено кај оштетеното правно лице, со намера да се стекнат со противправна имотна корист и со лажно прикажување на факти, го довеле во заблуда оштетеното правно лице, неосновано да исплати значителен износ на пари по основ на откуп на стари акумулатори.

„Првопријавеното и третопријавеното лице во свое име и за сметка на пријавеното правно лице изготвувале и употребувале лажни формулари за отпад на стари акумулатори, кои второпријавеното физичко лице како вработено во оштетеното правно лице ги потпишувало и ги одобрувало лажните испратници и откупните белешки, иако истото знаело дека робата не била испорачана и примена, со што овозможило оштетеното правно лице неосновано да исплати вкупен износ од 214.411.861 денари“, пишува во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Столтенберг во посета на Киев, Зеленски повика на побрза испорака на оружје

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција во Киев, 29 април 2024 година.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција во Киев, 29 април 2024 година.

На 29 април, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Столтенберг на заедничка конференција со медиумите оцени дека неколкумесечното доцнење на воената помош од Соединетите Американски Држави (САД) за Украина „има сериозни последици на бојното поле“, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Столтенберг изјави дека „на пат е повеќе воена помош“ и дека „не е доцна“ Украина да победи во војната.

„Украина со месеци е отфрлена од оружје, принудена да ја рационализира својата муниција... Но, не е доцна Украина да победи“, рече Столтенберг на заедничката конференција со украинскиот претседател.

Зеленски, од друга страна, повика на побрза испорака на оружје со цел Украина да се спротивстави на руската офанзива. Тој изјави дека во Украина почнало да пристигнува „витално оружје“ од САД, но во мали количини.

„Заедно мора да ја прекинеме руската офанзива. Брзината на снабдување со оружје буквално значи стабилизација на линијата на фронтот“, рече Зеленски на прес-конференцијата.

САД минатата недела одобрија пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, ставајќи крај на повеќемесечниот ќорсокак во Конгресот за поддршка на Киев, кој се соочува со ниски залихи артилериски гранати.

Врховниот командант на Украина на 28 април изјави дека неговите војници се повлекле од три села на истокот каде руските сили се во офанзива и постепено зајакнуваат.

„Руската војска сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме испораки од нашите партнери“, рече Зеленски на 29 април.

Украинскиот лидер, исто така, ја истакна потребата од испорака на софистицирани американски системи за противвоздушна одбрана Патриот, кои Киев ги смета за клучни за одбрана на воздушниот простор на Украина од руски ракетни напади.

Турција ќе ја изрази својата поддршка за Марк Руте како шеф на НАТО

Знамето на Турција до логото на НАТО пред седиштето на Алијансата во Брисел (Илустративна фотографија)
Знамето на Турција до логото на НАТО пред седиштето на Алијансата во Брисел (Илустративна фотографија)

Турција им кажа на своите сојузници во НАТО дека Анкара ќе ја поддржи кандидатурата на холандскиот премиер во заминување Марк Руте за функцијата генерален секретар на НАТО, објави Асошиејтед прес (АП) на 29 април, повикувајќи се на изјавата на високo рангиран турски функционер.

Висок турски функционер, како што јави АП, изјавил дека Турција во понеделникот ги известила дипломатите на сојузниците на НАТО во Брисел.

Одлуката доаѓа три дена откако Руте отпатува за Турција за да побара поддршка од претседателот Реџеп Тајип Ердоган за неговата кандидатура. Службеникот зборуваше под услов да остане анонимен во согласност со протоколот на турската влада.

Актуелниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, поранешен норвешки премиер, се ближи до крајот на својот мандат, кој беше продолжен неколку пати, бидејќи Северноатлантската Aлијанса се обиде да одржи континуитет и стабилност по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Членките на НАТО, Турција и Унгарија претходно изразија резервираност за кандидатурата на Рутe, а Ердоган не се обврза за такво нешто на заедничката прес-конференција со Рутe на 26 април.

Претставниците на НАТО бараат номинацијата за наследник на Столтенберг да биде завршена до крајот на април, пред да започнат изборите за највисоките позиции во Европската Унија закажани за 6 и 9 јуни.

Во јули во Вашингтон се одржува самит по повод 75-годишнината од НАТО.

Генералните секретари на НАТО се одговорни за претседавање со состаноци и за спроведување на консултации меѓу земјите-членки за да се осигура дека организацијата заснована на консензус може да продолжи да функционира. Тие, исто така, гарантираат дека одлуките се спроведуваат во име на сите членки на Алијансата.

Полските земјоделци ја прекинаа блокадата на границата со Украина

Илустрација од протестите на полските земјоделци
Илустрација од протестите на полските земјоделци

Полските земјоделци ја прекинаа повеќемесечната блокада на граничниот премин со Украина.

Британските медиуми ја пренесуваат позитивната оценка на украинскиот министер за земјоделство за напорите на Полска да стави крај на блокадата и најави дека се деблокирани сите гранични премини со Полска.

Блокадите започнаа кон крајот на минатата година, по протестите на полските земјоделци поради изземањето на украинските земјоделци од барањето да аплицираат за влез во Полска.

Варшава и Киев со месеци преговараа за изнаоѓање решение за блокадата, а Украина ја повика Европската Унија да интервенира.

Илјадници земјоделци во Полска излегоа на улиците во Варшава на 27 февруари, ескалирајќи го протестот што започна на почетокот на февруари против увозот на храна од Украина и зелените правила на ЕУ.

Земјоделците ширум Европа протестираа со недели против ограничувањата што им ги поставуваат регулативите за „Зелениот договор“ на ЕУ, наменети за справување со климатските промени, како и зголемените трошоци и, како што велат, нелојалната конкуренција надвор од ЕУ, особено Украина.

Полските земјоделци започнаа серија протести низ целата земја на почетокот на овој месец, а за време на протестите целосно ги блокираа и сите украински гранични премини, како и пристаништата и низ целата земја.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG