Достапни линкови

Уставните измени да бидат согласни со Конвенциското право


Мирјана Лазарова Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Мирјана Лазарова Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Секоја измена на Уставот и законите поврзана со човековите права, мора да биде во согласност со принципите на Конвенциското право, а на македонските редовни судови им треба дополнителна едукација за да се приближат кон Конвенциското право, вели Мирјана Лазарова Трајковска, судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во разговор за Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Лазарова Трајковска, дали во овој момент гледате оправданост и причина за менување на Уставот на Република Македонија?

Генерална оценка не би можела да дадам, поради улогата на судија во меѓународен суд за човекови права. Европскиот суд за човекови права остава државата да оцени кога и како ќе ги менува актите и законите, вклучително и највисокиот правен акт. Она што судот го кажува во своите пресуди е дека сите измени што настануваат во правниот поредок на државите, коишто се поврзани со човековите права, мораат да ги почитуваат принципите на Конвенциското право и особено кога станува збор за правичното судење поврзано со Членот 6 од Европската конвенција за човековите права.

Каква е вашата оценка за нивото на дебата околу уставните измени во македонското општество?

Дебатите секогаш се потребни пред и по воведувањето на измените, независно дали станува збор за уставни или законски. Важни се отвореноста на целото општество и критичноста во дебатирањето. Ние во Стразбур често велиме дека законите не треба да бидат добри само во теорија, туку тие треба да бидат практично спроведливи. Треба да бидат препознаени и видливи дека се добро сработени.

Каква е вашата оценка за моменталната работа на судовите во Македонија?

Оценката за работата на судовите произлегува од праксата на Европскиот суд за човекови права. Македонија не спаѓа во редот на земјите кои што имаат премногу жалби и предмети пред судот во Стразбур, меѓутоа структурата на предметите и нивната содржина покажува дека има потреба од дополнителна едукација и обука за приближување на Конвенциското право кон редовните судови. Македонија треба да учи и од пресудите и искуствата на другите земји. Тоа го налага принципот на Res Interpretata.

Здружението на новинарите на Македонија бара при процесите за клевета да се почитуваат препораките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Но, новинарите велат дека тоа не се случува. Што треба да се превземе на овој план?

Пред Евопскиот суд за човекови права имало предмети кои се поврзани со Членот 10 од Европската конвенција за човековите права. Ние сè уште имаме жалби, меѓутоа судот сè уште нема донесено пресуда која што се однесува на Република Македонија во однос на предметите за кои што зборувате, што не значи дека таква одлука или пресуда нема да следи во наредните години. Не треба да се чека пресуда против Македонија, добро е да се учи на стандардите и принципите кои што овој суд веќе ги изградил во однос на другите земји. Препораките на судот се преточени во праксата во однос на Членот 10, меѓутоа слободата на изразување јас би ја поврзала и со слободата на здружување. Таа е поврзана со голем број на други права и слободи од Европската конвенција за човекови права и тоа подразбира едно поголемо милје на познавање од страна на судовите и од страна на оние кои што бараат заштита на слободите и правата пред судовите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG