Достапни линкови

САД во последен момент избегнаа банкрот


Двата дома на американскиот Конгрес го одобрија договорот со кој заврши делумната блокада на владата, а најголемата светска економија ја оттргна од работ на историски банкрот кој се закануваше со глобална финансиска катастрофа. Претседателот Барак Обама го потпиша законот со што барем привремено се поправаат, но не и решаваат фундаменталните разлики околу буџетот меѓу репбликанците и демократите.

Стотици илјадници вработени во владиниот сектор во САД се враќаат да работа откако претседателот Барак Обама го потпиша законот со кој стави крај на 16-дневната делумна блокада на владата и се избегна банкротот.

"Ова двојна закана за нашата економија е остранета и сакам да им се заблагодарам на оние демократи и републиканци кои ја завршија оваа работа“,
изјави во четвртокот вечер претседателот Барак Обама.
.
Тука нема победници, Овие две недели беа непотребни и на штета на нашата економија. Немаме уште целосни проценки но секој аналитичар верува дека растежот ќе биде забавен“, додаде Обама

Со договорот кој најпрвин беше изгласан од Сенатот контролиран од демократите на Барак Обама, а потоа и од Претставничкиот дом кој е под контрола на републиканците се деблокира работата на владата до 15 јануари.

Исто така му се дозволува на Министерството за финансии да позајмува нормално до 7 февруари, со можност за уште еден дополнителен месец.

Во договорот не е вклучено барањето на републиканците да се повлече законот за здравствена заштита познат како Обамакер.
Ни претстои многу работа, вклучувајќи ја и нашата потреба да ја обновиме довербата во американскиот народ што ја загубиваме во изминативе неколку недели. Можеме да почнеме со решавање на вистинските прашања.
Барак Обама, претседател на САД.

Конгресот требаше да го одобри договорот до полноќ по американско време кога владата го надмина одобрениот лимит на задолжување по што немаше право да позајмува, а со тоа и да ги исполнува обврските.

По одобрувањето Белата куќа соопшти дека стотиците илјади вработени во федералните служби кои, поради делумната блокада на владата со стапувањето на новата фискална година, од 1 октомври се наоѓаа на принуден одмор, можат да се вратат на работа. Според договорот, тие ќе добијат нормална плата.

Обама им се заблагодари на конгресмените за компромисот, изразувајќи подготвеност да преговара со републиканците за одбегнување на слична ваква криза во иднина.
Барак Обама прави сендвичи во Вашингтон, 14.10.2013.
Барак Обама прави сендвичи во Вашингтон, 14.10.2013.

Водевме добра битка. Но, едноставно не победивме. Ќе ги продолжиме нашите напори да го запреме стариот воз, претседателскиот закон за здравствена заштита.
Џон Бенер, лидер на републиканците во Претставничкиот дом.
„Ни претстои многу работа, вклучувајќи ја и нашата потреба да ја обновиме довербата во американскиот народ што ја загубиваме во изминативе неколку недели. Можеме да почнеме со решавање на вистинските прашања. Реков претходно и ќе повторам: Подготвен сум да работам со секој, демократ или републиканец, член на Сенатот или на Домот, на секоја идеја која ќе придонесе за раст на нашата економија, создавање нови работни места, зацврстување на средната класа и долгорочно средување на фискалните сметки“, изјави Обама.

Од друга страна, лидерот на мнозиството во Претставничкиот дом, Џон Бенер, рече дека републиканците не се откажуваат од битката да го намалат американскиот долг и да издејствуваат повлекување на Обамакер.

„Водевме добра битка. Но, едноставно не победивме. Ќе ги продолжиме нашите напори да го запреме стариот воз, претседателскиот закон за здравствена заштита“, изјави Бенер.

Со сегашниот договор, според експертите, се надминува, барем засега, големиот ќорсокак.

Тоа им дава време на двете партии, како што додаваат, да ги разладат главите и да дојдат до усогласен буџетски план или ризикуваат од повторување на истото сценарио.

Притоа, аналитичарите додаваат дека во игра е голем влог, делумните избори за Конгресот догодина. Според американската јавност, сегашната криза повеќе им наштетила на републиканците.

„Овој договор е шега во споредба со она што можевме да добиеме доколку имавме поразумен пристап“, призна републиканскиот сенатор Линдзи Греам.

Договорот се смета за победа на Обама кој не прифати повлекување, па ни преговори за измени, на законот за здравствена заштита.
лидерот на мнозиството во Претставничкиот дом Џон Бенер
лидерот на мнозиството во Претставничкиот дом Џон Бенер

Акцијата на Конгресот веднаш беше поздравена од првите луѓе на ММФ и Светска Банка Кристин Лагард и Џим Јонг Ким, оценувајќи дека со тоа глобалната економија избегнала можна катастрофа.

Тука пред се станува збор за прашањето за вредноста на доларот, парите во светски резерви, како и обврзниците на американската влада кои се сметаат за најсигурни во светот.

Сепак, решението на кризата нема брзо да го почувствуваат многу компании, бидејќи американските потрошувачи деновиве, барем привремено, не посегнуваа по паричниците.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG