Достапни линкови

Шеќеринска - Ќе најдеме начин за почеток на преговорите со ЕУ


Радмила Шеќеринска, архивска фотографија.
Радмила Шеќеринска, архивска фотографија.

Ние сметаме дека во моментов за Македонија компромис е подобар и за нејзината национална посебности и за нејзината иднина и за интеграциите и граѓаните на земјата. Но, тоа решение не смее да го загрози националниот идентитет и интереси и убедени сме дека со политичка волја може да се дојде до такво решение, но не сме ние на преговарачката маса. СДСМ како власт ќе најде начин Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, вели заменик претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Шеќеринска, дали СДСМ овојпат ќе понуди вистинска алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ?

Социјалдемократскиот сојуз е партија којашто има обврска прво да понуди алтернатива, а потоа и да потврди дека таа е победничка алтернатива, оти, знаете како, ако сте во опозиција и сте само алтернатива на власта, а притоа не добиете шанса да покажете дали она што го зборувате има резон, дека има шанса да се реализира во вистинскиот живот, тогаш џабе ви е и пишаната програма, џабе ви се и најавите и добрите кандидати, сето тоа останува во идно неодредено време. Ни треба понуда, ни треба да покажеме на јавноста дека она што го зборуваме е она во што вистински веруваме и потоа да не гледаат дека тоа е она што го работиме секој ден. Треба трпеливост, треба многу искреност, треба и многу аналитичка работа којашто ќе им покаже на граѓаните дека зад нас стои сериозна анализа и дека ним им нудиме одговорна понуда?

Како планирате да го постигнете тоа?

Знаете како, прво што мислам дека СДСМ има обврска да го понуди и со тоа стоиме со цело срце, па и со минатиот труд, е да ги ослободиме граѓаните од стравот. Денеска македонските граѓани не живеат само со стравот дали ќе го преживеат месецот, дали ќе ја зачуваат работата, дали ќе им преживее бизнисот, туку во исто време живеат и со нови стравови, а тоа е дали инспекторот од политички или лични причини ќе им стави казна која де-факто ќе им го загрози бизнисот. Дали нивните деца на училиште ќе добиваат оценки или екстерно ќе бидат тестирани по вистински критериуми или по партиски и приватни критериуми. Денеска граѓаните живеат во страв дека ако се на спротивната страна или ако ги искритикуваат владините политики, дека некој ќе смета дека тие се државни непријатели. Денеска граѓаните се во страв дали Македонија ќе преживее како држава во регионот кој оди напред, а таа стагнира и на патот кон ЕУ и на патот кон НАТО. Премногу отворени прашања стојат долго време и загриженоста на граѓаните и фрустрацијата дека ништо добро не се случува од ден на ден е сè поголема. Она што СДСМ мора да го понуди, тоа е ослободување од овие стравови. Се разбира дека тоа не е доволно. Во Македонија слободите се почеток. Очекуваат граѓаните и понуда на економски и понуда на социјален план, меѓутоа мислам дека без овој прв чекор ништо понатаму не е доволно. Мислам дека СДСМ мора да понуди повеќе алтернативи на сите различни структури и сите типови на граѓани во македонската држава.

Госпоѓо Шеќеринска, имате ли стратегија кои би биле тие алтернативи?

Бара политичка волја. Значи ние денеска имаме полиција којашто ако случајно сте ја критикувале власта, следниот ден, како што деновиве имаме пример, ќе ве застане, ќе ве легитимира, што е до некаде во ред, без никаква причина, и притоа ќе ви направи целосен претрес. Во нормална демократска држава за тоа некој, па сè до министерот би можел да одговара. За тоа не треба посебна филозофија и посебна политичка програма да престане, за тоа е потребна политичка волја. Тоа не сме го правеле во минатото и нема да го правиме. Полицијата е сервис на граѓаните, од неа треба да се плашат криминалците, за жал, кај нас владее обратната ситуација, од полицијата се плашат обичните граѓани, а со неа манипулираат и ги влечат конците, луѓе блиски до криминалното подземје. Тоа ќе го промениме и за тоа е доволно само политичка волја. Второ прашање за кое е потребно само политичка волја, тоа е односот на власта кон медиумите, значи она што дефинитивно го нудиме и тоа години со ред е политика во која нема да се фаворизираат и купуваат и корумпираат одредени медиуми, ниту пак сите останати ќе се плашат. Ако вие имате уплашени медиуми не можете да имате слободни граѓани. Ако имате новинари кои мора да ја имаат својата лојалност пред сè кон партиските авторитети или газдите на медиумите, а не кон јавноста, тогаш не може да имате демократска држава. Сè ова се работи за кои имаме стратегија и ќе излеземе многу брзо со конкретни политики и со конкретни чекори. Меѓутоа за да тие политики го видат светлото на денот, потребна е промена на власта. Долго време сметавме дека само со нашите настапи, со критиката во јавноста, дека владата ќе биде под притисок да ги смени политиките, да го смени начинот на којшто функционира. Сфативме дека тоа било илузија. Оваа власт на многу теми не се повлекува, значи тие сфатија дека единствен начин да го продолжат своето владеење е да ги држат во целосна стега медиумите и од тоа не се откажуваат. Притисоци од ЕУ за нив не се битни, извештаи од ОН за нив не се битни, соопштенија и силни критики од ОБСЕ за нив се апсолутно неважни. Падот на Репортери без граници и на сите листи за демократски капацитети и за медиумски слободи за нив се ирелевантни и измислица. Сето тоа покажува дека не можеме со ставови да влијаеме на власта, треба да ја смениме власта, за да ја смениме реалноста.

Како ќе ја смените власта?

Треба да се изнесат пред граѓаните вистинските показатели, да се изнесат вистинските предлози, како сите овие проблеми со кои се соочува Македонија можат чекор по чекор да се решаваат и дури во моментот кога ќе излеземе со тие ставови, со тие анализи, со тие предлози, не смееме да помислиме дека со тоа сме ја завршиле работата. Ќе треба многу упорност и многу пред сè теренска работа за да сето тоа влезе во ушите на сè поголем број граѓани. Факт е дека пропагандата е систем којшто функционира, затоа е опасен и ако вие имате, не провладини, туку целосно владини медиуми коишто сто пати ве трујат со истите лаги, лагите влегуваат во уши и не смееме да имаме илузии дека тие толку лесно можат да се разбијат. Секојпат кога ВМРО-ДПМНЕ е под притисок, тие излегуваат со емисии посветени на оцрнување на опозицијата, а платени со наши пари, бидејќи најчесто излегуваат на јавниот сервис. Тој тип на оцрнување ќе продолжи, тој тип на перење на мозокот ќе продолжи. Единствената шанса на опозицијата која и е во раце е да ги користи социјалните мрежи, меѓутоа уште повеќе да користи директни контакти со граѓаните.

Го споменавте јавниот сервис. Госпоѓо Шеќеринска, како СДСМ ќе ја гарантира таа негова независност од владините стеги?

Доволно е да се почитува законот, дури и да не се оди еден чекор повеќе од тоа. Може да се оди и понатаму, почитувањето на законот ги обврзува и јавниот сервис, луѓето кои работат и раководат со него да бидат независни. Точно е дека МРТВ секогаш била критикувана, помалку или повеќе, далеку од тоа дека била идеална и пред ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт последниве седум години. Ако се разбудите наутро и го вклучите, не дај боже, јавниот сервис, ќе видите дека цели емисии се прават против опозицијата и дури и не се пристојни да напишат дека тоа е реклама од ВМРО-ДПМНЕ, не тоа се смета за емисија и програма од јавниот радио-дифузен сервис.

Дали СДСМ би продолжил со таа пракса која на некој начин ја наметна ВМРО-ДПМНЕ со рекламирање во медиумите?

Тоа го кажавме неколку пати, дури и со конкретни предлози. Рекламирањето од страна на владата и на државните институции мора да биде лимитирано во многу помал обем од тоа што сега се прави и целосно транспарентно. Што значи тоа? Тоа значи дека правилата мора да важат за сите. Тоа значи дека идната влада на СДСМ ќе мора да понуди критериуми врз база на кои одлучила на една телевизија да се рекламира, а на друга да не се рекламира. И тоа да го докаже, дека е фер, транспарентно и дека не претставува практично корупција или казна за медиумите. Она што е уште поважно е дека за целиот тој процес ќе нудиме целосна транспарентност. Што значи тоа? Тоа значи дека нема да е можно еден денар владата да насочи кон медиумите, а тоа да не ѝ биде познато на јавноста. И тоа е суштински 100 проценти различно од она што ни се случува денеска. Веќе никој дури не се ни правда дека не е точно дека владата дискриминира. Се знае дека Сител добива пари од власта, Канал 5 добива пари од власта, А1 во минатото додека работеше, додека не се затвори не можеше да добие пари од власта од моментот кога почна да биде критична кон нив.

Судовите се постојано под критика од страна на ЕУ. Госпоѓо Шеќеринска, како СДСМ би направил навистина овие институции да бидат во функција на граѓаните?

Она на што ќе инсистираме е во судот да суди законот, да пресудува судијата по свое уверување и врз база на тоа што гледаат на хартиите и во доказите. Денеска веќе и судиите не се срамат да кажат дека се теледиригирани од кабинети и дека во клучен момент очекуваат дека некој, министерот за правда порано, сега луѓе од премиерскиот кабинет ќе им јави што треба да пресудат и затоа правдата којашто долго време беше бавна, сега е целосно селективна, целосно партизирана. Се знае дека ако тужи некој од ВМРО-ДПМНЕ, преку ноќ се носат пресуди, а ако евентуално тужите некого од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предметот најверојатно ќе ви застари. Некои од одлуките што се носат се најблаго речено скандалозни и не сакам да лажам и да кажам дека преку ноќ ќе може да се реши. Можеби судството ќе биде најтешкиот проблем со кој ќе се соочиме откако ќе ја преземеме власта. Меѓутоа спремни сме да ги гледаме работите такви какви што се, а не да мижеме пред нив. Во судството се аминуваат сериозни криминали, тој криминал мора да биде санкциониран, меѓутоа и тие судии кои одлучиле да ги затворат обете очи, исто така ќе носат одговорност.

Освен овие области кои се детектирани од ЕУ, останува и спорот за името. Каков компромис би бил прифатлив за вас, со цел Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО?

Многу ми се интересни владините мегафони, кои притоа очигледно имаат и многу мало знаење за сето она што се случуваше во минатото со нашиот спор со Грција. Кога ќе речат, знаете како, но опозицијата не дава предлог. Како би смеела опозицијата да даде конкретен предлог, кога македонската опозиција е единствената во двете држави, па и во меѓународната заедница којашто е целосно екскомуницирана од преговорите. Како можете да лицитирате со предлози, кога во македонската јавност не знаeме, па и во македонското собрание, кој е последниот предлог на Нимиц. И секое импровизирање од наша страна навистина би било нарушување на македонските позиции. Ние тоа не го правиме и не сме сакале во минатото да го правиме и сега нема да го правиме. Меѓутоа она што дефинитивно сакаме да го ставиме јасно како наша позиција број еден е дека Македонија е таа што губи со нерешавање на тој спор. Грција како што гледаме може да преживее, таа не плаќа елементарна, ни политичка, ни економска, ни социјална цена, товарот е на Македонија. Нашиот став е дека тоа треба да го измениме со многу проактивен однос, ние треба да бидеме тие што, не само што ќе бараме средби, туку и ќе нудиме решенија. Ќе создаваме притисок и во Вашингтон и во Брисел и уште повеќе во Берлин, во Лондон, во Париз, дека ние имаме предлог и дека кај нас постои интерес да се најде решение. Сега резултатот ни е нула-нула, и нас не критикуваат и Грците ги критикуваат, но резултатот нула-нула ги носи Грците во следното финале, не ја носи Македонија. Тој и е доволен на Грција, не им треба повеќе, за жал ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партиските интереси им се многу побитни од државните интереси. Спорот со Грција за името го претворија во чадор со кој се бранат од какви било објективни критики за сè.

Дали за СДСМ би бил прифатив предлог со географска одредница?

Ние излеговме со општ став дека ќе поддржиме компромисно решение, што покажува дека ние сметаме дека во моментов за Македонија компромис е подобар и за нејзината национална посебности и за нејзината иднина и за интеграциите и граѓаните на земјата. Но, тоа решение не смее да го загрози националниот идентитет и интереси и убедени сме дека со политичка волја може да се дојде до такво решение, но не сме ние на преговарачката маса. СДСМ и во минатото покажал дека кога треба, носи одлуки и ја презема одговорноста за тие одлуки и сме плаќале политичка цена. Меѓутоа ние сметаме дека политичарите се менливи, а државата треба да биде вечна, нејзините граѓани и нивните интереси треба да бидат вечни и тоа како политичка партија сме го покажале и сега како опозиција го покажуваме. Нема поконструктивна опозиција од оваа што ја има македонската власт, воздржани сме, не напаѓаме на секоја топка, и сакаме прво да знаеме кој е предлогот, пред да го отфрлиме.

Сакате да кажете дека ако сте на власт ќе најдете решение?

СДСМ како власт ќе најде начин Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Прво заради тоа што во Македонија ќе ги подобриме состојбите, затоа што денеска Македонија има ровита позиција, не само заради односот во преговорите со Грција, што ѝ одговара на грчката страна, туку и заради автоголовите коишто владата ги даваше во сопствената држава. Односот кон медиумите не е само тема во Македонија, за неа зборуваат и го критикуваат практично сите европски институции од кои бараме поддршка. И сега ќе погледнат европратеници, луѓе во Европската комисија, па и од земјите членки на ЕУ и ќе речат – чекајте, очекувате јас како европски политичар за да заложам за Македонија во спорот со Грција, а притоа ми ги одземате сите аргументи. Македонија станува позната по изградба на споменици, враќање во историјата, затворање на медиуми и новинари и гушење на слободите и тепање на пратеници во парламентот. Кој ќе ја брани Македонија со ваква лична карта? Многу малку пратеници и многу малку влијателни политичари. Тоа ќе го промениме веднаш и поправајќи ги домашните резултати ќе ја направиме Македонија и посилна во преговорите со Грција.

За Скопје 2014-та рековте дека е пералница за пари и не е продуктивен проект. Во што СДСМ за разлика од владата ќе вложува на економски план?

Веќе неколку години по ред тврдиме дека овие пари се пари кои нема да се вратат ниту во македонската економија, ниту кај македонските граѓани, напротив. Наместо на споменици и прескапо платени скулптури чија што цел е видлива – корупцијата, три области во Македонија останаа целосно занемарени. Едното е патната и железничка инфраструктура, второто е енергетиката, особено централите за производство на електрична енергија и трето гасификацијата. Ни треба замаец во македонската економија и за тоа владата треба да инвестира пари, но треба да ги инвестира за вистинските приоритети и треба да ги инвестира без корупција.

Дали СДСМ има идеја како ви ги реализирале овие проекти што ги набројавте?

Ние и во делот на гасификацијата излеговме со многу сериозен проект и на ниво на цела држава, а и на ниво на сите општини каде што номиниравме кандидати за градоначалници. Можете да видите дека општините каде што проектот гасификација тече, дури и со сопки од власта, се само општини кои се под капа на градоначалници од опозицијата. Прв лидер беше Струмица, потоа Куманово, а сега се прават чекори и во општина Центар, што значи дека го знаеме овој проект, знаеме колку е важен и навистина се држиме до овој свој приоритет. Ова се сè уште само изолирани острови, меѓутоа ни треба меѓу другото победа на парламентарните избори за да ја гасифицираме Македонија. И тоа ќе биде Македонија 2020 или 2025, нема до тоа да нè доведат ниту роуд-шоуа, ниту платени реклами, туку конкретна понуда на македонските, па и на странските компании.

Власта е на критика од ваша страна и во однос на тие роуд шоуа и странски инвестиции. Како СДСМ ќе трага по тие странски инвестиции?

Ние во последните две години имавме изјави и извештаи од страна на германската комора на инвеститори во Македонија и од страна на странските инвеститори со кои ни покажаа точка по точка каде се проблемите. Преголем број на казни, инспекции кои се исполитизирани, закони кои се нејасни и долги административни и судски процедури. Владата со овие проблеми не се занимава, владата не се занимава со проблемот на малите и средни фирми во Македонија кои секој ден се затвораат затоа што државата не ги третира на фер начин. Носиме закони за кои никој не размислува како ќе се одразат врз малите фирми, најлесно ѝ е на владата да каже вака - Ова е законот и казната е 5.000 евра и притоа знае дека најголем дел од тие мали и средни фирми ако им наплатите казна од 5.000 евра ќе затворат. Тој тип на двојни аршини не помагаат, тој тип на двојни аршини ги обесхрабруваат и странските инвеститори, бидејќи тие сакаат правна предвидливост. Она што ние велиме е да на Македонија и треба промоција, меѓутоа точно да знаеме кој компании има резон да доаѓаат во Македонија и со кои држави мораме повеќе да ги развиваме тие односи. За да донесете странски инвеститор во Македонија мора да знаете дека прв интерес нему ќе му биде регионот, а Македонија до ден денес има суфицит во трговската размена со Косово, а одлуката да почнеме да го подобруваме патот до Приштина ја нема. За инвеститорите многу поважно е дали ќе можат да извезуваат во Албанија, дали ќе можат на Косово да извезуваат поевтино и дали има брз транспорт. Како ќе ги однесат своите продукти во Бугарија, отколку дали оданочувањето било 10 или 12 проценти. За овие теми македонската влада молчи, од тие причини дури и кога земјите од регионот собираат повеќе странски инвестиции, во Македонија дел од странските инвеститори повеќе ги изнесуваа парите надвор, отколку што внесуваа внатре.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG