Достапни линкови

Батали средно школо, треба да се мажиш


Центар Жупа.
Центар Жупа.

Во руралните средини во дебарско сè уште се чести малолетничките бракови. Најчесто малолетни во брак стапуваат женските деца.

Малолетничките бракови и понатаму во голема бројка се присутни во општините Дебар и Центар Жупа. Тие особено по традиција најбројни се во руралните средини, но ги има и во градот Дебар.
Последните години во просек во двете општини, бројот на малолетнички бракови е од 30 до 32 годишно. Тие се присутни особено во селата, а во однос на етничката припадност најбројни се малолетничките бракови кај Македонците муслимани, потоа кај Турците, Ромите и Албанците. Најбројни се женските лица кои влегуваат во брак, а се малолетни.
Исмаил Мерсимовски, социјален работник.

Во едно истражување направено за „Малолетничките бракови во општините Дебар и Центар Жупа и причините за нивната појава“, извршено од страна на социјалниот работник Исмаил Мерсимовски, со поддршка на институцијата во која работи, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Дебар, кој со своите активности ги покрива општините Дебар и Центар Жупа, се подвлекува дека особено е голема бројката на бракови меѓу малолетници во селата на општина Центар Жупа.

Традиционалниот начин на живеење во селата, како и големото влијание, на семејството во одредувањето на изборот на брачниот другар на членови на семејствата влијае во предвременото влегување во брак кај младите, а особено кај женските деца.

„Последните години во просек во двете општини, бројот на малолетнички бракови е од 30 до 32 годишно. Тие се присутни особено во селата, а во однос на етничката припадност најбројни се малолетничките бракови кај Македонците муслимани, потоа кај Турците, Ромите и Албанците. Најбројни се женските лица кои влегуваат во брак, а се малолетни“, вели Мерсимовски.

Во надлежната институција во Дебар се работи со посебна програма кога е во прашање советодавниот карактер. Се укажува на големите последици кои се јавуваат кај малолетничките бракови, но според Мерсимовски, појавата сепак останува да биде присутна.

,„Со оглед дека малолетничките бракови носат низа сериозни последици врз младите, ние им советуваме во Центарот за социјални работи за им им го пренесуваме евентуалните последици кои можат да се одразат врз бракот. Укажуваме, како на опасностите врз здравјето, но и за последиците на бракот врз семејството и општеството“, вели Мерсимовски.

Традиционалниот начин на живеење во руралните средини, покрај малолетничките бракови, влијае и врз раното прекинување на школувањето, особено на женските деца во селата. И покрај фактот што сега средното образование е законска обврска во Република Македонија, дел од женски деца од селата не го продолжуваат средното образование и по цена нивниот родител да ја плати законската казна.
  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG