Достапни линкови

Несанирани штети во Бело Поле година по поплавите


.
.

Не се санирани штетите на двете семејства Секулоски и Трајкоски кои останаа без покрив над главите. Трајкоски велат дека од општината добиле 100 евра, а од Црвен Крст 500, но дека со тие пари не може да си направат куќа.

Една година од поплавите што ја зафатија долненска општина, условите во селото Бело Поле, не се променети. Ниту се санирани штетите на двете семејства Секулоски и Трајкоски, кои што практично останаа без покрив над главите.

Не знам, јас не знам оваа овдешна општина долненскава, само 100 евра ни пушти и сега со 100 евра, се гради ли куќа?
Јагода Трајкоска, жителка на Бело Поле.

Гордана Секулоска (58) живее со свекрвата Марија (87) во една соба, што се наоѓа веднаш до шталата за добитокот, цела година откако обилните, поројни дождови им ја срушија куќата изградена од цигли од плитари. На истото место стои и шутот, зашто Гордана е телесен инвалид и не може да работи, а свекрвата е болна жена, речиси неподвижна, неколку години. Овие две немоќни жени живеат со скромна пензија, a храна им пазаруваат внуците.

„Брат ми ми носи за јадење што треба од пензијата што ја земам инвалидска“, вели Гордана Секулоска.

И соседите Трајкоски не се во можност да ги санираат штетите од поплавите. Велат дека по хаваријата со која се соочија минатата година во март, добиле само 500 евра помош преку Црвен Крст и 100 евра од Општина Долнени.

„Тука живееме јас, децата и свекор ми, мажот ми е починат. Не знам, јас не знам оваа овдешна општина долненскава, само 100 евра ни пушти и сега со 100 евра, се гради ли куќа?“, регира Јагода Трајкоска.

Со заем од блиските и пријателите, а поради стравот дека може и остатоците од куќата да се урнат врз нив, тие сепак собрале сили, изградиле мало живеалиште, наспроти рушевините од старата. Се прибрале тука од нова година, откако при првиот дожд продолжило уривањето на куќата.

И натаму вели Трајкоска, ќе ја продолжат битката со животот, без помош и поддршка, ќе садат тутун, во надеж дека ќе си обезбедат подобра иднина.

Во селото Бело Поле, има околу 200 жители, а животот како да запрел на почетокот на минатиот век. Сигнал имаат само од три телевизии: МТВ, Сител и Канал 5, ретко некој може да гледа вести на другите телевизии. Овде живеат претежно возрасни луѓе, кои и не знаат да ракуваат и кога би имале интернет. Асфалтирана улица во селото нема, од сите страни се гледаат земјени патчиња, со огромни дупки. Одводи и испусти нема, канализација дури и не веруваат дека ќе им биде некогаш изградена. Но, среќни се што барем вода и струја имаат. Патот до селото е руиниран, само празни ветувања на политичарите дека некогаш ќе биде изграден. Во пресрет на овие избори, власта сепак се сети на овој крај, па делчиња од патот се подзакрпени со асфалт.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG