Достапни линкови

Вести

Ќе се дознаат домаќините на Мундијалите во 2018 и 2022 година

Светската фудбалска федерација ФИФА, денеска во Цирих ќе ги одреди домаќините за светските првенства во 2018 и 2022 година. Според обложувалниците, Русија е фаворит за организарање на Мундијалот во 2018. По неа е Англија, а во трка се и заедничките кандидатури на Шпанија и Португалија, односно Белгија и Холандија.
За Мундијалот во 2022, пак, букмејкерите им даваат најголеми шанси на Американците. Во игра се и Катар, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија.

види ги сите денешни вести

На двојните избори, граѓаните ќе можат да дојдат на гласање само еднаш

Граѓанин гласа на првиот круг од претседателските избори, 24 април 2024 година
Граѓанин гласа на првиот круг од претседателските избори, 24 април 2024 година

Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните со право на глас им се укажува дека ако гласаат само на едните избори, потоа во текот на денот доколку се предомислат нема да можат да се вратат на гласачкото место и да гласаат на другите избори.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но и право да одлучат дали ќе гласаат само за парламентарните или само за претседателските избори.

Ова, вели Дашевски, мора добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има ценсуз, односно за да биде изберен претседател во вториот круг, излезеноста треба да биде 40 отсто од вкупниот број на запишани гласачи во единствениот избирачки список.

„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката е следна: прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа. Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата избори, а може да се случи и само за парламентарните, бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се доведе човекот во заблуда, бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните, па за другите вие може да кажете, па јас сум за парламентарни. Значи, треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите, туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус“, вели претседателот на ДИК во интервјуто.

Даштевски очекува дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори. Тој потенцира дека за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо пет лица, како претходно, а за броењето на резултатите ќе бидат присутни сите.

Претседателот на ДИК апелира до гласачите да придонесат за слободни, фер и демократски избори и се надева на мирни и демократски избори.

На 8 мај во земјава се одржуваат двојни избори, вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори. На првиот круг од претседателските избори најмногу гласови освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, пред кандидатот на СДСМ и актуелен претседател, Стево Пендаровски кој се најде на второ место по освоени гласови.

Најмалку две лица загинале во руски напади врз Харкив

Последици од руските ракетни напад врз Харкив, 30 април, 2024 година
Последици од руските ракетни напад врз Харкив, 30 април, 2024 година

Најмалку две лица загинаа, а шест беа ранети денеска (30 април) во руските напади врз Харкив, изјави регионалниот гувернер Олег Синегубов.

„Според првичните извештаи, две лица се убиени, а шест се повредени во нападите на Харков“, напиша Синегубов на Телеграм.

Харкив, каде што живеат повеќе од 1,4 милиони луѓе пред војната и е лоциран во близина на границата со Русија, се повеќе е цел на руските напади во последните неколку недели.

Во нападите значително беше оштетена електричната инфраструктура, поради што во градот беа воведени рестрикции за електрична енергија.

Штајнмаер: Западен Балкан не смее да остане „сива зона за руско деструктивно влијание“

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер (архивска фотографија)
Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер (архивска фотографија)

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, претседателот на Чешката Република Петр Павел и чешкиот премиер Петр Фијала на денешната конференција во Прага по повод 20-годишнината од проширувањето на Европска Унија, повикаа Западен Балкан да не се остава долго да чека пред вратите на Унијата, бидејќи не смее „да остане сива зона за руското деструктивно влијание“.

„После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор“, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател рече дека нападот на Русија не е само врз Украина, туку и врз сите историски лекции што Германија, Чешка и цела Европа ги научиле од двете светски војни.

Во текот на својот говор тој неколку пати потенцираше дека ЕУ е историски најголемиот мировен проект кој треба да се брани, бидејќи не се подразбира сам по себе и не е неуништлив.

Претседателот на Чешка, Петр Павел, на конференцијата по повод одбележувањето на две децении Чешка во ЕУ посочи дека безбедноста на ЕУ не почнува од нејзините граници, туку многу подалеку и оти е неприфатлива индиферентноста кон соседите на Унијата.

„Имам разбирање за земјите кои стојат пред вратата на ЕУ, нивните амбиции ја докажуваат привлечноста на тој проект. Проширувањето е исто така геополитичка неопходност. Ако ги оставиме Западен Балкан, Украина и Молдавија да стојат пред вратата на ЕУ, ќе ги оставиме на милост и немилост на Русија и на актерите кои не и посакуваат добро на Европа“, порача чешкиот претседател.

Чешкиот премиер Петр Фијала, исто така, истакна дека проширувањето со Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово е неопходно за безбедноста на континентот и самата ЕУ.

„Да им ја дадеме таа шанса и да ги искористиме можностите што ќе ни ги донесе тоа. Тоа проширување е неопходност за безбедноста на ЕУ. Секоја друга опција е полоша и за нив како и за нас“, рече Фијала.

Зборувајќи за клучните достигнувања и придобивки од проширувањето пред две децении за сите членки на ЕУ, не само економски, туку пред се мировни и решавање на проблемите и несогласувањата со постигнување компромис, и претседателот и премиерот на Чешка истакнаа дека Европа сега мора активно да се брани бидејќи не е неуништлива и од надворешни закани, како што е агресивната политика на Русија, но и од внатре.

Штајнмаер, меѓудругото, ги повика Европејците да излезат на европските парламентарни избори и да не дозволат популистите да ја нарушат нивната доверба во институциите и да ги убедат дека најгласните гласови се најважни.

ФЗО најави генерален штрајк ако вработените не добијат повисоки плати

Предупредувачки протест на вработените во Фондот за здравствено осигурување, Скопје, 30 април 2024 година
Предупредувачки протест на вработените во Фондот за здравствено осигурување, Скопје, 30 април 2024 година

Вработените во Фондот за здравство излегоа на предупредувачки протест поради незадоволството за неусогласувањето на платите со растот на минималната плата.

Вработените бараат и разрешување на управниот одбор на Фондот, откако тој во петокот не донел одлука за зголемување на платите за 2600 денари, како и досегашниот бод за пресметка на плата да важи и од 1-ви јуни. Вработените бараат нов управен одбор кој ќе дозволи да се усогласат платите на вработените, односно примањата да не им се намалуваат од 1-ви јуни.

„Со оглед дека самите најавиле дека до формирање на нова Влада немаат во план да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто постои Управниот одбор, би било поетички да си отидат и да се изберат нов. Ако ова до 15 мај не се реши, ние ќе имаме предупредувачки протести во сите градови. Ако на 1 јуни не се реши прашањето, тогаш, стапуваме во генерален штрајк“, изјави претседателот на синдикалната организација, Бранко Аџигогов.

Доколку вработените на ФЗО стапат во генерален штрајк, услугите за граѓаните кои се здравствени осигуреници на Фондот, како и платите на вработените во јавното здравство, повторно ќе бидат доведени во неизвесност.

„Немаме образложение и не знаеме зошто ова се случи. По толкав штрајк на вработените во ФЗО, а ние сме втора најголема синдикална организација во државната управа, едноставно ова го сфаќаме дека не им е грижа“, додаде Аџигогов.

Протест на вработените во ФЗО за зголемување на платите, 30 април 2024 година
Протест на вработените во ФЗО за зголемување на платите, 30 април 2024 година

Пред три месеци, Фондот за здравство влезе во штрајк поради опасноста дека платите ќе им се намалат за 21 процент, меѓутоа владата донесе одлука тие да останат непроменети по што штрајкот беше прекинат. Додека траеше последниот штрајк во јануари, шалтерите на Фондот за здравство не работеа и не се процесираа барањата на пациентите за рехабилитација, за исплата на породилно боледување, за заверка на ортопедски помагала, а не се пресметуваше ни платата за цело здравство, поради што платите во државното здравство доцнеа.

Седуммина загинати во напад на џамија во Авганистан

илустрација
илустрација

Седум лица загинале во напад на џамија во авганистанската провинција Херат доцна на 29 април.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Абдул Матин Кани изјави дека „непознат вооружен маж пукал во цивили, верници во џамија“ во областа Гузара во провинцијата Херат во понеделник околу 21 часот.

Меѓу загинатите биле имамот на џамијата, едно дете и пет возрасни верници.

Локалните жители велат дека џамијата и служела на малцинската шиитска заедница.

За разлика од официјалните лица, тие рекоа дека нападот бил организиран од група од тројца вооружени лица.

„Едниот од нив беше надвор, а двајца од нив влегоа во џамијата, пукајќи во верниците, за време на молитвата“, изјави 60-годишниот Ибрахим Ахлаќи, брат на убиениот имам.

„Сите што беа во џамијата се или мртви или повредени“, додаде 23-годишниот Сајед Муртаза Хусаини.

Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.

Регионалниот огранок на групата Исламска држава (ИД) е најголемата безбедносна закана во Авганистан и често ги таргетира шиитските заедници.

Талибанската влада вети дека ќе ги заштити верските и етничките малцинства од враќање на власт во август 2021 година, но групите за човекови права велат дека направиле малку за да го исполнат тоа ветување.

Најозлогласениот напад поврзан со Исламска држава откако Талибанците ја презедоа власта беше во 2022 година, кога најмалку 53 лица беа убиени од бомба во образовен центар.

Талибанските власти ја обвинија ИД за нападот, кој се случи во шиитска населба во главниот град Кабул. Талибанските власти често пријавуваа помалку смртни случаи од другите извори, по бомбашките напади и други напади со оружје, или ги минимизираа во очигледен обид да ја минимизираат безбедносната закана.

Во извештајот на Советот за безбедност на Обединетите Нации објавен во јануари се наведува дека има намалување на нападите на ИД во Авганистан поради „напорите на Талибанците за борба против тероризмот“.

Во извештајот се наведува и дека Исламската Држава сè уште има „значително“ регрутирање во земјата и дека милитантната група има „способност да проектира закана во регионот и пошироко“.

Регионалниот огранок на Исламска Држава во Авганистан, Пакистан и Централна Азија ја презеде одговорноста за нападот во концертната сала „Крокус Сити“ во Москва, во кој загинаа повеќе од 140 луѓе. Тоа беше најсмртоносниот напад во Русија во последните две децении.

Би-Би-Си: Иранските безбедносни сили малтретирале и убиле тинејџерка за време на протестите

Ника Шакарама
Ника Шакарама

Иранска тинејџерка била сексуално нападната и убиена од тројца мажи кои работеле за иранските безбедносни сили, пишува Би-Би-Си, повикувајќи се на официјален документ.

Документ од внатрешна истрага овозможи да се утврди што се случило со 16-годишната Ника Шакарама, која исчезна во 2022 година за време на протест против иранскиот режим.

Нејзиното тело било пронајдено девет дена подоцна. Владата тврдеше дека таа се самоубила. Иранската влада и нејзината Револуционерна гарда не одговорија на прашањата поврзани со случајот.

Етикетиран како „строго доверливо“, извештајот го резимира сослушувањето за случајот на Ника што го одржа Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) - безбедносните сили што го бранат исламскиот естаблишмент во земјата. Документот ги вклучува имињата на нејзините убијци и високи команданти кои се обиделе да ја сокријат вистината.

Тој исто така содржи вознемирувачки детали за настаните што се случија во задниот дел на комбето во кое безбедносните сили ја привеле Ника.

Во документот пишува дека еден од мажите ја малтретирал додека седел врз неа. И покрај тоа што била врзана, Ника давала отпор, клоцала и пцуела. Документот содржи и признание дека мажите на отпорот на Ника одговориле со палки.

Бидејќи се во оптек бројни лажни ирански официјални документи, пишува Би-би-си и наведува дека тие со месеци го проверувале секој детал со повеќе извори. Опсежните истраги покажаа дека документите што ги добиле навистина ги опишуваат последните часови на тинејџерката.

За исчезнувањето и смртта на Ника Шакарами беше нашироко известувано, а нејзиниот имиџ стана синоним за борбата на жените во Иран за поголеми слободи.

Движењето Жени, живот, слобода беше лансирано само неколку дена порано по смртта на 22-годишната Махса Амина. Таа почина од повредите здобиени во полициски притвор, откако беше обвинета дека не носи хиџаб правилно, соопшти мисијата на ОН за проверка на факти.

Во случајот на Ники, нејзиното семејство го нашло нејзиното тело во мртовечница повеќе од една недела откако исчезна од протестот. Но, иранските власти негираа дека смртта на Ника е поврзана со протестите и објавија дека истрагата покажала дека Ника се самоубила.

Непосредно пред да исчезне, Ника била снимена вечерта на 20 септември во близина на паркот Лалех во центарот на Техеран, како стои до контејнер и пали хиџаби. Другите околу неа извикуваат „смрт за диктаторот“ - мислејќи на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

„Иако тогаш не знаела, таа веќе била набљудувана“, се вели во тајниот извештај.

Демонстрациите беа следени од неколку тајни безбедносни единици, се вели во документот. Еден од нив, од Тимот 12, се посомнева дека тинејџерката е еден од организаторите „поради нејзиното неконвенционално однесување и повеќе повици на нејзиниот мобилен телефон“.

Тимот испрати еден од нивните оперативци во толпата, каде што требаше да се преправа дека е демонстрант и да потврди дека Ника навистина е еден од водачите на демонстрациите. Потоа, според пријавата, тој ја повикал својата екипа да ја уапси. Но, таа побегнала.

Нејзината тетка за Би-Би-Си претходно изјави дека Ника се јавила на пријател таа вечер и рекла дека ја бркаат безбедносните сили. Поминал речиси еден час пред повторно да биде забележана, се вели во извештајот. Потоа ја фатиле и ја ставиле во нивното возило.

Водачот на тимот Мортеза Џалил призна дека не се ни обидел да открие што се случило во возилото. Тој рече дека го оставиле мртвото телото на Ника на тивка улица под автопатот Јадегар-е-Емам во Техеран.

Извештајот заклучува дека сексуалниот напад предизвикал тепачка во задниот дел на комбето, а ударите на Тимот 12 ја предизвикале смртта на Ника.

„Употребени се три палки и три електрошокери. Не е јасно кој од ударите бил фатален“, се вели во него.

Извештајот е во спротивност со наративот на владата за тоа што се случи со Ники.

Речиси еден месец по нејзиниот погреб, државната телевизија ги објави резултатите од официјалната истрага, според која Ника скокнала во смрт од зграда.

Беа прикажани и снимки од надзорните камери на кои се гледа како лице за кое се тврди дека е Ника влегува во станбената зграда. Мајката на Ника во телефонско интервју за Би-Би-Си изјави дека не може „под никакви околности да потврди дека ова лице е Ника“.

Како што е познато, одговорните за смртта на Ника не се казнети. Причината за тоа може да се најде во самиот документ. Сите од Тимот 12 се наведени во извештајот, а десно од нивните имиња е групата во која припаѓаат: Хезболах.

Станува збор за иранска паравоена група која не е поврзана со истоимената либанска група. Членовите на оваа група работат за ИРГЦ, но понекогаш работат надвор од нивната јурисдикција.

Безбедносните сили убиле дури 551 демонстрант за време на протестите на иранското движење Жени, живот, слобода, повеќето од нив со огнено оружје, соопшти мисијата на ОН за проверка на факти.

Протестите стивнаа по неколку месеци поради крвавото задушување од страна на безбедносните сили.

Јеменските Хути нападнаа брод во Индискиот Океан

илустрација
илустрација

Јеменските борци Хути објавија дека со дрон го нападнале контејнерскиот брод „МСЦ Орион“ во Индискиот Океан, како дел од нивната актуелна кампања против меѓународните бродови во знак на солидарност со Палестинците и против израелските воени акции во Газа.

Бродот „МСЦ Орион“ со португалско знаме пловел помеѓу пристаништата Синес, Португалија и Салалах, Оман, а неговиот регистриран сопственик е Зодијак (Zodiac Maritime).

Зодијак е делумно во сопственост на израелскиот бизнисмен Ејал Офер. Компанијата не одговори веднаш на барањето за коментар.

Хутите кои се поврзани со Иран започнаа серија напади со беспилотни летала и ракетни напади во Црвеното Море, теснецот Баб ал-Мандаб и Аденскиот залив од ноември, принудувајќи ги испраќачите да го пренасочат товарот кон подолги и поскапи патувања низ јужна Африка и да ги подигнат стравувањата дека војната меѓу Израел и Хамас може да се прошири и да го дестабилизира Блискиот Исток.

Во март, водачот на групата рече дека групата ја проширува својата зона на удар за да ги спречи бродовите поврзани со Израел да минуваат низ Индискиот Океан кон Ртот Добра надеж.

Групата поврзана со Иран, исто така, го нападна комерцијалниот брод Кикладес, како и два американски разурнувачи во Црвеното Море, рече нејзиниот портпарол во телевизиско обраќање рано во вторникот(30 април).

Британската поморска безбедносна компанија „Амбри“ претходно објави дека контејнерскиот брод под знаме на Малта бил нападнат со три проектили во понеделникот додека се движел од Џибути кон саудискиот град Џеда. Хутите рекоа дека Киладес бил на тој пат кога бил нападнат контејнерскиот брод.

Амбри рече дека бродот најверојатно бил мета поради трговијата на неговиот оператор со Израел.

САД и Велика Британија извршија напади врз цели на Хутите како одмазда за нивните напади врз бродови, пишува Ројтерс.

Хамас подготвува одговор на понудата за прекин на огнот во Газа

Луѓето се собираат во близина на телата наредени за идентификација откако беа ексхумирани од масовна гробница пронајдена во јужниот дел на Појасот Газа, 25 април 2024
Луѓето се собираат во близина на телата наредени за идентификација откако беа ексхумирани од масовна гробница пронајдена во јужниот дел на Појасот Газа, 25 април 2024

Хамас, означен како терористичка организација од Соединетите Држави (САД) и Европската унија (ЕУ), ја разгледува понудата на Израел за 40-дневно примирје во војната во Појасот Газа во замена за ослободување на број на заложници кои ги држеше групата од нападoт на 7-ми октомври.

Враќајќи се во Катар по последните разговори во Каиро, анонимен извор од делегацијата на Хамас соопшти дека „ќе разговара за идеите и предлогот... и дека сакаат да одговорат што е можно поскоро“.

Египетски извори за Ал Кахера њуз, веб-страница поврзана со египетските разузнавачки служби, изјави дека делегацијата на Хамас „ќе се врати со писмен одговор“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги опиша условите на примирјето како „исклучително дарежливи“, додека Белата куќа побара од колегите посредници Египет и Катар да го засилат притисокот врз Хамас да го прифати последниот обид за ставање крај на речиси седуммесечната војна.

Американскиот претседател Џо Бајден ги повика египетските и катарските лидери „да вложат максимални напори за да обезбедат ослободување на заложниците кои ги држи Хамас“, нарекувајќи го тоа „единствената пречка“ за обезбедување помош за цивилите во опколениот Појас Газа.

Со месеци Египет, Катар и САД се обидуваат да обезбедат нов договор. За време на еднонеделното примирје во ноември, 80 израелски заложници беа разменети за 240 Палестинци кои беа затворени во израелските затвори.

Во меѓувреме, немилосрдното израелско бомбардирање ја опустоши Газа со која владее Хамас, израмнувајќи голем дел од територијата и доведувајќи го нејзиниот народ на работ на глад, истовремено заканувајќи се да ескалира во поширок регионален конфликт.

Во јужниот град Рафа, Палестинците очајуваат од војната додека трагаат по жртвите од последниот напад. Израел вети дека ќе изврши напад врз баталјоните на Хамас во Рафа, каде што повеќето од 2,4 милиони жители на Газа побараа засолниште.

Но, министерот за надворешни работи Израел, Кац изјави дека владата би можела да ја „прекине“ таа операција доколку се постигне прекин на огнот.

Зборувајќи во Ријад за време на неговата седма посета на регионот од почетокот на војната во Газа, високиот американски дипломат Блинкен ја истакна потребата Хамас „брзо да одлучи“ за прекин на огнот.

Тој на специјалниот состанок на Светскиот економски форум изјави дека „се надева дека ќе донесе правилна одлука“, додека египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека „предлогот ги земал предвид ставовите на двете страни“.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека на Хамас му било понудено „трајно примирје од 40 дена, потенцијално ослободување на илјадници палестински затвореници, во замена за ослободување на овие заложници“.

Извор од Хамас за АФП изјави дека групата е заинтересирана за договор кој „гарантира траен прекин на огнот, слободно враќање на раселените, прифатлив договор за (размена на затвореници и заложници) и крај на опсадата“ во Газа.

Израел проценува дека 129 заложници остануваат во Газа, вклучувајќи 34 за кои се верува дека се мртви. Нападот на Хамас резултираше со смрт на приближно 1200 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили. Според Министерството за здравство на територијата што ја контролира Хамас, во израелската одмаздничка офанзива загинаа најмалку 34 488 луѓе во Газа.

Еруптираше вулканот Маунт Руанг во Индонезија

илустрација
илустрација

Вулканот Маунт Руанг во Индонезија денеска повторно еруптираше, поради што властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко ниво и наредија итна евакуација во радиус од шест километри.

Ерупцијата на Маунт Руанг, кој се наоѓа во провинцијата Северен Сулавеси, предизвика облаци од пепел и чад во висина од 2000 метри, соопшти геолошката агенција на Индонезија.

Агенцијата ги повика жителите во погодените области да ги следат наредбите за евакуација и да носат маски за заштита од пепел.

Последната ерупција следува по зголемената вулканска активност која почна во средината на април.

Индонезиските власти претходно издадоа предупредување за цунами и го подигнаа нивото на тревога за вулканот откако имаше повеќекратни големи ерупции, исфрлајќи пепел високи до висина од 3000 метри.

Тие ерупции ги натераа воздухопловните власти да го затворат аеродромот Сем Ратуланги во Манадо, кој се наоѓа на околу 100 километри од вулканот, за да ги заштитат летовите од опасната вулканска пепел.

Вулканот висок 725 метри е еден од најактивните во Индонезија. Последната голема ерупција на Маунт Руанг се случи во 2002 година, генерирајќи пирокластични текови кои предизвикаа штета на околината.

Во Индонезија, земја сместена на Пацифичкиот „Огнен прстен“, често има сеизмичка и вулканска активност.

САД ја отфрлија можноста Меѓународниот кривичен суд да го истражува Израел

 Меѓународниот кривичен суд во Хаг
Меѓународниот кривичен суд во Хаг

Белата куќа соопшти дека е против истрагата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за акциите на Израел во Појасот Газа, јави ДПА.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Вашингтон „не ги поддржува“ истрагите нагласувајќи дека „не верува дека тие имаат јурисдикција“.

Новинарите неколку пати ја прашаа Жан-Пјер дали евентуално издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други израелски официјални лица може да ги прекине разговорите за прекин на огнот во Газа. Но, портпаролката одби подетално да ја коментира темата.

Израелските медиуми претходно јавија дека Нетанјаху стравува дека главниот обвинител на МКС, Карим Кан, оваа недела би можел да издаде меѓународни потерници за него, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херзи Халеви.

Од 2021 година, судот во Хаг ги истражува израелските одбранбени сили и организација Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, за наводни воени злосторства во Појасот Газа, окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим.

Во 2021 година судот пресуди дека има јурисдикција над палестинските територии окупирани по 1967 година – Западниот Брег и Појасот Газа. Сепак, ниту САД ниту Израел не го признаваат судот, забележува ДПА.

Во моментов во тек е истрага и за акти на насилство извршени од израелски доселеници на Западниот Брег.

Налог за апсење на Нетанјаху и други израелски граѓани издаден од МКС би значело дека државите што го потпишале статутот на судот ќе бидат обврзани да ги уапсат тие лица и да ги префрлат во Хаг под услов да се на нивна територија

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG