Достапни линкови

Нов бран - чистка или унапредување


Обидот да се сменат луѓето кои се директори на јавни претпријатија и државни органи, како и претседатели на општински комитети се обид да се покријат слабостите на првите луѓе во партијата, велат аналитичарите со кои разговаравме.

Новиот бран освежување во ВМРО-ДПМНЕ започна со оставки на неколку звучни имиња во партијата. Четири директори на големи државни институции самоиницијативно се повлекле од функциите.
Ова освежување сигурно е во функција на локалните избори, за да се понуди одредена попозитивна слика во функција поголем успех на локалните избори. Но зад ова може да се крие некои подлабоки потреси во рамките на ВМРО-ДПМНЕ за кои јавноста се уште нема подобар увид.
Здрако Савески, универзитетски професор.

Во јавноста веќе се појавија информации дека по напуштањето на функцијата директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски е најсериозен кандидат за иден амбасадор во Јапонија. Но, како да се сфатат најавените промени во партијата, дали со новиот бран освежувања се казнуваат или наградуваат партиските послушници?

Професор Здрако Савески вели дека стана вообичаено да се испраќаат за амбасадори кадрите кои се тргнуваат од политиката, а се блиски до првите луѓе во државата. Ваквата пракса, според Савески, е во функција на предизборен маркетинг.

„Ова освежување сигурно е во функција на локалните избори, за да се понуди одредена попозитивна слика во функција поголем успех на локалните избори. Но зад ова може да се кријат некои подлабоки потреси во рамките на ВМРО-ДПМНЕ за кои јавноста се уште нема подобар увид.“
Значи тука нема ништо корисно за државата, едноставно тоа е само една провизорна тактика, чиста игра а не некоја поозбилна активност.
Етем Азири, универзитетски професор.

Новиот бран во ВМРО-ДПМНЕ нема да донесе квалитетни промени во партијата. Логично е дека таму има потреба од нови кадри, но потезите на владејачката партија се само шминка за она што навистина се случува таму, категоричен е универзитетскиот професор Етем Азири.

„Значи тука нема ништо корисно за државата, едноставно тоа е само една провизорна тактика, чиста игра, а не некоја поозбилна активност. “

Промените кои треба да бидат дел од внатрепартиската демократија кај нас се спорни. Смените се однесуваат на вториот и третиот ешалон во партиското раководство, а не во првите редови на партијата. Колку е некој повисоко, толку е потешко да се симне оттаму, е политичката логика во земјава, посочува Савески.

„За да може да се лоцира некаде вина за одредени лоши потези, политички и пропагандно е подобро таа вина да се лоцира подолу, отколку погоре.“

Аналитичарите велат дека обидот да се сменат луѓето кои се директори на јавни претпријатија и државни органи, како и претседатели на општински комитети се обид да се покријат слабостите на првите луѓе во партијата. Но, збунува фактот што за некои од нив директорското место, било само отскочна штица во личната кариера.

Од вчера и официјално оставки поднеле директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, дирекоторката на Агенцијата за државни патишта Наташа Волкановска, првиот човек на Агенцијата за регулирање на пазарот на железнички услуги Никола Димитровски и главниот во Антимонополска управа, Чедомир Кралевски. Од ВМРО-ДПМНЕ укажаа дека го почитуваат нивниот придонес во реализацијата на програмата и работните задачи. Новиот бран зафатил и неколку градови во Македонија.

Пред една недела од оваа партија беше посочено дека ќе бидат разрешени околу 200 функционери на државно и локално ниво, по што ќе се распишат конкурси за пополнување на празните места.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG