Достапни линкови

Дневен печат – ,,Бугарија заигра по грчки ноти"


Дневниот печат во Македонија пишува за случајот со Спаска Митрева, една од основачите на ,,Радко". Време објавува текст со наслов ,,Бугарија заигра по грчки ноти"

,,Бугарија заигра по грчките ноти,, го насловува својот текст денеска весникот ,,Време,, пишувајќи за оркестрираниот притисок од бугарските власти и тамошните медиуми во случајот со Спаска Митрева, Македонка, која неодамна добила и бугарско државјанство, инаку една од основачите на Организацијата на Бугарите во Македонија ,,Радко,, од Охрид, како и за заканите, овој пат со бугарско вето, при разгледувањето на извештајот за Македонија, оваа есен во Брисел. Инаку, скоро сите домашни телевизии во средата ги започнаа своите главни информативни емисии со веста за најновото заострување на односите на земјава со Бугарија, нарекувајќи го меѓудржавен инцидент, особено по вложувањето бугарска протестна нота до македонската амбасада во Софија, којашто македонското министерство за надворешни работи експресно ја отфрли.

Олеснувањето со кое беше пречекана дозволата од Српската православна црква македонска државна делегација,по пет години, овој 2 август да го посети ,,Прохор Пчински,, беше намалено по само час или два кога при испраќањето, владиците Иринеј и Пахомие на собранискиот спикер Велјановски му нафрлиле дека СПЦ има имот во Македонија, со што,фактички, пишува ,,Нова Македонија,, повторно се отвора прашањето за црковните имоти. Со оваа тема се занимаваат сите домашни дневни весници,ден по 2 август, а ,,Нова Македонија,, ја пренесува изјавата на претставник на епархијата во Врање дека Врањската епархија има околу 20 хектари ниви на македонска страна, во општините Старо Нагоричане и Куманово. Весникот го пренесува и ставот на СПЦ дека е нејзин целиот имот на МПЦ, зашто и официјално бил впишан како имот на СПЦ, а тоа што македонската црква се одвоила не значело ништо. Спорот може да се реши, го пренесува ,,Нова Македонија,, толкувањето на СПЦ, така што МПЦ би имала свој синод, но под закрила на српскиот патријарх.Портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј за весникот само кусо изјавил дека тоа не било така.

,,Од македонската историја се прави каша-попара, ставајќи ги Груев, Филип и Сандански на куп,, пишува весникот ,,Време,, инспириран од декорот на прославата на Илинден, како и со отворањето на арената ,,Филип Втори,, во Скопје токму на 2 август. Се прави обид да се ,,антиквизира,, и Илинден, или античките херои вештачки да се спојат со илинденските комити, го пренесува весникот ставот на историчарите за пренагласеното присуство на антиката на годинешната прослава на најголемиот македонски празник. Не е спорно дека античките Македонци се дел од етногенезата на Македонците, но мешањето на времињата, епохите и настаните е тотален хаос, се губат точките за ориентација и е несфатливо ставањето на фалангата, на комитите и на партизаните во ист кош,ги цитира,,Време,, историчарите Јордан Михаилов и Александар Литовски.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG