Достапни линкови

Слободни и рамноправни медиуми за фер избори


Мора се обезбеди правично и избалансирано известување со кое ќе може да се обезбеди рамноправна положба на сите политички играчи на политичкиот пазар. Исто така улога има и државата која мора да обезбеди дека новинарите ќе работат во безбедна средина, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, во делот на медиумската слобода забележа дека во земјава треба да се сторат дополнителни напори за да може медиумите навистина да претставуваат еден од главните столбови на демократијата. На националната конференција на тема новинарска етика во специфични околности и за време на избори, амбасадорот потсети дека Македонија се наоѓа во специфично време кога следат избори и нагласи дека медиумите играат многу важна улога да помогнат да се надмине политичката криза и да помогнат за обезбедување демократски и слободни избори.

Тоа опфаќа правично и избалансирано известување со кое ќе може да се обезбеди рамноправна положба на сите политички играчи на политичкиот пазар. Исто така улога има и државата која мора да обезбеди дека новинарите ќе работат во безбедна средина.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

„Тоа опфаќа правично и избалансирано известување со кое ќе може да се обезбеди рамноправна положба на сите политички играчи на политичкиот пазар. Исто така улога има и државата која мора да обезбеди дека новинарите ќе работат во безбедна средина. Законите против клевета и другите закони не треба да се користат за да се врши цензура врз критиката и за да се лимитира јавната дебата. Во овој контекст и независното судство треба да помогне да се гарантираат овие принципи. Како што рече Хан, слободата на медиумите е еден од главните столбови на демократијата. Мислам дека во оваа земја треба да се сторат дополнителни напори“, рече Орав на Конференцијата што се организираше како дел од проектот „Отчетноста на медиумите во Југоисточна Европа“, кој е имплементиран од УНЕСКО и финансиски поддржан од Европската унија.

Вицепремиерот Фатмир Бесими рече дека делот од извештајот на ЕК, кој се однесува на медиумската состојба, има јасни препораки и забележа дека е неопходно во наредниот период да се работи во повеќе области.

„Во фокус ќе бидат воведување поголема транспарентност на владините рекламирања и подготовка на методологија за критериумите за распределба на буџетските средства на медиумите, јакнење и балансирање на улогата на јавниот радиодифузен сервис и подобрување на слободниот пристап до информации од јавен карактер и измени во законот за клевета и навреда“, рече Бесими.

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби, рече дека до ова тело се пристигнати 50 жалби. Според Адамчевски, неопходно е пред изборите во април медиумите да потпишат документ за професионалност и етика при известувањето.

Сефер Тахири, кој е член на Комисијата за жалби, рече дека во Македонија во последните неколку години се случуваат ретроградни процеси и има и уништувачки тенденции во медиумите делегирани од политичките елити, но и некои новинари кои се раководат од профит.

„Додека ние разговараме за балансираност, во некој партиски штаб веќе се пишуваат денешните пропагандистички текстови кои како во хор ќе ги следиме во сите провладини вести и портали“, рече тој.

Треба да се зборува за наоѓање модалитет за надминување на новинарската криза за што улога имаат и дел од новинарите, рече Тахири.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG