Достапни линкови

Власта самоуверено во измени на Уставот


Министерот за правда Аднан Јашари изјави дека актуелната власт има доволно гласови во парламентот за да се донесат уставните измени и покрај забелешките на Венецијанската комисија дека не е добро тоа да се прави во отсуство на опозицијата.

Без конкретен коментар на забелешката на Венецијанската комисија дека сега во отсуство на опозицијата, не е добар момент за воведување уставни амандмани, министерот за правда Аднан Јашари јасно изјави дека актуелната власт има доволно гласови во парламентот за да се донесат уставните измени.

Не би сакал да се пуштам во политички анализи, политички ставови во Собранието, меѓутоа оваа власт има доволен број на гласови за да се усвојат овие уставни амандмани.
Аднан Јашари, министер за правда.

„Не би сакал да се пуштам во политички анализи, политички ставови во Собранието, меѓутоа оваа власт има доволен број на гласови за да се усвојат овие уставни амандмани“, вели Јашари.

Илустрација.
Илустрација.

Министерот не ги коментираше ниту барањата на опозицијата власта веднаш да ја прекине постапката и да ги повлече предложените уставни амандмани, повторувајќи дека Венецијанската комисија не повикува на запирање на постапката и недонесување на овие амандмани.

Ќе дојде до редефинирање на нацрт-амандманот, во насока дека со предложениот амандман ќе се даде можност со закон да бидат основани меѓунородни финансиски зони и дека со законот ќе бидат уредени односите во рамки на самата зона.
Билјана Бришковска-Бошковска, заменик мистерката за правда.

Иако некои од предложените измени на Уставот, беа поздравени од Комисијата, сепак најсериозните забелешки се однесуваат на нацрт амандманот за дефинирање на бракот и различните форми на животна заедница меѓу маж и жена, како и амандманот кој се однесува на воведување на таканаречена меѓународна финансиска зона. Во однос на првото, министерот Јашари рече дека бракот ќе биде дефиниран како заедница исклучиво меѓу еден маж и само една жена, но дека ги ги прифаќаат сугестиите на Венецијанската комисија кои се однесуваат на вонбрачната заедница и животното партнерство.

„Свесни за сензитивноста на оваа материја, нашите решенија содржани во предлог амандманите, ќе се движат во насока самите односи во бракот, семејството и во брачната заедница да се уредат со закон што се донесува со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, вели Јашари.

Во однос на втората забелешка околу воведувањето меѓународни финансиски зони, Јашари посочи дека наведените мислења на комисијата се целосно прифатливи и ќе бидат земени предвид при изготвување на Предлог-амандманот, посебно во делот на суверенитетот и преземените меѓународни обврски на Република Македонија. Во тој контекст, решенијата кои ќе бидат предложени ќе се движат во насока на тоа дека во земјава со закон можат да се формираат меѓународни финансиски зони.

„Ќе дојде до редефинирање на нацрт-амандманот, во насока дека со предложениот амандман ќе се даде можност со закон да бидат основани меѓунородни финансиски зони и дека со законот ќе бидат уредени односите во рамки на самата зона“, изјави заменик мистерката за правда Билјана Бришковска-Бошковска.

По неодамнешните реакции на опозициската СДСМ дека со ваквиот уставен амандман постои потенцијален ризик дека зоната ќе стане рај за „нечисти пари” , од ресорното министерството додаваат дека прифатените решенија во делот на прописите за спречување перење пари и финансирање тероризам во зоната ќе бидат во согласност со сите меѓународни стандарди.

Предлог амандманите на Уставот ќе бидат утврдени на седница на Владата, по што јавноста дополнително ќе биде известена за конкретните решенија во предложените амандмани.

Во заклучоците содржани во мислењето на Венецијанската комисија се наведува дека Комисијата ги повикува сите политички сили да започнат со конструктивен дијалог и соработка за време на понатамошното разгледување на измените.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG