Достапни линкови

Украина на работ на катастрофа


Војник пред парламентот во Симферпол.
Војник пред парламентот во Симферпол.

Ова е црвена тревога. Ова не е закана, ова е вистинско објавување на војна против мојата земја, рече украинскиот премеир Арсениј Јаценјук.

Ние сме на работ на катастрофа, изјави украинскиот премиер Арсениј Јаценјук и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја повлече војската од неговата држава.
Ова е црвена тревога. Ова не е закана, ова е вистинско објавување на војна против мојата земја. Го повикуваме претседателот Путин да ја повлече својата војска и да се придржува до меѓународните обврски.
Арсениј Јаценјук, премиер на Украина.

„Ова е црвена тревога. Ова не е закана, ова е вистинско објавување на војна против мојата земја. Го повикуваме претседателот Путин да ја повлече својата војска и да се придржува до меѓународните обврски, како и до билатералните и мултилатерални договори потпишани меѓу Украина и Русија“, рече Јаценјук, зборувајќи пред странските новинари во Киев.

Она што Русија сега го прави во Украина е кршење на принципите на повелбата на ОН. Се заканува на мирот и безбедноста во Европа. Русија мора да ги прекине воените активности и заканите.
Андрес Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО.
Горниот дом на рускиот парламент вчера му одобри на претседателот Владимир Путин користење на војската за да се заштитат етничките Руси во Украина. Киев на тоа одговори со мобилизација на резервниот состав на армијата. Шефот на Украинскиот совет за национална безбедност и одбрана, Андриј Парубиј, изјави дека Советот му наредил на Министерството за одбрана „да ги повика сите оние од кои вооружените сили имаат потреба во моментот ширум Украина“ и додаде дека мерката е за да се „обезбеди безбедноста и територијалниот интегритет на Украина“.

Парубиј исто така рече дека на Министерството за надворешни работи му било наредено да побара американска и британска помош за гарантирање на безбедноста на Украина.

Во меѓувреме, руските новински агенции објавија дека т.н. сили за самоодбрана на Крим ги преземаат украинските воени објекти.
„Многумина војници незадоволни од политиката на Киев поднесуваат оставки, а некои од нив велат дека се подготвени да ги извршуваат наредбите на силите за самоодбрана на Крим“, објави ИТАР-ТАСС.

Сили за самоодбрана стана често користен термин за војниците без обележја што се појавија на Крим во четвртокот и за кои се верува дека се дел од околу 15-те илјади руски морнарички сили распоредени на полуостровот.

Има извештаи и дека некои украински команданти одбиваат да ги предадат базите. Игор Мамчев, украински морнарички полковник од мала база кај Симферопол за украинската телевизија Канал 5 изјавил дека одбил да им се предаде на „силите на Руската Федерација“ кои побарале тој да прифати нивна заштита.

Генералниот секретар на НАТО, Андрес Фог Расмусен, денеска во Брисел изјави дека Русија го загрозува мирот и безбедноста во Европа со нејзините постапки во Украина. Зборувајќи во пресрет на состанокот на НАТО, тој ја повика Русија да ги „деескалира тензиите“. НАТО денеска одржува итен состанок на Северно-атлантскиот совет на кој треба да се разговара за ситуацијата во Украина. Состанокот на главното тело за носење политички одлуки на Алијансата е свикан на барање на Полска. Варшава соопшти дека се чувствува загрозена од каква било потенцијална руска воена интервенција во соседната Украина.

„Она што Русија сега го прави во Украина е кршење на принципите на повелбата на ОН. Се заканува на мирот и безбедноста во Европа. Русија мора да ги прекине воените активности и заканите“, рече Расмусен.

Западните дипломати имаат засилени активности во однос на украинската криза. Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг денеска треба да го посети Киев. Тој вчера ја повика Москва да ја почитува независноста на Украина во согласност со меморандумот од Будимпешта од 1994 година, потпишан од Русија, САД и Велика Британија. Според тој документ потпишан по падот на Советскиот Сојуз трите сили се согласиле на почитување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама вчера имал 90-минутен телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин. Обама рекол дека соодветен начин за Русија да реагира поради загриженоста за Украина е „на мирен начин преку директна соработка“ со украинската влада и меѓународните посреднички тела. Американскиот претседател исто така предупредил дека континуираното прекршување на меѓународното право од страна на Москва може да доведе до понатамошна „политичка и економска изолација“.

Кремљ, пак, соопшти дека Путин му рекол на Обама дека Москва го задржува правото да „ги заштити руските интереси и населението што зборува руски јазик“ во Украина.

САД и Канада ги прекинаа своите ангажмани во подготовките на Самитот на Г8 што треба да се одржи летоска во рускиот град Сочи.

Министрите за надворешни работи од ЕУ в понеделник ќе одржат итен состанок за ситуацијата во Украина.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG