Достапни линкови

Додворување на Русија со цркви во руски стил


Се почесто се градат цркви во руски стил, од МПЦ велат дека стилот зависи и од ктиторот, но упатените посчуваат дека причините се други.

Македонски православни цркви се почесто се градат во руски архитектонски стил. Последна од четирите кои се во тек на градење, е најавата за изградба на црковен мини град во таков стил во кој ќе бидат сместени и старски дом, детска градинка, амбуланта, хотел, резиденција на скопскиот викарен епископ, дом на руската култура и споменик на упокоените Руси во 1917 година. Тој комплекс во скопската населба Железара ќе се гради на земјиштето во сопственост на МПЦ-ОА, а нејзини претставници присуствуваа на презентацијата на планот со како што беше наведено благослов од поглаварот Стефан. Изградбата ја започнува самата црква која побара и донации.

Јас знам само една работа дека во нашата епархија Преспанско-пелагониска, без оглед кој сака нека биде ктитор ние кажуваме како ќе се гради црквата и како ќе биде и архитектурата и живописот и фрескописот ние одлучуваме, односно јас сакам да биде тоа во наш македонски, православен стил.
Владиката Петар.

Зошто се почесто новите цркви кај нас наликуваат на руските? Владиката Петар вели дека стилот во кој ќе биде изградена црквата зависи од ктиторот и неговата желба, но сепак на крајот одлучува надлежниот епархиски архиереј.

„Јас знам само една работа дека во нашата епархија Преспанско-пелагониска, без оглед кој сака нека биде ктитор ние кажуваме како ќе се гради црквата и како ќе биде и архитектурата и живописот и фрескописот ние одлучуваме, односно јас сакам да биде тоа во наш македонски, православен стил“, вели владиката Петар.

Покрај новата најавена црква во Железара годинава исто во Скопје, во населбата Аеродром, во руски стил, бизнисмен Сергеј Самсоненко финансираше изградба на црквата Свети Тројца.

Посебно македонската православна црква заради специфичноста која ја има со сопствената положба со српската православна црква, веројатно има соодветна потреба и од гаење на определени симпатии и интереси кон другите цркви, особено кон една можна црква како што е руската православна црква.
Цане Мојановски, универзитетски професор.

Претходно храмови кои наликуваат на руските почнаа да се градат и во близина на Бигорскиот манастир крај Дебар и во Маврово.

Според поранешниот претседател на комисијата за односи со верските заедници, професор Цане Мојановски такви објекти се градат и кога некоја црква од одредено подрачје гради храм во друго. Но тој смета дека кај нас причината не е таа.

„Станува збор за градба на објект којшто помалку или повеќе ќе ги изразува определбите и симпатиите на нашата црковна архитектура и на македонските верници кон руската православна црква“,вели Мојановски.

Друга причина поради кои се градат цркви во одреден стил, велат упатените, е ако во него се служи на друг јазик за потребите на заедницата што живее во земјава. Но, според податоците во Македонија има мал процент на Руси. Во пописот од 2002 година за нив не постои одделна графа односно спаѓаат во категоријата останати , а бројката што ја изнесе рускиот патријарх Кирил, кој рече дека во Македонија има околу 48.000 луѓе со руско чувство, се оценува како превисока.

„Посебно македонската православна црква заради специфичноста која ја има со сопствената положба со српската православна црква, веројатно има соодветна потреба и од гаење на определени симпатии и интереси кон другите цркви, особено кон една моќна црква како што е руската православна црква“, вели Мојановски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG