Достапни линкови

Новинарите хонорарци најподложни на притисоци


Не е само битно што пишуваш, ами и што пренесуваш или јавуваш. Новинарите, пред се хонорарците, во Македонија се незаштитени од моќниците на власта и сопствениците на медиумите, велат упатените.

Дописничката на Утрински весник од Битола, Анета Блажевска, доби отказ по СМС порака. Причината, како што велат од Самостојниот синдикат на новинари, најверојатно е поради тужбата против новинарката од страна на битолскиот градоначалник Владимир Талевски. Блажевска е тужена за текст во кој ја пренела прес-конференцијата на СДСМ, во која партијата го обвинува Талевски дека за кратко време многу се збогатил.
Таа незаштитеност, таа ранлива положба на хонорарните соработници е извор на нивна изложеност на секаков вид на притисок.
Тамара Чаусидис, претседателка на новинарскиот синдикат.

Претседателката на синдикатот, Тамара Чаусидис, вели дека станува збор за класична злоупотреба на хонорарниот статус на новинарите, кој претставува експлоатација на работникот и нема сигурност, бидејќи може во било кое време да биде отстранет.

„Таа незаштитеност, таа ранлива положба на хонорарните соработници е извор на нивна изложеност на секаков вид на притисок. Во овој случај, не можеме да тврдиме, меѓутоа најверојатно станува збор за директна одмазда или некаков обид на менаџментот да се заштити од закана за тужба за клевета“, вели Чаусидис.
Судиите се под притисок на тужителите, а обично тужителите се секогаш некои моќни луѓе, дали од власта, дали од бизнисот и нормално новинарите ги губат тие процеси.
Мирче Адамчевски, пензиониран новинар.

Поранешниот претседател на Советот за радиодифузија Мирче Адамчевски вели дека веќе има еден куп новинари кои што се тужени на суд, што значи дека и покрај законот тие не се заштитени.

„Зборувам законот за навреда и клевета, којшто се сметаше дека ќе донесе некаков ред, меѓутоа очигледно судиите се под притисок на тужителите, а обично тужителите се секогаш некои моќни луѓе, дали од власта, дали од бизнисот и нормално новинарите ги губат тие процеси“, вели Адамчевски.

Чаусидис смета дека случајот уште еднаш покажува дека новинарите не се заштитени на повеќе нивоа и се изложени на губење на работно место преку закани за тужби.

„Тоа уште еднаш ја потврдува тезата дека проблемот на тужбите за клевета и навреда не беше и не е проблем на тоа дали законот се наоѓа во граѓанска или кривична постапка, туку е проблем на праксата која продолжува јавните функционери, носителите на моќта да ја злоупотребуваат заканата со тужба за клевета и навреда за да се справат со критичките написи“, вели Чаусидис.

Според Адамчевски, проблемот не е толку во законот, ниту во новинарите кои професионално си ја извршуваат работата, туку во судството.

„Треба да се работи во судството тоа да се отстрани, тие не треба да потклекнуваат, треба да покажат дека се навистина независни, меѓутоа во земја во која што нема демократски капацитет, нормално дека такви работи тешко се спроведуваат“, вели Адамчевски.

Чаусидис порачува дека колегите на Блажевска посочиле оти таа била вреден новинарка која работела според професионалните стандарди.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG