Достапни линкови

Дневен печат - Филе, името и спомениците


Евроамбасадорот Штефан Филе на средба со премиерот Никола Груевски 09 април 2013.
Евроамбасадорот Штефан Филе на средба со премиерот Никола Груевски 09 април 2013.

Постизборното поставување на спомениците во Центар, посетата на Филе, разговорите за името во Њујорк, се само дел од темите за кои пишуваа дневните весници.

За вториот круг на локалните сите знаеме како помина, дека кумановчани ја бранат загрозената победа на Дамјановски со протести - и тоа го прочитавме и чувме, туку... од Дневник, а и од другите весници разбравме дека „Центар се разбуди со 46 нови споменици“. Утрински тој чин го насловува со: „Постизборна инвазија на споменици во Центар“.
До следната посета на Филе слободата на медиумите останува најважна.
Капитал.

А ден по локалните во Скопје дојде и еврокомесарот Филе. Во зависност на кој до што му е, значи, од сите медиуми по малку, дознаваме дека „Филе се изнервира во Македонија“, како што објави Утрински цитирајќи го неговото прашање до раскараните пратеници: „Уште колку долго сте подготвени да чекате пред вратата на Европската унија?“. Вечер во наслов ја истакнува позитивната оценка на еврокомесарот за дијалогот на високо ниво меѓу земјава и Унијата, Нова Македонија вади наслов од кажаното на Филе: „Политичарите ја создадоа кризата и треба да ја надминат“, а дневниот Капитал пишува: „До следната посета на Филе слободата на медиумите останува најважна“.
Постизборна инвазија на споменици во Центар.
Утрински весник.

Според грчките медиуми, синхронизирано, во исто време со еврокомесарот во Скопје, посредникот Нимиц во Њујорк се сретна со преговарачите Јолевски и Василакис. Грчките новинари веднаш ги објавија новите имиња предложени​наводно од Нимиц, но кај нас... „Молк во Скопје, загриженост во Атина за Горна Република Македонија“, насловува Дневник. Утрински вели: „Таинствено во Скопје, јавно во Атина“. Но, Дневник со еден друг напис како да ја погодува поентата на посетата на Филе: „Што бара Брисел од македонските партии? - Филе подготвува терен за решавање на името“.

Инаку, Владата ја даде на јавна расправа работната верзија на законот за медиуми. Но, само Утрински информира дека претседателот Селмани одбил да учествува во расправата затоа што работната верзија е изработена без консултации токму со оние на кои им е наменет новиот закон, за кој повеќемина експерти за медиуми сметаат дека ќе ја засили цензурата на јавниот збор.

Утрински објави дека „Според Судот, смртта на Младенов е несреќен случај“, а Вечер со наслов се обидува да ги разбие присутните сомневања во јавноста: „Во сообраќајката на Младенов не учествувало друго возило“.

Како за крај на прегледов, сè повеќе сме убедени дека во нашава Македонија навистина сè е можно: Вечер објави фотографија која кружела на социјалните мрежи како група млади си печат виршли на вечниот оган во паркот Жена-борец во Скопје. „За да не гори бадијала“ насловува весникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG