Достапни линкови

Иселениците незадоволни од македонските институции


Архивска фотографија: Широк Сокак во Битола.
Архивска фотографија: Широк Сокак во Битола.

Иселениците од битолско летово масовно одмараат во земјава. Велат родниот крај ги влече, но оти се незадоволни од институциите каде што сакале да завршат некоја работа.

Во Битола, еден од најпечалбарските краишта во земјава, летово врие како во кошница од македонски иселеници кои дошле да го посетат родното место. Властите и оваа година упатија апел до нив да се вратат и да живеат во татковината. Ги запрашавме нашите сонародници од странство што ги привлекува да доаѓаат тука, а што не.

Да можеме да се обратиме на едно место за документи, а не на сто. Да се знае, да биде чисто и јасно. Нас еден службеник ќе не истепаше, а некаде се љубезни и ќе ни објаснат.
Кирил Марковски, иселеник во Австралија.

Кирил Марковски, по потекло од битолското село Цапари, кој денес живее во Сиднеј, Австралија, бара да се поедностават административните процедури во земјава.

Цветанка Елковиќ, Македонски иселеник во Австралија.
Цветанка Елковиќ, Македонски иселеник во Австралија.

„Работи што се бараат овде тешко да ги најдеме. Не знаеме правила, закони, судски преписи, тие се комплицирани за нас. Треба да се поедностават работите оти не знаеме што се бара, било да се процеси за имот или за пари. Да можеме да се обратиме на едно место за документи, а не на сто. Да се знае, да биде чисто и јасно. Нас еден службеник ќе не истепаше, а некаде се љубезни и ќе ни објаснат“, вели Марковски.

Греота и срамота е она што го видовме. Немаше чистота и услуга. Оставивме таму еден наш сват, немаше чаршафи, па требаше од дома да носи, а вработените ѝ рекоа на снаата таа да му прави измет на свекорот.
Цветанка Елковиќ, македонски иселеник во Австралија.

Цветанка Елковиќ, исто така од Сиднеј, реагира на условите кои ги затекнале во една здравствена установа во земјава.

„Греота и срамота е она што го видовме. Немаше чистота и услуга. Оставивме таму еден наш сват, немаше чаршафи, па требаше од дома да носи, а вработените ѝ рекоа на снаата таа да му прави измет на свекорот“, вели Елковиќ.

Иван Трајковски од Чикаго го влече топлината на родниот крај и сонародниците.

„Ми се допаѓа, не можам да кажам колку многу. Ова за нас е премија, да седиш со луѓе наши, по наш јазик да зборуваш“, вели Трајковски.

Нема официјални податоци колку наши иселеници се вратени назад во родните места во Македонија. Градоначалникот Владимир Талески при еден неодамнешен јавен апел до иселениците да се вратат назад, рече дека во Битола имало такви примери.

„До сите наши Македонци иселеници, оние кои планираат свои семејства во подалечните и поблиските земји, да размислат дали не е подобро да се вратат во Македонија. Македонија сега има подобри услови, а можеби и најдобри од секогаш, да ги формираат своите семејства и тука да се развиваат. Верувале или не, неколкумина веќе се вратија, неколкумина веќе инвестираат и животот го планираат овде во Македонија“, изјави Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG