Достапни линкови

Беџети - Нелогичен буџет за предизборни цели


Нелогично е да се очекува понизок економски раст, а повисок буџет, но имајќи ги предвид претстојните политички активности, тоа е сосема нормално очекувано бидејќи досега беше слично однесувањето на македонската влада, вели академик Абдулменаф Беџети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Беџети, со ребалансот на буџетот се предвидува помал раст на македонската економија, но и прибирање на повеќе средства. Колку таквите очекување се нелогични?

Па да, секако се нелогични. Во услови на опаѓачка тенденција на економијата да предвидувате растечки приходи во фискалниот буџет е малку нетипично, но и нелогични, меѓутоа и образложенијата беа насочени во тој правец дека се покачени реализациите на приходите од директните даноци, т.е. персоналниот и данокот на добивка, а наспроти тоа е значително изразито опаѓање на ДДВ-то, кое беше некаде минус шест отсто реализирано од проекцијата, така што ова уште повеќе ја зголемува дилемата во однос на реалните проекции кои се направени, но во секој случај имајќи го предвид политичкиот циклус и претстојните политички активности со политичката криза, тоа е сосема нормално очекувано бидејќи досега беше слично однесувањето на македонската влада.

Во ребаланост се предвидени и нови задолжувања. Имајќи предвид дека се ближат избори, дали ребаланост на буџетот е за партиско политички цели?

Секако дека може да се забележи таа димензија и тоа што е најлошо е дека дел од задолжувањата кои се предвидени за надворешниот пазар на капитал се префрлаат, односно се конвертираат малку и зголемени и тоа се наменети за, би рекол, домашниот пазар на капитал. Тоа е апсорбирање на слободните средства на деловните банки. Тоа на некој начин индиректно најавува дека ќе бидат намалени или се очекува да бидат намалени парите кај битниот потенцијал за кредитирање на реалниот сектор и економијата, што уште повеќе го зголемува двоумењето во реализација на економските активности.

Дали Македонија е способна да ги сервисира долговите? Може ли евентуално да ни се случи грчко сценарио и нам?

Неколку пати се изјаснуваме за ова предвидување дали е можно грчко сценарио. Секако дека на краток рок и среден рок не може да се очекува такво нешто, но дека се движиме во тој правец апсолутно така е, бидејќи ние во последните 3-4 години имаме тенденција, интензитетот на растот е многу изразен, особено сега се очекува во овој последен политички момент и веројатно тука ќе се прават напори од многу аспекти и политички мотивирани за да се напумпа тој долг за евентуално при промена на власта идната влада да се блокира.

Во меѓувреме продолжува проектот Скопје 2014. Може ли Македонија да си дозволи и понатаму искористување на парите од буџетот за непродуктивни објекти?

Одамна тоа било проблематично, дали можело тоа да продолжи, дури кога почна тој проект, јас лично имам многу цврст став во тој дел дека тоа е преголем луксуз, во дел на тајмингот апсолутно несоодветно, а во ситуација кога ви недостига основна инфраструктура вие се залагате за супер структура, мислам дека тоа наликува подобро во метафората којашто самиот министер за финансии ја изрекол во една прилика кога кажал „дека ние немаме леб да јадеме, а бараме чоколадо“. Што би коментирал друго? Ако ова продолжи понатаму, таа авантура одамна требало да биде прекината.

Велите тој проект е луксуз. Зошто тогаш владата инсистира на луксуз, а не, како што рековте, на инфраструктура или други проекти?

Во такви проекти од супер структура, почнувајќи од културни активности, културни проекти, вие можете најлесно да оправдувате какво било отстапување на тие вредности. Оттука и десеткратно зголемените вредности на таканаречениот проект Скопје 2014, и покрај тоа што не постои како комплетен проект, тоа е само измислица и или повеќе би рекол номинирано такво, но во секој случај во иднина тоа се прави поради тоа што може да се оправдува отстапувањето од првобитните проекти на тие проекти. Вие во култура никогаш не можете да проектирате што ќе ви испадне крајната цена на изведбата на одреден проект, затоа што секој пат ќе го образложувате отстапувањето со елементи коишто се нематеријални, значи нематеријалната компонента во овој проект е изразита уште од првиот ден кога почна проектот.

Во јавноста владата создава впечаток дека странските инвеститори едвај чекаат да инвестираат во Македонија. Дали во реалноста тие инвестиции се доволни за придвижување на економијата кога знаеме дека земјава е меѓу последните во регионот по привлекување на инвестиции?

Не, мислам напротив дека дури и гувернерот во една прилика подвлече дека и потенцијалните инвеститори кои имале некои краткорочни планови веќе ги ставиле сите проекти на стенд бај. Би било не само непрофесионално, туку и неодговорно некој навистина да биде толку ирационален прогнозер за да во вакви ситуации очекува дека некој странски инвеститор би реализирал одредени проекти барем во делот на капитални проекти. Така што мислам дека домашните инвеститори ќе ги пролонгираат одлуките за инвестиции, а камо ли странски инвеститори да дојдат во ваква политичка и култура неизвесност.

Го оправдувате ли трошењето народни пари токму за привлекување инвестиции, економски промотори, роуд шоуа и слично?

Никако. Тоа би рекол дека е едноставно едно лошо управување со јавните пари, документирано неколкупати досега дека ваквите однесувања се асиментрични во однос на тоа што значи добро управување. Основните принципи со кои се мери доброто управување е ефикасноста, ефективноста, транспарентноста, отчетноста и одговорноста. Во принцип ниту едно од овие начела не е исполнето. Покрај тоа што владата декларативно секојпат прво ќе се повикува на така наречена посветеност во делот на трошење на јавните пари, но тоа останува само чиста реторика, а без водење сметка. Барем малку да се однесуваат како да трошеле свои пари, така би се однесувале.

Со законските измени се овозможува странските компании од слободните зони да продаваат на домашниот пазар, иако еден од условите за да ги добијат сите царински и даночни ослободувања е токму забраната за продажба на производите во земјава. Која е целта на ваквата мерка?

Претпоставувам повеќе очекувања при таква трансакција да се даде импакт нешто во делот на домашната економија и покрај тоа што лично не очекувам, бидејќи тие се прилично наменети и нивните финални производи, финални продукти наменети за странски пазари, таму се нивните купувачи. Но, како и да е, во однос на наплатата на ДДВ-то нема да влијае директно, затоа што при продажба од домашен пазар ќе се наплатуваат сите даноци, тогаш, така што не претставува, би рекол, пореметување во тој дел, фискална компонента, а од друга страна не гледам економска, развојна компонента, затоа што тие производи се за наменски пазар.

Се ставаат ли на овој начин домашните компании во неповолна ситуација? Ќе се зголеми ли нелојалната конкуренција, бидејќи со мерката странските фирми се ставаат во предност пред домашните?

Од аспект на временска дистанца може и тоа да биде присутно, и покрај тоа што тие само не го плаќаат ДДВ-то при набавката, туку при продажбата. Не знам колкав е тој циклус, но тоа не е некоја голема нерамноправна положба во однос на другите околности.

Споменавме дека странските компании се во фокусот на интересот на владата. Колку владата се грижи и за домашните компании и стопанственици и колку им е лесно или тешко водењето бизнис?

Од досегашните политики и однесувањето на владата не може да се забележи дека постои сразмерна грижа за странските и домашните компании. Тоа што е најлошо, во делот на домашните компании се оптоваруваат повеќе со дополнителни давачки кои по дефиниција се социјална компонента. Прво воведуваат двојни придонеси, дополнителни придонеси, социјална компонента од исплаќање К-15, вработување инвалиди, па ако не успеете треба да издвојувате одредена сума. На некој начин, освен што не помага, таа одмага со тоа што создава такви прописи и такви политики со кои го задушува бизнисот. Вообичаено социјалните политики се средство и механизам за владата во делот на распределба и прераспределба, а не во делот на предвидување и пропишување на обврски за товар врз реалниот сектор, така што освен како даночни давачки се задаваат и вакви товари, што на некој начин создаваат нееднакви услови меѓу домашните и странските инвеститори кои најчесто оперираат во зоните.

Дали проектите како Македонија вработува со кој фирмите се ослободуваат од плаќањето придонеси се доволни за намалување на високата невработеност во земјата?

Во никој случај, бидејќи тој проект во 90 отсто од случаите е наменет и дава резултати во делот на јавниот сектор. Од таа гледна точна, подобро да се нарече Македонија за загушува отколку вработува. Нека се измери колкав е бенефитот од тоа, па ќе видиме колку реално се нови вработувања во реалниот, односно во приватниот сектор. Сето тоа главно е наменето во делот на јавниот сектор.

Се бориме со висока невработеност, низок стандард, сиромаштија, а со ребалансот се предвидува понизок економски раст. Што може да очекуваме во тој правец, дали македонските граѓани и понатаму одвај ќе врзуваат крај со крај?

Проекцијата на растот е повеќе статистичка неколку години наназад и тоа не се чувствува во реалниот сектор и стандардот продолжува да опаѓа. Реалната просечна плата не расте, а камо ли да се чувствува во подобрување на животниот стандард. Сето тоа е повеќе резултат на некои елементи, дел инвестирање во јавната инфраструктура кои се реализираат со задолжување, како делницата Кичево-Охрид, можеби и некои други мали инфраструктурни проекти, но во секој случај немаме реални инвестиции во реалниот сектор со реален инвестициски потенцијал за да се отворат нови работни места.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG