Достапни линкови

Вести

Распуштен парламентот во Египет, истрели за време на протестите

Вршителот на претседателската должност во Египет Ади Мансоур нареди распуштање на парламентот во земјата. Државната телевизија дополнително јави дека бил избран и нов претседателски советник, во услови на немири во Каиро и други градови. Медиумите јавуваат дека одекнале истрели кон толпата која маршира за подршка на соборениот претседател Морси, кој е првиот египетски лидер изгласан на демократски избори минатата година. За сега не се знае дали има жртви меѓу демонстрантите кои се упатиле кон воените бараки каде е притворен поранешниот шеф на државата. Војската направи кордон околу објектот но за сега не се знае кој од каде и кон кого пукал.

види ги сите денешни вести

САД ја прекинаа испораката на бомби за Израел поради најавената офанзива на Рафа

Чад по израелски воздушен напад во близина на Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, 7 мај 2024
Чад по израелски воздушен напад во близина на Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, 7 мај 2024

Американските власти минатата недела одложија пратка бомби за Израел, откако еврејската држава не одговори на „загриженоста“ на Вашингтон за најавената офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави доцна синоќа (7 мај) неименуван висок американски функционер.

„Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1800 бомби од 907 килограми и 1700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана“, рече претставникот.

Одлуката била донесена затоа што Вашингтон се противи на голема офанзива што ја подготвуваат израелските војници во Рафа.

Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.

Американскиот претседател Џо Бајден го повтори овој став пред два дена во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Израелските и американските официјални лица разговараа за алтернативите, дискусиите се во тек и сè уште не се целосно решени нашите грижи“, додаде американскиот функционер.

Израелската армија вчера распореди тенкови во Рафа, ја презеде контролата на граничниот премин со Египет и затвори две главни пристапни точки за хуманитарна помош, мерка што САД ја сметаат за „неприфатлива“.

Одзивот за претседателски избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а за парламентарни 4,45

илустрација
илустрација

Излезноста на претседателските избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а на парламентарните 4,45 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција утринава.

Најголем одзив за претседателските избори има во општина Пробиштип (8, 85 %), а најмала е излезноста во општина Боговиње (0, 57%).

„Одзивот на парламентарните избори до 9 часот е 4,45 отсто. Најголема е излезноста во општината Кривогаштани (9, 46%), а најмала во општина Боговиње (0, 74 %). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме намалена излезност за 0, 74 проценти“, изјави Даштевски.

Тој додаде дека сите гласачки места биле отворени навреме, иако на некои од нив се забележани одредени технички проблеми. На дел од нив со решение на ДИК гласањето се одвива со спреј и УВ-ламба.

До ДИК биле поднесени 15 приговори поврзани со избирачкото право, а од нив само три се одбиени како неосновани.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и 11-ти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.

Почина главниот пропагандист на севернокорејскиот режим

Ким Ки-нам
Ким Ки-нам

Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.

„Почина од старост и оштетување на органите, за што се лекуваше од 2022 година“, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-Би-Си.

Ким Ки-нам беше водечки пропагандист на Северна Кореја со децении, служејќи му на владејачкото семејство долго време, каде што придонесе за изградбата на култот на личноста на севернокорејските диктатори.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано утринава и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, пренесе КЦНА.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.

Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде и на чело на одделот.

Ким Ки-нам во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.

Тој со децении беше и главниот автор на политичките пароли на државата и имаше големо влијание врз нејзините медиумски и издавачки активности.

Ким Ки-нам се пензионираше во доцните 2010-ти, предавајќи ја својата улога на сестрата на Ким Џонг-ун, Ким Јо-Џонг, но продолжи да се појавува на јавни настани.

Зеленски: Русија почна масовен ракетен напад врз Украина

илустрација
илустрација

„На Денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна, нацистичкиот Путин изврши масовен ракетен напад врз Украина“, напиша утринава украинскиот претседател Володомир Зеленски на мрежата Х.

Според Зеленски, над 50 ракети и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед утринава ја гаѓаа инфраструктурата во областите Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск.

„Сите неопходни служби веќе работат на ублажување на последиците од рускиот терор“, додаде тој.

„Цел свет мора да разбере кој е кој. Светот не смее да му даде шанса на новиот нацизам“, напиша Зеленски на мрежата Х.

Украина во последно време е под засилен бран на ракетни напади од руските сили. Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Нетанјаху незадоволен од предлогот на Хамас за прекин на огнот во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа (7 мај) изјави дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас за прекин на огнот, а Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогасија за терористичка, предупреди дека нема да има договор доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Нетанјаху кажа дека новиот предлог на Хамас за прекин на огнот е далеку од основните барања на Израел, додавајќи дека сè уште е неопходен воен притисок за ослободување на заложниците што Хамас ги држи во Појасот Газа.

Израелските сили вчера рано утрината ја окупираа палестинската страна на граничниот премин во Рафа, што Нетанјаху го оцени како „многу значаен чекор кон уништување на преостанатите воени капацитети на Хамас“.

Со оваа воена операција е прекинат клучниот пат за помош до Појасот Газа, што веќе е на работ на глад.

Официјалниот претставник на Хамас, Осама Хамдан, вчера предупреди дека нема да има прекин на огнот доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Хамдан ова го изјави на прес-конференција во Бејрут, а делегацијата на Хамас во меѓувреме пристигна од Доха во Каиро за да ги продолжи преговорите за прекин на огнот, соопшти Хамас.

„Тврдиме дека воената операција во Рафа нема да биде пикник за (израелската) армија. Топката е во теренот на Нетанјаху“, рече Хамдан.

Тој посочи дека новиот предлог за прекин на огнот со кој се согласи Хамас е „минимумот што одговара на барањата на нивниот народ и неговиот отпор“.

МВР: Лични документи може да се подигнат денеска од 8 до 19 часот

илустрација, лични карти
илустрација, лични карти

Министерството за внатрешни работи информира дека од 8 до 19 часот денеска (8 мај) ќе работи Одделот за граѓански работи односно сите отсеци за управни работи на оваа организациска единица при МВР.

„Исто така, ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 3 мај 2024 година, се веќе изготвени и граѓаните може да ги подигнат“, информира МВР.

Граѓаните на Северна Македонија денеска гласаат на двојни избори, во втор круг од трката за претседател на државата и на парламентарни избори за нов состав на Собранието кој ќе треба да ја избере идната влада во Скопје.

Право на глас имаат над 1,8 милиони граѓани.

Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Белград

Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 7 мај, 2024 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 7 мај, 2024 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг вечерва на 7 мај пристигна во дводневна посета на Србија.

Авионот на кинескиот претседател беше придружуван од ловци МиГ-29 од моментот на влегување во воздушниот простор на Србија, а на белградскиот аеродром во негова чест беа построени гардата на војската на Србија, како и фолклорен ансамбл.

Кинескиот претседател беше пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на Собранието Ана Брнабиќ.

За време на неговата втора посета на Србија во последните осум години, Си ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и се очекува да разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки, па се до меѓусебна соработка во областа на културата.

Најавено е потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, која според нив најмногу се отсликува преку во инфраструктурната соработка, но и партнерството во политичките прашања.

Српската радио-телевизија објави дека се преземени опсежни безбедносни мерки и дека 400-члената делегација на Си ја штитат околу 3.400 припадници на безбедносните сили.

Пред Си во Белград пристигнаа членовите на кинеската делегација, министри и претставници од повеќе институции, а на аеродромот ги пречека вицепремиерот и министер за финансии Синиша Мали.

Пред доаѓањето на кинескиот претседател, Белград беше украсен со знамињата на Србија и Кина, а на рутата од аеродромот до центарот на градот беа поставени пораки за добредојде на српски и кинески јазик.

Утре пак ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација пред Палатата Србија.

На вториот ден од посетата предвидена е и билатерална средба меѓу Вучиќ и Си, средби со кинеската делегација и потпишување повеќе договори.

Русија ја стави Фридом Хаус на листата на „непожелни организации“

Логото на организацијата Фридом Хаус
Логото на организацијата Фридом Хаус

Руското државно обвинителство денеска на 7 мај ја прогласи за „непожелна“ во Русија невладината организација за човекови права Фридом Хаус, која има свое седиште во Вашингтон, пренесува рускиот сервис на РСЕ.

Во образложението од обвинителството, меѓу другото, стои и дека оваа одлука е донесена бидејќи „Фридом Хаус се занимава со обезбедување сеопфатна помош за украинската армија, конфискација на „замрзнатите“ руски средства во корист на Украина, како и дека врши зголемен притисок за санкции врз Русија од страна на Западот“.

Фридом Хаус е основана во 1941 година, а оваа организација повеќе од 40 години ја истражува состојбата на политичките и граѓанските слободи ширум светот.

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Шефот на комисијата на Државната дума за истраги за мешање во внатрешните работи, Василиј Пискарев, на почетокот на март објави дека руските власти ќе го разгледаат прашањето за вклучувањето на Фридом Хаус на списокот на „непожелни организации“.

Пискарев ги обвини активистите за човекови права за „кампања за дискредитирање на изборите во Русија“, поради извештајот на организацијата во кој Фридом Хаус ги карактеризираше претседателските избори во Русија во 2024 година како фалсификат, потсетува Медуза.

Списокот на „непожелни организации“ постои во Русија од 2015 година. Во моментов во него се вклучени 160 субјекти. За евентуална соработка на руски фирми со организации вклучени во оваа листа предвидена е административна и кривична одговорност.

Повеќе лица уапсени во Србија и Чешка под сомнение дека се дел од криминална група

Запленети дрога и предмети во меѓународната акција „Белведере“ во која учествуваа полициите на Србија, Словенија, Австрија и Чешка.
Запленети дрога и предмети во меѓународната акција „Белведере“ во која учествуваа полициите на Србија, Словенија, Австрија и Чешка.

Девет лица беа уапсени на 4 мај во Србија, а едно лице два дена подоцна во Чешка поради сомнение дека се членови на организирана криминална група која се занимавала со производство и продажба на наркотични дроги, соопшти Јавното обвинителство за oрганизиран криминал во Србија денеска, 7 мај.

Според соопштението на обвинителството, на територијата на Чешка е лишен од слобода еден од организаторите на организираната криминална група - Владан Шумаревиќ.

Според српската полиција пак, тој е уапсен врз основа на меѓународна потерница од Интерпол по него распишана од страна на Србија.

Наредба за спроведување истрага е издадена против 11 осомничени, а постојат основи на сомнение дека оваа организирана криминална група во Србија произведувала и продавала дрога во периодот од 27 септември 2023 година до 4 мај 2024 година.

„Во тој период постојат основи на сомнение дека оваа организирана криминална група на територијата на Србија продала околу 172 килограми амфетамини и 10.000 таблети МДМА (екстази)“, се вели во соопштението.

При претресот пронајдена се опрема и материи наменети за производство на наркотична дрога, како и околу 50.000 евра.

Според информациите, на рочиштето на јавниот обвинител за организиран криминал, еден од организаторите Игор Шќепановиќ и еден од членовите на криминалната група Мирослав Павловиќ го признале делото.

Судот на предлог на обвинителот донесе решение за притвор за сите осомничени.

Српското Министерство за внатрешни работи на 7 мај соопшти дека осомничените се уапсени по повеќемесечната заедничка меѓународна акција наречена „Белведере“, како и дека акцијата била спроведена во соработка со полициите на Австрија, Словенија и Чешка.

„Во јануари годинава во Босна и Херцеговина е уапсен М.Т.(1990), кој е осомничен дека е еден од членовите на оваа организирана криминална група“, се вели во соопштението на српското МВР.

Според полициските информации, тие се осомничени за шверц на наркотици на територијата на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, но и други земји од Европската Унија.

Полициски претреси кај двајца охриѓани, пронајдени фотографии од избирачки список и гласачки ливчиња

Полиција
Полиција

Службеници на СВР - Охрид во текот на вчерашниот ден извршиле претрес во дом и помошни простории на две лица од Охрид, а тие се осомничени дека се сторители на кривично дело злоупотреба на лични податоци и прекршоци на Изборниот законик, информираат денеска, 7 мај, од полицијата.

Според соопштението од СВР - Охрид, по претходно добиени оперативни податоци за фотографирање на избирачки список и гласачки ливчиња на првиот круг од Претседателските избори одржан на 24 минатиот месец, од судија на претходна постапка обезбедена била наредба за претрес во дом и помошни простории кај М.М.(51) од Охрид и Т.Ц.Т (44) од Охрид, и двајцата членови на избирачки одбор предложени од политичка партија.

При претресот пронајдени биле два мобилни телефони, во кои биле откриени фотографии од избирачки список со лични податоци од гласачи во избирачкиот список, фотографии од гласачки ливчиња со заокружен број испраќани од гласачи како доказ дека го дале својот глас за еден кандидат, а потоа споделени во креирана група за комуникација на мобилна апликација за комуникација.

Според соопштението, со двете лица извршен е разговор во полициска станица.

Дополнително, во текот на денешниот ден повикани се и други лица со цел обезбедување на дополнителни доказни материјали за кривичното дело по член 149 од КЗ "злоупотреба на лични податоци" и прекршок по член 190 став 2 од Изборниот законик, информираат од МВР.

По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG