Достапни линкови

„Живот под кирија“ – надреална сатира за живот во слобода без стеги


„Живот под кирија“ е насловена претставата чија праизведба ќе се случи утревечер во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во рамките на 53 издание на фестивалот „Охридско лето“. Автор на текстот е Рефет Абази, режисер - Италијанецот Лука Кортина, а проектот на сцена го донесува ансамблот на Националната установа - Албански театар - Скопје.

Седум години по „Аквариум“, актерот и професор на Факултетот за драмски уметности Рефет Абази со нова праизведба на свој текст на „Охридско лето“. Овојпат Албанскиот театар – Скопје на нашата најголема летна културна манифестација, како петта премиера, ја донесува претставата „Живот под кирија“ за која авторот вели дека всушност, бавејќи се со светот на театарот, се бави со нашата реалност.
Ме боли тоа што се случува во театарот, во тој театар што јас го сакам, ме боли тоа што се случува во сите наши театри, ме боли тоа што ни се случува секаде околу нас. И тоа е еден мој обид да дадам придонес кон едно поинакво гледање на работите.
Рефет Абази, сценарист.

„Ме боли тоа што се случува во театарот, во тој театар што јас го сакам, ме боли тоа што се случува во сите наши театри, ме боли тоа што ни се случува секаде околу нас. И тоа е еден мој обид да дадам придонес кон едно поинакво гледање на работите“, вели тој.

Абази дополнува дека во „Живот под кирија“ се обидел да обработи ликови, реални и фиктивни, од кои првите се откажале од животот и живеат лажно, а вториве, пак, креваат бунт против конформизмот и бараат нивните животи на сцена да се одвиваат точно, до крај и живо.
Проблемот на правење претстави е проблем на правење култура воопшто. Е проблем да се биде човек. Доколку си ограничен и се соочуваш со триста различни потешкотии, комплекси, стари конфликти, нови конфликти, подземни конфликти, ти се наоѓаш заглавен. Скаменет. Во една нежива култура. Јас не го кажувам тоа ни за да ѝ судам на Македонија, ни на Италија. Тоа е нешто што се однесува на мојот авторски ракурс.
Лука Кортина, режисер.

На Лука Кортина, инаку режисер кој своето формално образование го заокружи во класата на Слободан Унковски и по завршувањето на студиите соработуваше со Александар Поповски, по успешното поставување на „Аквариум“ во Тетовскиот театар (претставата одлично помина на Фестивалот МЕСС и беше успешно прикажана во Тирана, Албанија), ова му е втора соработка со Абази. Тој вели дека зад нив е еден процес обележан со силен и длабок истражувачки дух во театарот и дека нивната намера била да направат претстава која се состои од сите елементи на театарското сценско изразување.

„Проблемот на правење претстави е проблем на правење култура воопшто. Е проблем да се биде човек. Доколку си ограничен и се соочуваш со триста различни потешкотии, комплекси, стари конфликти, нови конфликти, подземни конфликти, ти се наоѓаш заглавен. Скаменет. Во една нежива култура. Јас не го кажувам тоа ни за да ѝ судам на Македонија, ни на Италија. Тоа е нешто што се однесува на мојот авторски ракурс“, вели Кортина.

Во „Живот под кирија“ играат Амернис Јовановска Нокшиќи, Хисмет Рамадани, Музбајдин Ќамили Муча, Линда Саити, Џевдет Јашари, Греса Паласка, Аида Елези, Адем Карага и други, а ликот на Дин, режисерот кој на почетокот од својата професионална кариера се соочува со непослушноста на актерите и управата, кои театарот го гледаат како институција за постигнување на други цели, го толкува младиот Бесфорт Идризи.

„Горчлива реалност е тоа што од целиот тој уметнички кадар во тој театар напомош единствено му доаѓа бифеџијата. Тој е единствениот кој што има сенс за тие некои нови форми, за револуциите во театарот и за театарската уметност воопшто“, вели тој.

Инаку, автори на музиката во „Живот под кирија“ на Лука Кортина и Албанскиот театар – Скопје се Пеце Николовски и Славе Јовев, кларинетистот и тапанарот на групата „Фолтин“. Тие велат дека музиката настанала во период од неполн месец кога обајцата наоружани само со еден микрофон и еден компјутер буквално живееле до и на самата сцена и ги бележеле звуците, вибрациите и шумовите што ги создавале актерите и реквизитите.

„Бидејќи самиот текст, самиот концепт, работата беше врзана за сцената, ние едноставно пробавме да произведеме музика од самата сцена. Еден дел од неа е од движењата на реквизитите што ги имаат актерите во текот на претставата, а другиот дел е оној што го забележавме ние самите со нашата мобилизирана студиска опрема и од кој потоа аранжмански дизајниравме некакви звучни слики за пооделни сцени во проектот.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG