Достапни линкови

Јавни претпријатија, јавна загуба


Јавните претпријатија во Скопје неколкупати досега добиваа субвенции за да ги покријат загубите. За некои тоа се покажа како успешен модел, но дел од нив работат со загуби.

Одговорноста за загубите на скопските јавни претпријатија кои со години не успеваат да покажат позитивно салдо на нивните сметки треба да се бара делумно во менаџерите и во превработеноста поради која и до 60 отсто од приходите на дел од тие компании одат на плати, велат познавачите.
Цената на нафтата и нафтените деривати е зголемена драстично во 2011 година а тој тренад за жал продолжува и во 2012 и по тој основ ние имаме зголемени трошоци за енергија во нашето претпријатие од каде што всушност произлегува и загубата во ЈСП Скопје.
Мишо Николов, ЈСП.

Во последниот финансиски извештај што пристигна во Град Скопје за минатата година, Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП, кое е субвенционирано од Град Скопје и доби донација од владата за нови автобуси, минатата година ја заврши со загуба од 800 илјади евра, додека Градски паркинг има загуба од 150 илјади евра.
Директорот на ЈСП, Мишо Николов вели дека е задоволен што загубата од 1.6 милиони евра регистрирана во 2010 година е за половина намалена. Тој објаснува дека најголемиот дел од загубата се должи на поскапувањето на нафтата.

„Цената на нафтата и нафтените деривати е зголемена драстично во 2011 година, а тој тренд за жал продолжува и во 2012 и по тој основ ние имаме зголемени трошоци за енергија во нашето претпријатие од каде што всушност произлегува и загубата во ЈСП Скопје.“
Гледаме дека во последно време јавните претпријатија стануваат место каде што политичките партии ги вработуваат своите кадри. Тоа е една од причините, а друга причина сигурно е и нерентабилното работење.
Јове Кекеновски, поранешен градоначалник на Скопје.

Неговиот колега од Градски паркинг, Борче Јакимовски загубата ја правдаше со високата комунална такса која ја плаќаат на градот. Тој вели дека за еден час паркирање, комуналната такса изнесува 10 денари, па ако за пример се земе најевтината паркинг зона Д каде што се плаќа 25 денари за паркирање, 10 денари се за комунална такса, два се за ДДВ и ним им останува 13 денари ќар.

Но во последниот извештај на Државниот завод за ревизија е забележано дека општините треба да преземат мерки за регулирање на состојбите со паркиралиштата и инспекциите да вршат редовни контроли кај претпријатијата кои стопанисуваа со нив поради нередовно плаќање на комуналната такса.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски побара од директорите на претпријатијата да работат подомаќински.

„Субвенции ќе има само за ЈСП и тие субвенции мислам дека се поголеми во однос на лани, малку се поголеми, се разбира со ребаланс доколку постои потреба ние ќе ја зголемиме субвенцијата за да можеме ова претпријатие да го држиме во финансиска кондиција.“

Поранешниот градоначалник на Скопје, Јове Кекеновски вели дека градот треба да побара одговорност од тие што управуваат со овие претпријатија. Тој вели дека една од причините заголемите загуби на јавните претпријатија е превработеноста која црпи и до 60 отсто од приходите за плати.

„Поголемата вработеност од она што е оптимална потреба на јавните претпријатијата. Без разлика дали се работи за ЈСП, за Градски паркинг, за Улици и патишта, тоа е резултат на превработеноста. Гледаме дека во последно време јавните претпријатија стануваат место каде што политичките партии ги вработуваат своите кадри. Тоа е една од причините, а друга причина сигурно е и нерентабилното работење.“

Тој додава дека вината делумно е во менаџерите, но треба да се побара и на друго место.

„Почнувајќи од поставеноста на јавните претпријатија, почнувајќи пред се од нивните структури, начинот на носење на одлуките, меѓудругото и начинот на менаџирање и односот кон клиентите.“

Јавните претпријатија кои се под капата на Град Скопје неколкупати досега добиваа субвенции за да ги покријат загубите. За некои тоа се покажа како успешен модел и минатата година во завршните сметки прикажаа минимални позитивни резултати, како на пример Јавното претпријатие Паркови и зеленило кое има добивка од 32 илјади или Дрисла кое има добивка од 81 илјади евра, додека ЈСП и Градски паркинг се уште не можат да излезат од негативното салдо.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG