Достапни линкови

Вести

Кипарскиот претседател ќе и се обрати на нацијата

Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис
Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис
Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис вечерва ќе и се обрати на нацијата преку сите телевизии во државата, јавија локални медиуми. Анастасиадис по преговорите со министрите за финансии од еврозоната, изјави дека е задоволен од постигнатиот договор.
Според него, програмата е во интерес на народот на Кипар и на Европската унија.

види ги сите денешни вести

САД, ЕУ и ОН загрижени поради усвоениот грузиски закон за „странски агенти“

Протести во Грузија против контроверзниот закон за „странски агенти“, илустрација
Протести во Грузија против контроверзниот закон за „странски агенти“, илустрација

Соединатите држави (САД), Обединетите Нации (ОН) и Европската Унија (ЕУ) денеска на 14 мај изразија загриженост за одлуката на грузискиот парламент со кој се одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ кој предизвика неколкунеделни масовни протести. Демонстрантите во Грузија го сметаат овој закон за закана за интеграцијата на земјата во евро-атлантските институции бидејќи го отсликува слична репресивна легислатива како во Русија.

Веќе неколку недели, десетици илјади Грузијци протестираа против нацрт-законот, кој беше презентиран од владејачката партија Грузиски сон. Протестите многупати беа насилно потиснати со водени топови, солзавец и гумени куршуми, додека демонстрантите беа жртви и на насилници.


Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на 14 мај ги пофали демонстрантите, за кои рече дека „сонуваат за Европа“. Мецола рече дека Европскиот парламент „стои со народот на Грузија“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок исто така испрати порака за солидарност и поддршка до грузиските демонстранти.

„Владеењето на правото, демократските стандарди и слободата на медиумите се од суштинско значење за пристапувањето во Европската унија. И десетици илјади луѓе во Грузија покажуваат дека срцето на Европа чука не само меѓу Варшава и Лисабон“, напиша Баербок на Инстаграм.

Норвешкото Министерство за надворешни работи соопшти дека усвојувањето на законот „ја поткопува демократијата на Грузија“ и „го загрозува нејзиниот пат за европска интеграција“.

Претставништвото на Обединетите нации во Тбилиси предупреди дека усвојувањето на законот „ја загрозува слободата на изразување“ и ги повика властите да го истражат насилниот третман на демонстрантите.

Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Тбилиси
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:21 0:00


Пред последното гласање, во парламентот избувнаа препукувања меѓу пратениците на Грузискиот сон и опозицијата, при што телевизиските снимки покажуваат како пратеници, мажи и жени, се туркаат и си разменуваат удари.

Грузиската полиција уапси 20 лица додека насилно го растури собирот пред парламентот на 13 мај.

Според контроверзниот нов закон, медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат како да „ги спроведуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Владејачката партија „Грузиски сон“ која го протурка законот, возврати на критиките, соопштувајќи дека овој потег ќе ја промовира транспарентноста и националниот суверенитет.

Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати законот до претседателот Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето. Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го поништи нејзиното вето со ново гласање, овојпат со просто мнозинство.

Италијанската полиција приведе над 100 луѓе од најголемиот мафијашки клан

Читање на судски пресуди во еден од најголемите судски процеси против италијанскаа мафија, архивска фотографија
Читање на судски пресуди во еден од најголемите судски процеси против италијанскаа мафија, архивска фотографија

Над 100 луѓе, припадници на еден од најмоќните италијански мафијашки кланови, се приведени во полициска рација, соопшти на 14 мај италијанската полиција. Станува збор за членови на озогласениот мафијашки клан „Ндрагета“, кој е познат по трговија со дрога во италијанската област Калабрија.

Во полициската рација учествуваа федералната полиција, локалните полициски сили и специјалистите од единицата за економски криминал, предводени од обвинителите за борба против мафијата од јужниот крајбрежен град Катанзаро, кој е административен центар на областа Калабрија.

Уапсените се членови на познатите кланови на семејството Ланцино-Патитучи и Зингари од Козенца, град во италијанската област Калабрија.

За време на акцијата е уапсен и службеник од италијанската царинска и финансиска полиција.

На уште 20 лица им е одреден домашен притвор, а на уште 13 други рестриктивни мерки.

Групата е осомничена за различни прекршоци, вклучително и членство на „Ндрангета“, „шверц на дрога отежната од мафијашкото здружение“ и други прекршоци, според полицијата.

Јавниот обвинител кој ја предводеше акцијата, Винченцо Капомола, изјави дека членовите на оваа мафијашка група вршеле рекет врз населението и сопствениците на приватни компании, а нивната главна активност бил шверцот на дрога.

„Трговијата со дрога беше еден од начините на кои „Ндрангета изврши контрола над територијата. Само луѓе овластени од Ндрангета можеа да шверцуваат дрога. Секој друг вклучен во неовластена трговија беше казнет, и финансиски и физички“, изјави обвинителот.

Мафијашкиот клан „Ндрангета“ е со седиште во Калабрија, сиромашен регион кој се наоѓа во јужна Италија. Тој е еден од најбогатите и најмоќните мафијашки кланови во земјата, поради неговиот „квази монопол“ во недозволената европска трговија со кокаин. Според полициските извештаи овој клан е пристутен со свои преставници во над 40 други земји.

Двојно убиство во скопско Стајковци

Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента
Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента

Македонската полиција соопшти дека на 14 мај во скопското село Стајковци се случил напад при што едно лице загинало на лице место, додека другото им подлегнало на повредите и починало во болница. Според полицијата, 57 и 64 годишните лица биле пронајдени во семејна куќа во Стајковци со повреди на главата.

„Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај 57 годишното лице, додека 64 годишното лице со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што во 14.00 часот починал“, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Во него е посочено дела полицајците од станицата во Гази Баба и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје со убодни рани го пронашле и 67 годишниот брат на починатите, со убодни рани, и дека засега постои сомнение дека тој е сторител на убиството.

„Причините се утврдуваат. Сторителот е идентификуван и обезбеден. Тој е хоспитализиран со повреди“, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.

Обвинителството соопшти дека обезбедени се траги на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител телата на починатите ќе бидат дадени на обдукција.

Порасна бројот на загинати при уривањето на руската зграда во Белгород

Спасувачки тимови работат на расчистување на урнатата зграда во градот Белгород
Спасувачки тимови работат на расчистување на урнатата зграда во градот Белгород

Руското Министерство за вонредни ситуации на 14 мај соопшти дека бројот на загинати во уривањето на станбена зграда во градот Белгород, што се сличи пред два дена, се искачи на 17 откако спасувачките тимови пронајдоа уште две тела.

Руските власти соопштија дека зградата се урнала во пограничниот регион Белгород, откако ја погодиле фрагменти од ракета истрелана од Украина, соборена од руската противвоздушна одбрана.

Десет ката во станбена зграда во Белгород се урнаа на 12 мај, при што се спасени се 17 лица, а повредени се 27 лица.

Украинскиот разузнавачки тим фрли сомнеж во руското тврдење, велејќи дека станбената зграда најверојатно била погодена или од руска ракета или со бомба. Според нивната анализа, заклучок го донеле врз основа на анализа на фотографии и видеа од уривање на зградата, која се наоѓа во близина на границата меѓу Русија и Украина. Тие сметаат дека зградата била погодена или со ракета за противвоздушна одбрана или со воздушна бомба истрелана од Русија, веројатно по грешка, тврдејќи дека инциденти редовно се случувале за време на актуелната руска инвазија врз Украина.

Сиљановска по средбата со Гир: Нашата иднина е во ЕУ

Прва средба во Вила Водно на македонската претседателката Гордана Сиљановска Давкова и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир,
Прва средба во Вила Водно на македонската претседателката Гордана Сиљановска Давкова и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир,

Шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир денеска (14 мај) ја посети македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Вилата Водно. Таа на првата средба со Гир по нејзината инаугурација на 12 мај, изјави дека иднината на државата, несомнено е во Европската Унија, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

Во разговорот со Гир, за пристапниот процес на државата, претседателката Сиљановска Давкова посочила на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.

„Нашата иднина несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности“, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.

Во тој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми, се вели во соопштението.

Сиљановска Давкова предизвика низа реакции од меѓународната заедница, откако во заклетвата дадена на 12 мај пред Собранието не го користеше новото уставно име – Република Северна Македонија. Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на земјава кон полноправно членство во ЕУ.

Преспанскиот договор, со кој официјалното име на државата беше додадена „Северна“ е реалност и за партијата и за претседателката и за Радио Слободна Европа одговорија дека тие „нема да бегаат од тоа во официјалната употреба“.

Ова се ставовите на новата претседателка на државата и партијата која ја поддржа во трката за шеф на државата, ВМРО-ДПМНЕ, по реакциите од властите во Грција, Бугарија и Европска Унија (ЕУ) со потсетување да се почитуваат договорите што Скопје ги постигна со Атина и Софија.

Потпишувањето на Преспанскиот договор го реши речиси тридеценискиот спор со Грција околу името на државата со што се одблокира патот до полноправно членство во ЕУ и НАТО. Северна Македонија денес е членка на Алијансата, но чека отворањето на кластерите во преговорите со Брисел. За тоа да се случи, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

Турција уапси над 500 луѓе осомничени за блискост со Ѓулен

Илустрација, турска полиција на протести
Илустрација, турска полиција на протести

Над 500 луѓе се приведени во Турција поради сомневање за одредени врски со турскиот проповедник Фетула Ѓулен, кого претседателот Реџеп Таип Ердоган го обвинува дека стои зад обидот за државен удар во 2016 година.

Турските власти апсењата ги спровеле во 62 од 81 провинција во земјата, насочени кон „поединци од ФЕТО кои се обидувале да влезат во различни нивоа на државната служба“, користејќи го кратенката што ја фаворизира Анкара за да го означи движењето на Ѓулен, напиша турскиот минитер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

„Припадниците на ФЕТО нема да ги оставиме сами“, изјави министерот.

Осомничените се обвинети дека се пријавиле за испити за јавна служба по наредба на движењето Ѓулен и дека комуницирале преку апликацијата за пораки Бајлок, за која турската влада смета дека е контролирана од самопрогонетиот проповедник.

Ѓулен, кој живее во САД од 1999 година, постојано негира дека неговото движење стои зад обидот за пуч во јули 2016 година.

Некогаш близок сојузник на Ердоган, проповедникот беше обвинет од турските власти дека стои зад обвинувањата за корупција против владата во 2013 година, кога Ердоган беше премиер.

Ердоган го обвинува имамот дека се обидува да создаде алтернативна држава преку својата мрежа на училишта присутна на сите континенти.

Во акцијата по државниот удар беа уапсени десетици илјади луѓе, повеќе од 140.000 отпуштени или суспендирани од нивните работни места и речиси 3.000 осудени на доживотен затвор.

Турција редовно бара од другите земји да ги екстрадираат следбениците на Ѓулен и се обиде да го стави тоа услов за прифаќање на членството на Финска и Шведска во НАТО пред конечно да се откаже од тие барања.

Грузиските пратеници го одобрија контроверзниот закон и покрај масовните протести

Демонстранти
Демонстранти

Грузиските пратеници го одобрија контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“ во трето и последно читање. Пратениците со 84 гласа „за“ наспротив 30 „против“ го донесоа законот кој предизвика серија на протести затоа што многумина го сметаат за закана за напорите на земјата кон интеграција во евроатлантската заедница и како огледало на слично репресивно законодавство што се протурка во Русија.

Веќе неколку недели, десетици илјади Грузијци протестираа против нацрт-законот, кој беше презентиран од владејачката партија Грузиски сон. Протестите многупати беа насилно потиснати со водени топови, солзавец и гумени куршуми, додека демонстрантите беа жртви и на насилници во цивилна облека.

Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека е отворена истрага за нападот на тројца демонстранти, од кои еден е опозициски политичар, за време на собирот против таканаречениот закон за „странски агенти“ во Тбилиси доцна на 8 мај.

Според контроверзниот нов закон, медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат како да „ги спроведуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Владејачката партија „Грузиски сон“ која го протурка законот, возврати на критиките, соопштувајќи дека овој потег ќе ја промовира транспарентноста и националниот суверенитет.

Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати законот до претседателот Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето. Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го поништи нејзиното вето со ново гласање, овојпат со просто мнозинство.

ОЈО нареди обдукција на телото на починатото бебе во Охрид

Илустрација, новороденче
Илустрација, новороденче

Охридското обвинителство издаде наредба за обдукција на починатото седумесечно бебе, во болница било донесено со повреди на главата. Станува збор за доенче од Вевчани кое мајката го донела на 13 мај во специјалната охридска болница „Св. Еразмо“ со хематом на главата и константно мозочно крварење.

Докторите веднаш го однеселе бебето во операциона сала, каде што, неколку часа по операцијата на интезивна нега починало. Според изјавата на неговата мајка, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани.

Јавниот обвинител издаде наредба телото на седумесечното бебе да биде пренесено до Судска медицина во Битола каде ќе се изврши обдукција. Се преземаат мерки за расветлување на настанот, додаваат од СВР - Охрид.

Мајката тврдела, како што пренесуваат дел од медиумите, дека пред да го однесе бебето во болницата „Св. Еразмо“ побарала помош од повеќе лекари кои ја преупатувале до нивни колеги и други установи.

Јавниот обвинител, покрај наредбата за обдукција, издаде наредба за прибирање докази при што е прибавена, целокупната документација од болницата, се вршат разговори со семејството и блиски лица, а се проверува и медицинската историја на детето и на мајката.

Светска банка очекува благо намалување на цените на енергијата

илустрација
илустрација

Светската банка очекува цените на енергијата да се намалат за еден процент во 2024 година, бидејќи пониските цени на природниот гас и јагленот ги компензираат повисоките цени на нафтата, по што ќе следи дополнителен пад од четири проценти во 2025 година, пренесува „Обсервер“.

Цените на суровата нафта од типот „брент“ надминаа 91 долар за барел на почетокот на април, поттикнати од ескалацијата на геополитичките тензии и дополнителното намалување на производството од ОПЕК плус.

Цените на природниот гас паднаа во првиот квартал од 2024 година на речиси 40 отсто пониски од претходната година.

Европската референтна вредност се намали за 35 отсто, со што се променија добивките во претходниот квартал.

СИРИЗА ќе ги поднесе во грчкиот Парламент трите меморандуми со Северна Македонија

илустрација
илустрација

СИРИЗА во следниот период ќе ги поднесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Северна Македонија, соопшти портпаролката на грчката опозициска партија Вула Кехаја на денешниот брифинг со новинарите, јавува МИА.

Таа објасни дека ги разгледуваат можностите како ќе го направат тоа и рече дека веројатно ќе биде во форма на законска иницијатива. Таа коментираше дека Владата на Мицотакис „избегнува да ги донесе во Парламентот од внатрепартиски причини и за да ја одржи рамнотежата во самата Влада“.

„Се истражува и се читаат законските текстови што произлегуваат од Договорот и претставуваат она што се нарекува Протоколи или Меморандуми за соработка со соседната земја и во следниот период, веројатно во облик на законска иницијатива ќе бидат доставени во Парламентот. Но, со големо изненадување и незадоволство ја слушаме Владата и нејзините претставници да најавуваат дека ќе гласаат против или нема да гласаат или дека не се согласуваат со таква иницијатива. Зошто се крие Нова демократија и не се обидува барем сега владината партија да го спаси угледот на Договорот од Преспа, кој во минатото го карактеризираше како предавнички, а сега смета дека треба да го одбрани, но без притоа да го заштити законски?“, рече Кехаја.

На денешниот брифинг со новинарите, портпаролката на СИРИЗА упати прашање до актуелната грчка Влада, зошто, како што рече, „ако толку многу е вознемирена од ставот на новата претседателка на Северна Македонија, веднаш не ги донесе во Парламентот меморандумите како што налага Договорот од Преспа?“

„Еден овие протоколи се однесува на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Ова немаше да биде преговарачка карта за нашата Влада да изврши притисок врз Северна Македонија да се усогласи со Договорот, а во спротивно нема да се отвори патот кон Европската Унија?“, праша портпаролката на СИРИЗА.

Трите потпишани меморандуми меѓу двете земји се: Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје.

Тие се дел од обврските на Грција преземени со потпишувањето на Преспанскиот договор, а кои веќе неколку години чекаат да бидат ставени на дневен ред за ратификација во грчкиот Парламент.

По потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во Северна Македонија следуваа уставни измени со кои државата во своето уставно име ја додаде придавката „Северна“. Новото име стапи на сила во февруари 2019-та. Со договорот се реши деценискиот спор со Грција што беше пречка и во евроатлантските интеграции на Скопје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG