Достапни линкови

Руските дезинформации влијаат на јавното мислење за војната во Украина


илустрација
илустрација

Мнозинството анкетирани македонски граѓани (55 %), сметаат дека преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната. Од Институтот за демократија, ова го објаснуваат како резултат на кампањите со дезинформации, но и на неинформираност и разочараност од ЕУ. Над половината, 52 % , ги сметаат САД за фактор со најголемо влијание во Северна Македонија.

Војната во Украина започна со силна осуда во македонската јавност. Тоа е и официјалната позиција на државата - осуда на руската инвазија и силна поддршка за Украина. Но во овој период од една година додека трае војната, Северна Македонија, но и регионот се соочи со бројни лажни вести во медиумскиот простор кои влијаат во обликувањето на јавното мислење

Тоа го покажува најновото истражување на Институтот за демократија и фондацијата Конрад Аденауер во кое мнозинството граѓани до одреден степен не се согласуваат дека Русија има за цел да ја освои Украина (41% - воопшто, а 13% до некаде), додека 21% од испитаниците сметаат дека тоа е целта на руската агресија.

Велиновска: Мнозинството е сѐ уште проевропски ориентирано
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:54 0:00
Директен линк

Авторката на истражувањето, Анамарија Велиновска, објаснува дека ова покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека Русија реагира превентивно, како реакција на провокации, без да има намера реално освојување на Украина.

„Резултатите не се премногу изненадувачки со оглед на тоа што во целиот регион владее една кампања на ширење на дезинформации пласирани од различни медиуми, а најмногу од медиуми на соседните земји кои влијаеја врз обликувањето на јавното мислење. Од друга страна, начинот на кој граѓаните ги примаат информациите укажува на голема неинформираност или незнаење од нивна страна“, вели Велиновска.

Официјалната позиција на државата е осуда на агресијата на Русија и силна поддршка за Украина. Во анкетата на Институтот за демократија било поставено прашањето: „Дали нападот на Русија кон Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Москва не можеше да ги игнорира“, а резултатите покажуваат дека испитаниците до одредена мера се согласуваат со оваа теза (36% целосно, а 15% до некаде). Наспроти нив, 29 отсто од граѓаните воопшто не се согласуваат со оваа теза.

Од Институтот за демократија велат дека добиените резултати укажуваат дека мнозинството испитаници сепак веруваат дека оправданоста на нападот од страна на Русија треба да се бара во провокации кои ги креирало НАТО, теза која што е спротивна на мнозинството размислувања претставени во стручната јавност и на официјалната политика на државата.

„Овие пораки се чест пример на информации кои Москва официјално ги пласира преку своите медиуми“, се наведува во истражувањето.

Истражувањето покажало и дека 34 проценти од македонските граѓани не се согласуваат дека победата на Украина, значи и победа на Европа.

Мнозинство од испитаниците, односно 55 % целосно се согласуваат дека само преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната. Од аспект на етничката припадност, нема разлика во ставовите на етничките заедници во земјава за ова прашање, што може да се види во инфографикот подолу.


Инаку ова истражување започнало како анкета за европските интеграции, па дел од одговорите на испитаниците Велиновска ги припишува и на разочараноста на македонските граѓани од блокадите на тој пат и политиката на Европската Унија кон Македонија.

Украина на пример доби кандидатски статус во јуни, а последните најави дека ќе ги отвори преговорите до крајот на годината, може да предизвикаат дополнително разочарување кај македонските граѓани, истакнува Велиновска.

„Секако дека тоа ќе предизвика разочараност бидејќи поминаа 17, 18 години во кои се соочуваме со чекање, блокади, вета, а од друга страна земји кои се во многу полоша состојба од нас, како што е Украина, го добиваат тоа за многу краток период, што повторно го отвора прашањето што значи ЕУ за нив, дали се гледа само од геостратешки аспект или од аспект на реформи и внатрешно унапредување и демократизација?“, вели Велиновска.

Истражувањето, меѓу другото, го мери и јавното мислење во однос на поддршка за друга алтернатива на членството во ЕУ, Евроазиската Унија предводена од Русија. Сепак бројот на поддржувачи се намалува , а 53% или мнозинството граѓани останува цврсто на ставот дека алтернатива како Евроазиската Унија не е пожелна.

Во овој дел третина од испитаниците, односно 32% сметаат дека ЕУ е најголем сојузник на државата, по која следат Соединетите Држави со 17 отсто поддршка. Трет посочен сојузник е соседна Србија со 10%, пред Русија и Германија со 9% и Турција со 7 проценти.


Перцепцијата за Русија како трет најголем сојузник паѓа во последните неколку години, но интересен е податокот што расте бројот на граѓани кои не знаат да идентификуваат сојузник, односно немаат одговор на ова прашање. Тој процент е 11 отсто од испитаниците, посочуваат од Институтот за демократија.

Меѓудругото, половина од испитаниците или 49 проценти сметаат дека Европската Унија треба да биде главен економски партнер на земјата. Втор најпосакуван трговски партнер според 21 отсто од анкетираните се Соединетите Држави.

Соединетите Држави се посочени како фактор со најголемо влијание во Северна Македонија од мнозинството испитаници (52%) и бележи пораст од минатата година кога изнесувал 45 отсто.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG