Достапни линкови

Како земјите од Западен Балкан ѝ помогнаа на Украина


Група бегалци од Украина во Северна Македонија, 23.03.2022.
Група бегалци од Украина во Северна Македонија, 23.03.2022.

Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија ѝ помогнаа на Украина во текот на 2022 година. Заеднички став на сите земји од Западен Балкан е осудата на руската агресија. Само Србија не воведе санкции кон Русија, додека одлуките за санкции на БиХ не се спроведуваат во пракса.

Пари за загрозеното население, лекови, храна, ќебиња, амбулантни возила, но и воена опрема и тенкови - сето тоа го испратија земјите од Западен Балкан до Украина, која речиси една година се бори со последиците од руската агресија.

Од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година, десетици градови во Украина се уништени, милиони граѓани се раселени, а Обединетите нации проценуваат дека бројот на загинати цивили надминува 7.000.

Заеднички став на сите земји од Западен Балкан е осудата на руската агресија. Сепак, меѓу нив, само Србија не воведе санкции кон Русија, додека одлуките за санкции донесени од Босна и Херцеговина не се спроведуваат во пракса.

Санкциите се барање на Брисел за сите шест земји од регионот, кои претендираат да бидат членки на Европската унија.

РСЕ дава преглед на тоа како Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија ѝ помогнаа на Украина во текот на 2022 година.

Северна Македонија донираше тенкови

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Владата на Северна Македонија донесе шест одлуки за воена помош за Украина, соопшти Министерството за одбрана за Радио Слободна Европа.

„Видот на воената помош е сепак доверлива информација“, се наведува во одговорот и се додава дека ќе биде објавено каква е помошта „кога за тоа ќе се создадат услови“.

Министерството наведува дека одлуката на Северна Македонија за воена помош има за цел да ѝ помогне на Украина да се одбрани и да го заштити нејзиниот суверенитет „на што таа има целосно право според меѓународните правила и норми“.

Северна Македонија е дел од НАТО алијансата од 2020 година. Откако во медиумите во јули 2022 година беа објавени фотографии од тенкови натоварени на камиони, Министерството за одбрана на 28 јули потврди дека тие биле дел од донацијата.

„Станува збор за тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата, кој се планира да биде расформиран. Станува збор за тенкови од трета генерација, кои за неколку години поради развојот на технологијата би биле неконкурентни и некомпатибилни со стандардите на НАТО алијансата, велат од Министерството.

На донацијата на тенкови реагираше и Москва, која оцени дека одлуката на македонските власти да ѝ донираат тенкови Т-72 на Украина е „голема грешка“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во август 2022 година изјави дека „иако се работи за застарена опрема, донацијата го поддржува продолжувањето на криминалните активности на режимот во Киев“.

Официјално Скопје во неколку наврати испрати хуманитарна помош во форма на лекови и медицинска опрема за Украина. На крајот на минатата година, на 6 декември, Владата на Северна Македонија донесе одлука за донирање на зимска опрема на Министерството за одбрана на Украина - виндјакни, џемпери и ќебиња.

Во БиХ олеснување за доаѓањето на Украинците

На почетокот на војната, во март 2022 година, Босна и Херцеговина (БиХ) со одлука на Советот на министри додели 150.000 евра за хуманитарна помош - лекови и други материјали за Црвениот крст на Украина.

Од април 2022 година, олеснет е влезот на граѓаните на Украина во БиХ. Со одлуката на Советот на министри, од хуманитарни причини е одобрен привремен престој на Украинците до шест месеци, со тоа што истиот може да биде продолжен.

Пред таа одлука на Советот на министри, на граѓаните на Украина им беше дозволено да престојуваат во БиХ 30 дена.

Податоците на Граничната полиција покажуваат дека од почетокот на војната во Украина до крајот на јануари 2023 година во Босна и Херцеговина влегле над 50 илјади украински државјани.

Според податоците на Службата за работи со странци, како што одговорија за РСЕ, во изминатата година на државјани на Украина одобрени се 151 привремен престој и едно одобрување за постојан престој.

Владата на Федерацијата БиХ, на 17 март минатата година донесе одлука хотелот „Валтер“ во Сараево, со кој располага Агенцијата за управување со одземен имот, да го користи за сместување на украински бегалци. Не е познато колку бегалци имало во овој хотел и дали во моментов таму престојуваат украински државјани.

Босна и Херцеговина нема заеднички став за повеќето прашања поврзани со војната во Украина, особено кога станува збор за санкциите против Русија поради агресија на кои се противи ентитетот Република Српска.

Така, претседателот на Република Српска Милорад Додик, и покрај осудите, на 9 јануари - на неуставниот ден на Република Српска, го одликуваше рускиот претседател Владимир Путин. Додик е меѓу ретките функционери кои се сретнале со Путин од почетокот на инвазијата на Украина.

Босна и Херцеговина и официјално се приклучи кон санкциите на Европската Унија, преку својата мисија во Брисел. Тоа го потврди и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел на почетокот на март минатата година.

Според официјалните информации објавени од Европскиот совет, Босна и Херцеговина се усогласила со Европската унија во санкциите на неколку стотици физички лица и компании од Русија.

Но, санкциите во пракса не се спроведуваат, со оглед на тоа што одлуката за нивно спроведување не беше потврдена од Советот на министри на Босна и Херцеговина, поради противењето на министрите од ентитетот Република Српска.

Согласно законот, Советот на министри на Босна и Херцеговина, кој ја води надворешната политика на земјата, по консултација со Претседателството донесува одлуки за санкции против странски држави.

Од Црна Гора воена помош

Црна Гора од почетокот на војната ѝ испратила помош на Украина во висина од 11 отсто од вкупниот годишен црногорски буџет за одбрана, велат за РСЕ од Амбасадата на Украина во Подгорица.

Оваа информација претходно ја изнесе Дритан Абазовиќ - премиерот на кого во 2022 година му беше изгласана недоверба. Абазовиќ и натаму продолжува да ја извршува премиерската функција.

Воената и хуманитарната помош за Украина, според црногорските власти од септември 2022 година, изнесувала осум милиони евра.

Црна Гора е членка на НАТО алијансата од 2017 година. Воениот сојуз од 40 земји ѝ помага на Украина од почетокот на војната.

Абазовиќ како премиер ја посети Украина во средината на јуни 2022 година, а на крајот на ноември во Украина престојуваа и министерот за внатрешни работи и шеф на Министерството за одбрана Филип Аџиќ.

Тој тогаш најави дека „најголемиот пакет“ поддршка „наскоро“ ќе биде испратен до Украина. Вредноста на пакетот не е објавена, а засега не се знае дали пакетот е испорачан.

Помошта на Црна Гора започна со првите денови од војната во Украина. Една недела по почетокот на руската инвазија беа испратени 50 илјади евра од буџетската резерва, а следната воена и хуманитарна донација, вредна 400 илјади евра, беше испратена во средината на мај 2022 година.

Покрај државната помош, локалната администрација на главниот град Подгорица, како и компании, банки, здруженија и граѓани во текот на минатата година испратија донации во пари и стоки.

Од март 2022 година, Црна Гора се приклучи на сите рестриктивни мерки усвоени од Европската унија против Русија.

Според податоците на црногорскиот Министерство за внатрешни работи, од почетокот на руската инвазија до 30 јануари годинава во Црна Гора влегле над 92 илјади украински државјани, а заминале над 85 илјади.

На крајот на 2022 година, премиерот Дритан Абазовиќ истакна дека меѓу земјите од регионот, Црна Гора е на прво место по бројот на украински државјани кои живеат таму.

Прием на украински новинари во Косово

По почетокот на руската инвазија на Украина, во март 2022 година, Владата на Косово одвои 100.000 евра за хуманитарна помош. Парите биле проследени до хуманитарна организација, која со нив купувала производи во Косово и ги испраќала во Украина.

Исто така, Владата на Косово одвои околу 150.000 евра за прием на 20 украински новинари. Со оваа сума беа покриени трошоците за изнајмување канцеларии, здравствено осигурување, плати и трошоци за превоз на украинските новинари. Засолниште во Косово досега нашле дванаесет новинари од Украина.

Косово понуди да прифати до 5.000 бегалци од Украина, но досега не пристигаа бегалци во земјата. Исто така, како поддршка на Украина, Косово ги укина визите за граѓаните на таа земја.

Косово, во согласност со одлуките на западните земји, воведе санкции кон Русија.

Досега Украина не ја призна независноста на Косово, прогласена во 2008 година.

Од Србија амбулантни возила, пари, енергетска опрема...

„Испративме хуманитарна помош и поддршка на сите можни начини, ќе испратиме уште повеќе и ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населби во Украина“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 30 јануари 2023 година.

Србија, како што беше најавено во мај 2022 година, обезбеди три милиони евра за помош на населението на Украина.

Парите се донирани на организациите на Обединетите нации: 1,5 милиони евра преку Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и 1,5 милиони евра преку Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).

Оваа помош ја најави премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на меѓународната донаторска конференција за Украина, која се одржа во април 2022 година во Варшава.

Според организаторите, на конференцијата биле обезбедени над девет милијарди евра донации, заеми и грантови за поддршка на Украинците кои бегаат од руската инвазија.

Српските власти ѝ донираа на Украина две амбулантни возила со медицинска опрема.

Возилата пристигнаа во ургентните центри Харкив и Черкаси на крајот на ноември 2022 година, а донацијата ја договори сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ, во телефонски разговор со сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска.

Владата на Србија донесе одлука во јануари 2023 година да испрати енергетска опрема во Украина - преку хуманитарна помош и преку заем. На РСЕ не му беше кажано каква енергетска опрема е испратена до властите во Киев.

Повикот за помош на енергетскиот систем на Украина го испрати амбасадата на земјата во Белград на крајот на 2022 година, поради тоа што од руските напади милиони Украинци се во опасност да останат целосно без струја,

Во декември амбасадата истакна дека речиси половина од украинскиот енергетски систем е значително оштетен и дека во Украина не останала ниту една електрана што не била гранатирана.

Во својот одговор до Радио Слободна Европа (РСЕ), Амбасадата на Украина во Белград, наведувајќи ја државната помош на Србија, потсети дека Стопанската комора ги поканила српските компании да донираат.

Оттаму посочуваат дека преку амбасадата помош во пари и стока пружиле дваесетина фирми од Србија.

Амбасадата соработува со добротворните фондации Српски филантропски форум, Фондацијата Б92, Фондацијата Хемофарм и Банка за храна.

Во одговорот од амбасадата се вели дека помагаат во наоѓање донатори и собирање донации, а досега имаат обезбедено околу 200 илјади евра помош.

Српските власти постојано нагласуваа дека на почетокот на војната бил активиран системот за привремена заштита на украинските граѓани, што им овозможува да добијат дозволи за престој и работа, како и пристап до здравствени услуги, образование и социјална заштита.

Според податоците на Комесаријатот за бегалци и миграција, околу 140 илјади граѓани на Украина влегле во Србија од 24 февруари 2022 година до средината на јануари 2023 година, но многу помал број останале.

Над 24.000 граѓани на Украина се регистрирани како жители, но тоа не значи дека сите во моментов се во Србија.

Во Центарот за азил во Врање на југот од земјата, кој е наменет за прием на украински државјани, во средината на јануари 2023 година престојувале околу седумдесет лица, додека според податоците на Комесаријатот, околу четири илјади од нив живееле во приватно сместување.

Иако ја осуди руската инвазија, Србија се разликува од земјите од регионот по тоа што е единствената која не воведе никакви санкции кон Русија. Властите во Белград ја оправдуваат одлуката со тоа што Србија зависи од рускиот гас, а Русија го поддржува ставот на Србија дека не ја признава независноста на Косово.

Брисел ја повикува Србија да се усогласи со европската надворешна политика, бидејќи земјата е кандидат за членство во Европската унија.

XS
SM
MD
LG