Достапни линкови

Неделен печат - Политичка криза, името и нови задолжувања


Неделниците ги анализираат актуелните случувања. Глобус пишува за низа преседани во политиката, Република за пораките на Нимиц, Фокус за последниот владин заем.

Три различни теми обработуваат најновите изданија на неделниците, а сите во врска со актуелните случувања во земјава.

Преседан е што Брисел дозволи во регионот пак да се изнедри диктатор по теркот на Милошевиќ. Тоа е наук за граѓаните на Македонија. Преседан ќе биде доколку на изборите идната година не ја соборат диктатурата што ги гази една деценија, а историски преседан ќе биде ако граѓаните дозволат диктатурата да остане на власт.
Глобус.

Глобус - Преседан

Во колумната Таленти, во Глобус, авторот го анализира зборот преседан при што потсетува дека злоупотребите на власта и политиката, од осамостојувањето на Македонија до денес, се непрегледна низа на преседани, а неизвесноста околу најновата препорака на Европската комисија за почеток на преговори е само повод зборот преседан да го добие заслуженото место во секојдневието. Заканата со губење препорака е и признавање вина и самоказнување на Брисел, пишува покрај другото колумнистот, затоа што со години е нем набљудувач кон проблемот со името, а одземањето или условената препорака не е казна, туку награда за диктатурата и заслужено признание за коалицијата на власт која упорно и сложно со години ја оддалечува Македонија и од ЕУ и од НАТО. Па заклучува: Што и да се случи со препораката, не може да се избрише преседанот дека Брисел, кој сега се заканува со санкции, е соучесник во создавањето и покровител на диктатурата во Македонија. Преседан е што Брисел дозволи во регионот пак да се изнедри диктатор по теркот на Милошевиќ. Тоа е наук за граѓаните на Македонија. Преседан ќе биде доколку на изборите идната година не ја соборат диктатурата што ги гази една деценија, а историски преседан ќе биде ако граѓаните дозволат диктатурата да остане на власт, предупредува Глобус.

Република - Што навистина ни порача посредникот Нимиц?

Колумнистот во Република се обидува да одговори на прашањето што навистина ни порача посредникот Нимиц во интервјуто во грчкиот Катимерини, всушност прашува за кого работи Нимиц? Па наведува дека е сосема погрешно да се тврди дека американскиот дипломат кој заработува едно евро годишно за да посредува во спорот за името, е на страна на Грција или на Македонија. Но да се смета дека работи за својата држава и за нејзините интереси во регионот и на глобален план е сосема логично. Затоа, наведува колумнистот, последните пораки на Нимиц кон Македонија, меѓу кои има и големи небулози, непознавања и нелогичности, не треба да му се ставаат на душа само нему, туку и на неговите реални шефови. Иако е во години, продолжува авторот, не смееме да мислиме дека некои од неговите гафови во интервјуто се резултат на деменција или сенилност, туку на прецизно темпирана дипломатска операција, која треба да има резултат. И сè ќе биде во ред доколку таа се покаже фер и чесна. Сè друго ќе биде уште еден голем пораз на американската дипломатија, смета колумнистот во Република.

Фокус - Изборна илузија од половина милијарда евра

За последниот заем од дури 500 милиони евра од европската обврзница што го зема Владата на Груевски пишува во уводникот Фокус, нарекувајќи го потегот изборна илузија од половина милијарда евра. Авторот смета дека тоа ќе биде само зачин во политичката војна, која ќе финишира низ еден дополнителе судир и поделба на сите нивоа во општеството. Оти ниту Груевски мирно ќе гледа како Јанева ги сецира еден по еден неговите најзначајни играчи, ниту Заев ќе смее да си дозволи тоа да биде проследено со нова тешка изборна мегаилузија тешка половина милијарда евра, порачува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG