Достапни линкови

И во Македонија се зарекуваат брачни партнери на детска возраст


Зарекувањето брачни партнери уште од детска возраст меѓу семејствата на идните младенци сè уште постои во селото Броштица во Општина Центар Жупа.

Во селото Броштица – Општина Центар Жупа, кое се наоѓа на самите падини на планината Стогово, сè уште е присутна старата појава на зарекување, односно таксање на брачни другари уште во детската возраст. Жителите на ова село, кое е едно од најголемите во Жупа, велат дека ова е традиција и таа е пренесена од колено на колено. Оваа појава создава големи проблеми, како меѓу брачните другари потоа, така и меѓу семејствата кои го договориле зарекувањето.

Појавата на зарекување или како што најчесто кај нас во селото се нарекува таксање, за жал сè уште е присутна. Во споредба со пред повеќе години наназад таа е во помал број, но сепак се практикува како таква. Станува збор за договор меѓу две семејства, на девојчето и момчето, да заречат брак на децата на околу 10-годишна возраст, односно школска возраст. Договорот меѓу семејствата се постигнува со цел по некоја година тие да се верат, а потоа и да стапат во брак.
Казафер Емруловски, интелектуалец од село Броштица.

За жал појавата е присутна и во 21 век и нанесува, меѓу другото и големи социјални проблеми. Станува збор за типична појава на малолетнички бракови кои во последно време во многу случаи завршуваат со разводи и со големи негодувања и реакции на младите.

Школски карневал во село Броштица во Општина Центар Жупа.
Школски карневал во село Броштица во Општина Центар Жупа.

„Појавата на зарекување или како што најчесто кај нас во селото се нарекува таксање, за жал сè уште е присутна. Во споредба со пред повеќе години наназад таа е во помал број, но сепак се практикува како таква. Станува збор за договор меѓу две семејства, на девојчето и момчето, да заречат брак на децата на околу 10-годишна возраст, односно школска возраст. Договорот меѓу семејствата се постигнува со цел по некоја година тие да се верат, а потоа и да стапат во брак. Причината е патријархалноста која е наголемо присутна во овој регион. Нема информации од кога точно постои оваа појава на зарекување, но е познато дека појавата е многу стара“, објаснува интелектуалецот Казафер Емруловски од ова село, кој подолг период собира податоци за овој социјален проблем и најавува нивно објавување.

Jасно е дека оваа појава е пренесена од колено на колено, но ние сега живееме во современо и модерно време. Ваквите бракови потоа имаат последици. Многу од овие бракови фактички се малолетнички бракови и често пропаѓаат.
Казафер Емруловски, интелектуалец од село Броштица.

Според него, оваа стара појава во последно време создава навистина големи проблеми во бракот кој е склучен со зарекување односно таксање. Интелектуалците од оваа село често расправаат на средби за оваа појава, но засега, според нив, нема некои позначајни резултати.

„Јасно е дека оваа појава е пренесена од колено на колено, но ние сега живееме во современо и модерно време. Ваквите бракови потоа имаат последици. Многу од овие бракови фактички се малолетнички бракови и често пропаѓаат. Сега имаме многу семејства кои се на печалба и живеат во странство. Таму се живее поинаку и кога се враќаат овде во Броштица забораваат на она што го зарекле. Интелигенцијата од ова село јасно е дека работи за да ја искорени појавата, но поради големиот традиционализам и патријархалност не можеме да се пофалиме дека имаме многу успеси“, вели Емруловски.

И покрај сите активности на интелектуалците, но и на надлежните социјални институции во Дебар, сепак зарекувања има и денес.

Младите не сакаа да проговорат пред нашиот микрофон за оваа појава за време на нашата посета на село Броштица, но во слободниот разговор беа сосема јасни во своите погледи кон оваа појава. Тие се против зарекувањата на детска возраст и бараат слобода во изборот на својот брачен партнер.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG