Достапни линкови

Вести

60 милитанти убиени во офанзивата на Вазиристан

Шеесет милитанти и пет пакистански војници се убиени во Јужна Вазиристан откако армијата започна офанзива викендов ,изјави претставник на војската . Во последните 24 часа, 60 милитанти се убиени во операција наречена Пат на ослободувањето.

види ги сите денешни вести

Даштевски: Постигнат е цензусот за претседателските избори

Северна Македонија - Aлександар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК)
Северна Македонија - Aлександар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК)

Имавме успешни, фер и демократски избори, цензусот за претседателските избори е исполнет, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), вечерва на прес-конференција.

За претседателските избори, до 18.30 часот од обработени податоци од 3.186 избирачки места одѕивот е 46,31 отсто, при што гласале 767. 715 граѓани.

Најголема излезност има во Новаци 72,76 отсто, а најмала во Липково 7, 35 отсто.

Одѕивот на парламентарните избори е 53,30 отсто од обработени 3.186 отсто од гласовите, односно на гласање излегле 887.767 граѓани.

Најголема излезност за парламентарните избори има во Новаци 74,85 отсто, а најмала во Центар Жупа 18,62 отсто.

„Еднакво право на глас е дадено на сите граѓани. Тие гласаа по сопствена волја“, рече Даштевски, заблагодарувајќи им се на сите изборни органи, на медиумите за позитивното известување и на сите учесници во изборите.

Според него, и денеска се потврдиле оценките на меѓународните и на домашните организации за беспрекорно организирани избори во услови кога се спроведуваат два вида избори.

Во текот на денот биле поднесени 490 приговори за избирачко право. Од нив 263 приговори се усвоени, 33 се отфрлени, 88 се одбиени, а другите се во обработка.

Гласањето, како што соопшти Даштевски, ќе биде продолжено во избирачко место во Зелениково, во Гази Баба, во Центар и во Кочани.

Се очекува ДИК да излезе со првични неофицијални резултати од изборите најдоцна до 23.30 часот.

Адеми: ДУИ остави поддржувачите сами да одлучи дали ќе гласаат за претседател

Северна Македонија - Арбр Адеми, шеф на изборниот штаб на ДУИ, прес-конференција по затворањето на избирачките места, Скопје, 8 мај 2024 година.
Северна Македонија - Арбр Адеми, шеф на изборниот штаб на ДУИ, прес-конференција по затворањето на избирачките места, Скопје, 8 мај 2024 година.

Европскиот фронт денеска оствари голема победа, како што победи и пред две недели и таа е одлучувачка за натамошното унапредување на демократијата, рече шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбер Адеми на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места.

Toj изрази очекување дека коалицијата Европски фронт ќе добие најмалку 20 пратеници.

„Процесот на изборите денеска се одвиваше мирно и без инциденти и верувам дека нема има проблеми. Изразуваме благодарност на секој гласач што ја избра европската иднина, но воедно ги осудуваме обидите од страна на опозицијата која со лажни вести сакаше да сее паника и страв“, рече Адеми.


На новинарско прашање дали Европскиот фронт повикуваше на бојкот на изборите, Адеми рече: „Имавме сооппштение дека Европскиот фронт остави на поддржувачите сами да изберат дали ќе гласаат за избор на претседател на државата. Тоа според бројките за излезноста се гледа, има помала излезност на претседателските во однос на парламентарните избори, но таа не е одлучувачка. Имало наши поддржувачи кои гласале, и има поддржувачи кои не гласале за претседателските избори“.

Тој наведе дека на изборите гласале лидерот на ДУИ, Али Ахмети, техничкиот премиер Талат Џафери, заменик министерот за внатрешни работи, без да каже дали тие гласале и на двојните избори.

На прашањето дали тој лично гласал за претседателските избори, Адеми одговори дека не гласал.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Кузеска: Граѓаните ќе одлучат по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму

Северна Македонија - Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, прес-конференција по затворањето на гласачките места на двојните избори, Скопје, 8 мај 2024 година.
Северна Македонија - Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, прес-конференција по затворањето на гласачките места на двојните избори, Скопје, 8 мај 2024 година.

Секоја партија за своите постапки во изборите треба да одговори пред себе и пред граѓаните, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места, одговарајќи на новинарско прашање за бојкот на претседателските избори во општините со доминантно албанско население.

„Секоја партија како настапи на овие избори треба да одговори кон себе и граѓаните. СДСМ и коалицијата повикуваа на масовност, граѓаните да го искористат правото на глас и на парламентарните и на претседателските избори“, рече Кузеска.

Таа оцени дека изборниот ден беше „успешен, мирен и достоинствен, како што ѝ доликува на земја членка на НАТО и земја со почнати преговори со ЕУ“.

Кузеска рече и дека граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму, а СДСМ ги очекува првичните изборни резултати.

Следната прес конференција од СДСМ ќе ја држи претседателот на партијата Димитар Ковачевски, а за времето на одржување ќе информираат дополнително од партијата.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Муцунски: Македонија ќе има нов претседател, извесно е дека ДУИ оди во опозиција

Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, прес-конференција по двојните избори, Скопје, 8 мај 2024 година.
Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, прес-конференција по двојните избори, Скопје, 8 мај 2024 година.

Македонија ќе има нов претседател, цензусот е постигнат. Отворениот повик за бојкот од страна на ДУИ не успеа - елитите на власта се поразени од народот, рече Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во првата оценка по денешните двојни избори во Северна Македонија.

Тој рече дека денешниот ден на површина ги извади сите игри на власта и сценариото на кое укажа ВМРО-ДПМНЕ, дека „ДУИ посакува криза и преку бојкот на претседателските избори практично сака да се факторизира“.

„Добрата вест е што ДУИ изгуби двојно. Бојкотот не е успешен и сосема и извесно дека ДУИ оди во опозиција“, рече Муцунски.

Тој на прес-конференцијата кажа дека „ВМРО-ДПМНЕ очекува одличен резултат, кој ќе биде и подобар од тој што го имаше на првиот круг претседателски и уште вечерва да биде јасна сликата како ќе изгледа новата влада“.

Муцунски оцени дека денешниот изборен ден помина во генерално мирна атмосфера, со неколку поединечни нерегаларности што треба да се расветлат. Тој кажа дека неколку функционери на владејачката партија се фатени во илегални активности како го нарушуваат гласачкото право правејќи поткуп и притисоци.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Се затворија гласачките места, се очекуваат првични резултати

Севернa Македонија - претседателски и парламентарни избори, Скопје, 8 мај 2024 година
Севернa Македонија - претседателски и парламентарни избори, Скопје, 8 мај 2024 година

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на двојните избори во Северна Македонија - парламентарните, на кои граѓаните избираат пратеници во Собранието и вториот круг на изборите за претседател на државата.

Гласачките места беа отворени утрово во 7 часот.

За парламентарните избори, во избирачкиот список се запишани 1.815.350 избирачи, кои гласаат на вкупно 3.477 избирачки места.

Право на глас на претседателските избори, пак, имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

„ДИК целосно ги спроведе сите изборни дејствија стого по закон. Посебен успех е затоа што ниедна од заинтересираните страни, од учесниците во постапката како што се политичките партии, граѓаните, невладините и меѓународните организации не ставија никаква примедба на гласачкиот процес“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски по затворањето на избирачките места.

Според последниот пресек за излезеноста направен од ДИК, до 18:30 часот на парламентарните избори гласале 53,32%, а на претседателските 46,31%.

Најголем одзив на гласачите за претседателските избори има во општините Новаци (72,76%), Росоман (72,09%) и Крива Паланка (72,02%), а најмала излезност е регистрирана во Липково (7,35%), Врашпчиште (11,44%) и Боговиње (11,93%).

Во однос на парламентарните избори, мапата на ДИК покажува најмала излезност во Изборната единица 6 (40,4%), а најголема во Изборната единица 1 (59,48%).

Гласање без проблеми: „Кој и да победи, нека има мир“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од владејачкиот СДСМ и Коалицијата за европска иднина бара втор петгодишен мандат. Негов ривал е досегашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, која по првиот круг од изборите оствари убедлива победа.

За да бидат успешни изборите потребно е еден од нив да освои мнозинство гласови од граѓаните што излегле да гласаат, но под услов излезност да е најмалку 40 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Цензусот, како што покажаа последните податоци од ДИК, е исполнет.

Во борбата да освојат пратенички мандат во 120-члениот парламент, пак, се 17 кандидатски листи поднесени од партии и коалиции. За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

Изборите ќе ги следат 1078 домашни и 770 странски набљудувачи.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Избрана Влада на Војводина, за прв пат на чело со жена

Маја Гојковиќ додека беше министерка за култура на Србија, 8 септември 2021 година.
Маја Гојковиќ додека беше министерка за култура на Србија, 8 септември 2021 година.

Пратениците на Собранието на автономната покраина Војводина на 8 мај изгласаа снов состав на Покраинската влада.

На чело е Маја Гојковиќ од Српската напредна партија, која е првата жена досега назначена за претседател на Покраинската влада.

За новата Покраинска влада гласаа 73 пратеници од владејачкото мнозинство од вкупно 120 пратеници во Собранието на Автономна Покраина Војводина.

По гласањето, Гојковиќ изјави дека нејзината влада „ќе продолжи да го зајакнува фокусот“ на сообраќајната и комуналната инфраструктура, заштитата на животната средина, образованието, културата, социјалната заштита и подобрувањето на положбата на социјално ранливите групи.

„Со тоа, Автономна Покраина Војводина ќе продолжи да биде мотор на севкупниот развој во соработка со Владата на Србија и сите други нивоа на власт во нашата земја“, рече Гојковиќ.


Покраинската влада има 14 членови, како и претходната, меѓу кои речиси половина се од претходниот состав, кога ја предводеше Игор Мировиќ од Српската напредна странка.

Покраинската влада има тројца потпретседатели: Сандра Божиќ, Владимир Галиќ и Милан Попов, со тоа што Божиќ нема дополнително ресор.

Со изборот на Маја Гојковиќ за покраински премиер, Српската напредна партија продолжи да ја води Владата на Автономната Покраина Војводина осма година по ред од 2016 година, кога ја презеде власта од Демократската партија.

Гојковиќ беше министерка за култура во претходните две влади на Србија, и двете предводени од поранешната српска премиерка Ана Брнабиќ.

Претходно, од 2014 до 2020 година, Гојковиќ беше на чело на Народното собрание на Србија.

Маја Гојковиќ влезе во политиката на почетокот на 1990-тите години. Таа беше членка на ултранационалистичката Српска радикална партија од нејзиното основање до 2008 година. Истата година ја формирала Народната партија која не постигнала значаен политички резултат. Во 2012 година се приклучи на Српската напредна партија.

Одзивот на претседателските избори до 17 часот е 42,32 отсто, а на парламентарните е 46,93 отсто

Северна Македонија: Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија(ДИК), прес-конференција, Скопје, 8 мај 2024 година
Северна Македонија: Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија(ДИК), прес-конференција, Скопје, 8 мај 2024 година

Вкупно 42,32 отсто граѓани гласале на претседателските избори до 17 часот, односно гласале 452.412 гласачи од податоци пристигнати од 2.040 избирачки места, со вкупно запишани 1.069.021 гласачи, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија(ДИК), на прес-конференција попладнево.

Најголема излезност за претседателски избори досега има во Новаци, со излезност од 66,47 отсто. Најмала е излезноста во Липково, со 6.48 отсто.

Во споредба со вториот круг претседателски избори што се одржаа во 2019 година, сега има зголемување на одзивот од 7,19 отсто. Во споредба со првиот круг претседателски избори од 2024 излезноста е зголемена за 0,01 отсто, рече Даштевски.

До 17 часот до ДИК стигнале податоци и гласањето на парламентарните избори од 1.920 избирачки места. Од запишани 1.003.459 гласачи, на овие избирачки места гласале 470.950 гласачи, што е излезност од 46.93 отсто.

Според досегашните податоци на ДИК, најголема излезност за парламентарните избори има во Кривогаштани, 79,73 отсто, а најмала во Маврово-Ростуше со 22,93 отсто излезност.

Споредбено со парламентарните избори од 2020 година, на овие парламентарни избори има зголемување на излезноста од 8,15 отсто.

По изборни единици, досега најголема е излезноста во третата изборна единица, со 51,49 отсто. Најмала излезност досега има во шестата изборна единица, со 34,71 отсто.

Досега до ДИК се доставени вкупно 450 приговори за заштита на лично избирачко право. Од нив, 228 приговори се усвоени.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори. Право на глас имаат 1. 814. 317 граѓани.

Пентагон: Притворениот американски војник во Русија ги прекршил воените правила

Притворањето на американските војници повторно го отвори прашањето за тоа дали руските власти намерно ги таргетираат Американците за потенцијална размена на затвореници.
Притворањето на американските војници повторно го отвори прашањето за тоа дали руските власти намерно ги таргетираат Американците за потенцијална размена на затвореници.

Припадник на американската војска, еден од двајцата Американци уапсени од Русија во два одделни случаи откриени на 7 мај, ги прекршил воените правила патувајќи во рускиот град Владивосток до каде пристигнал преку Кина, соопшти Пентагон.

Притворањето повторно го отвори прашањето за тоа дали руските власти намерно ги таргетираат Американците за потенцијална размена на затвореници.

Портпаролката на судот во Владивосток на 7 мај изјави дека американскиот наредник Гордон Блек бил уапсен пет дена претходно под обвинение за „предизвикување значителна штета на граѓанин поради кражба“.

Како што соопшти судот, тој ќе остане во притвор најмалку до 2 јули, односно до почетокот на судењето.

Американските власти потврдија дека Блек бил уапсен во Русија, каде една жена го обвинила за кражба.

Тој беше стациониран во Јужна Кореја, каде американската војска има околу 28.500 војници, и требало да се врати дома во Форт Кавазос, Тексас, но наместо тоа, отпатувал за Русија без да ги извести своите претпоставени.

„Наместо да се врати во САД, Блек од лични причини полета од Инчеон, Република Кореја преку Кина до Владивосток, Русија, се вели во соопштението на војската.

Руските власти на 7 мај соопштија дека во друг случај уште еден Американец идентификуван од судските службеници како Вилијам Расел Никум, бил уапсен пред 10 дена во Москва под обвинение за „ситно хулиганство“ и алкохол.

Белата куќа соопшти дека Стејт департментот „активно бара конзуларен пристап до двете лица од кои ниту еден не е во Русија во име на американската влада“.

Притворот на војниците се надополнува на списокот на американски државјани кои се држат во Русија под различни околности.

Меѓу затворениците се новинарите Алсу Курмашева од Радио Слободна Европа и Еван Гершкович од Волстрит журнал, кои беа уапсени под обвинение кои тие, нивните работодавци и нивните поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.

Исто така, Американецот Пол Вилан беше осуден на 16 години затвор во Русија поради обвиненијата за шпионажа што тој и американската влада постојано ги негираат.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека случаите Блек и Никум не се политички и оти ниту еден од нив не бил обвинет за шпионажа.

Во септември 2023 година, Стејт департментот издаде предупредување до граѓаните на САД да не патуваат во Русија, како мерка на претпазливост поради поддршката на Вашингтон за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Ескобар: Посетата на Си Џинпинг на Србија е „темпирана да ги зголеми тензиите“

Габриел Ескобар
Габриел Ескобар

Посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија „е темпирана да ги зголеми тензиите меѓу Србија и остатокот од западната заедница“, изјави претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на 8 мај, на последниот брифинг со новинарите во неговиот мандат што истекува на крајот на месецот.

„Верувам дека времето на посетата е несреќно, но намерно избрано“, рече Ескобар, посочувајќи дека посетата на кинескиот претседател се совпаѓа со годишнината од бомбардирањето на НАТО на кинеската амбасада во Белград.

На 7 мај 1999 година, пет бомби ја погодија кинеската амбасада.

„САД соопштија дека бомбардирањето на кинеската амбасада во 1999 година е случајно. Се извинивме. Верувам дека дури и плативме репарации на семејствата“, рече Ескобар.

По повод посетата на кинескиот претседател, тој рече и дека земјите кои тој ги избрал да ги посети се „отворени да го оспорат единството на евроатлантската заедница“.

„И затоа ги предупредуваме сите наши партнери да бидат многу свесни за агендата на Кина во Европа и за агендата на Кина во однос на евроатлантската заедница“, рече тој.

Загриженост дека Косово нема да добие гласови за влез во Советот на Европа

Ескобар на брифингот зборуваше и за членството на Косово во Советот на Европа за што рече дека неколку земји членки на ова тело побарале Приштина да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство.

Во разговор со новинарите, тој посочи дека прашањето за Заедницата на општините, заедно со некои други прашања поврзани со српското малцинство, кои не се исполнети, се дел од постојаните барања за Косово.

„Тоа е она што ја поттикнува загриженоста дека Косово можеби нема да ги има гласовите за Советот на Европа“, изјави Ескобар на 8 мај.

Тој рече дека САД немаат право да гласаат во оваа европска организација за човекови права, но ставот на Вашингтон е дека Косово треба да биде полноправна членка на Европската унија, НАТО и Обединетите нации.

„Што се однесува до европската интеграција, мислам дека е важно Косово да ги слуша своите европски сојузници и да работи со нив додека ја зајакнуваме кандидатурата на Косово во сите евроатлантски структури“, додаде тој.

Ескобар изјави и дека жали што за време на неговиот мандат не бил спроведен договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Тој посочи дека двете земји се одговорни за неисполнување на обврските кои произлегуваат од тој договор.

На Украина и се заканува прекин во снабдувањето со струја по големиот руски напад врз инфраструктурата

Остатоци од руска ракета до оштетена термоцентрала во Украина, четврток, 2 мај 2024 година.
Остатоци од руска ракета до оштетена термоцентрала во Украина, четврток, 2 мај 2024 година.

Украинската инфраструктура беше тешко оштетена во голем напад синоќа со над 50 руски ракети и 20 беспилотни летала, објавија локалните власти на 8 мај.

Националната енергетска компанија Укренерх за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа информираше дека нападите предизвикале значителен недостиг на електрична енергија на електричната мрежа.

Тие додаваат дека можеби ќе треба да ја исклучат струјата за потрошувачите доколку не ја надополнат дупката со итен увоз на струја, пишува РСЕ на англиски јазик.

Шефот на Укренерх, Володимир Кудрицки, рече дека итниот увоз на струја од Европа помогнал да се стабилизира и балансира мрежата, но нагласи и дека „тоа можеби не е доволно“.

„Доколку потрошувачката се зголеми, како последна опција ќе мораме да прибегнеме кон исклучување на потрошувачите“, рече тој и ги повика Украинците штедливо да ја користат електричната енергија.

Министерот за енергетика Херман Халушенко изјави дека во текот на ноќта имало нов масовен напад врз енергетската индустрија во шест региони на Украина.

Руското Министерство за одбрана подоцна соопшти дека погодило „воени и енергетски“ цели во Украина како одговор на обидот на режимот во Киев да ги оштети руските енергетски капацитети.

Компанијата Укренерхо објави дека „Русите извршиле нов масовен напад врз термоцентралите и хидроцентралите“.

Шефот на воената администрација во областа Полтава, Филип Пронин, изјави дека беспилотно летало нападнало објект на електроенергетската инфраструктура, по што избувнал пожар.

Шефот на воената администрација во јужниот регион Запорожје, дом на најголемата нуклеарна централа во Европа, рече дека руските сили биле насочени кон „критични и цивилни инфраструктурни објекти“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку социјалната мрежа Телеграм рече дека нападот се случил рано на Денот на сеќавањето и помирувањето во чест на загинатите од Втората светска војна.

Русија често ја гаѓаше енергетската и енергетската инфраструктура на Украина откако ја започна инвазијата на земјата во февруари 2022 година. Москва негира дека цели на цивили, но вели дека енергетскиот систем на Украина е легитимна воена цел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG