Достапни линкови

„Да се забрани вистината, да царува лагата“


Предложениот закон за необјавување и на веќе објавените „бомби“ на опозицијата го крши членот 16 од Уставот, кој забранува цензура, велат правни експерти.

Законот за необјавување на бомбите е морбиден. Тој е поморбиден и од законот за лустрација со којшто е предвидена можноста да се лустрираат и починатите лица. Ова го изјави универзитетскиот професор Светомир Шкариќ, кој оцени дека со решенијата во предлог-законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали што во Собранието вчера попладне го поднесоа пратениците на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, темелно се повредува Уставот и цел сет на слободи и права гарантирани со членот 16. Според него, прво се повредува слободата на мислата, бидејќи со законот се забранува секаков говор за објавените снимки. Тој коментира дека предлог законот е обид на власта да се заборави во јавноста тоа што се објавува во рамки на проектот Вистината за Македонија.

Овој предлог закон ако стане закон со право ќе може да се оцени како еден од најморбидните закони што се појави од осамостојувањето на Република Македонија. Со други зборови, треба да се заборави тоа што го објавувале во рамки на проектот Вистината за Македонија. Како да не се случило. Значи, тој факт како факт треба да исчезне, значи не смее да се помисли некој да зборува за тие настани.
Светомир Шкариќ, универзитетски професор.

„Овој предлог закон ако стане закон со право ќе може да се оцени како еден од најморбидните закони што се појави од осамостојувањето на Република Македонија. Со други зборови, треба да се заборави тоа што го објавувале во рамки на проектот Вистината за Македонија. Како да не се случило. Значи, тој факт како факт треба да исчезне, значи не смее да се помисли некој да зборува за тие настани. Очигледно е дека предлагачот, а тоа се двајца претставници од двете владејачки партии, се во голема паника. Едноставно не знаат што предлагаат“, вели тој.

Професор Шкариќ нагласи дека очигледно е дека законот сака да ги заштити сегашните носители на јавната власт и тие и натаму да се претставуваат во подобро светло, бидејќи со законот се предвидува за време на изборната кампања да не смее што било да се каже за актерите инволвирани во снимките што ги објави опозицијата.

Масовното кршење на човековите права со неовластено прислушкување, како и тешките обиди на организиран криминал, не смеат да бидат предмет на законска заштита.
Павле Трајанов, пратеник од Демократски сојуз.

Тој предупредува дека законот директно ја ограничува слободата на говорот, оценувајќи дека со ограничувањето и на правото да се пишува за тие настани се ограничуваат и новинарските слободи и се нанесува тежок удар на новинарската професија. Шкариќ нагласи дека законот арогантно воведува цензурата на сè што може да произлезе од снимките и оцени дека тоа е невидено во областа на уставните права и е чекор назад во областа на човековите права.

Предлог законот за ставање мораториум на бомбите што ги објави опозицијата предизвика реакции и во партиите.

Од НСДП сметаат дека ваквиот предлог-закон е апсурден и претставува обид на власта да избегне одговорност за нејзиното криминално владеење. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сфатија дека договорот од Пржино мора да се реализира и веќе се во паника, вели Тито Петковски.

„Исплашени се од последиците. Свесни се за кривичната одговорност и сакаат по секоја цена да ја избегнат вистината за да може лагата и понатаму да царува и да се претставуваат во друго светло“, вели тој.

Демократскиот сојуз ги повика сите пратеници да не гласаат за забрана за бомбите и оценуваат дека со овој закон се врши атентат врз демократијата и врз слободата на говорот.

„Масовното кршење на човековите права со неовластено прислушкување, како и тешките обиди на организиран криминал, не смеат да бидат предмет на законска заштита“, изјави Павле Трајанов.

По реакциите од сите поголеми партии денеска се огласи и ЗНМ, изразувајќи силна осуда за обидот за воведување на цензура преку предлог-законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали, што во Собранието вчера попладне го поднесоа пратениците на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Со овој скандалозен предлог наместо очекуваното подобрување на слободата на изразување и независноста на медиумите, власта се обидува да ја елиминира слободата на говор и да им наметне на новинарите и медиумите за што смеат, а за што не смеат да ја информираат јавноста, се вели во реакцијата на ЗНМ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG