Достапни линкови

Вести

Околу 300 настрадани во поплавите на Филипини

Во поплавите на Филипините, предизвикани од тропска бура, настрадале околу 300 луѓе, соопштија локалните власти. Владата на Филипини побара помош од меѓународната заедница, бидејки околу 700 илјади лица се расселени, а има и големи материјални штети. Невремето ги зафати и Виетнам и Камбоџа каде што загинале околу 100 лица.

види ги сите денешни вести

Полските земјоделци ја прекинаа блокадата на границата со Украина

Илустрација од протестите на полските земјоделци
Илустрација од протестите на полските земјоделци

Полските земјоделци ја прекинаа повеќемесечната блокада на граничниот премин со Украина.

Британските медиуми ја пренесуваат позитивната оценка на украинскиот министер за земјоделство за напорите на Полска да стави крај на блокадата и најави дека се деблокирани сите гранични премини со Полска.

Блокадите започнаа кон крајот на минатата година, по протестите на полските земјоделци поради изземањето на украинските земјоделци од барањето да аплицираат за влез во Полска.

Варшава и Киев со месеци преговараа за изнаоѓање решение за блокадата, а Украина ја повика Европската Унија да интервенира.

Илјадници земјоделци во Полска излегоа на улиците во Варшава на 27 февруари, ескалирајќи го протестот што започна на почетокот на февруари против увозот на храна од Украина и зелените правила на ЕУ.

Земјоделците ширум Европа протестираа со недели против ограничувањата што им ги поставуваат регулативите за „Зелениот договор“ на ЕУ, наменети за справување со климатските промени, како и зголемените трошоци и, како што велат, нелојалната конкуренција надвор од ЕУ, особено Украина.

Полските земјоделци започнаа серија протести низ целата земја на почетокот на овој месец, а за време на протестите целосно ги блокираа и сите украински гранични премини, како и пристаништата и низ целата земја.

Блинкен се надева дека Хамас ќе го прифати „дарежливиот“ договор за Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска (29 април) изјави дека се надева оти Хамас ќе ја прифати „исклучително дарежливата“ понуда за запирање на израелската офанзива во Газа во замена за ослободување на заложниците. Европската Унија и САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.

„Хамас има пред себе предлог кој е „извонредно дарежлив“ од страна на Израел. Во овој момент, единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот е -Хамас“, рече Блинкен во Ријад на Светскиот економски форум и додаде:

„Можеме да имаме фундаментална промена во динамиката“ за повеќе од половина година крвопролевање“.

Говорејќи во Саудиска Арабија, американскиот државен секретар рече дека има „мерлив напредок“ во доставувањето помош за Газа, но дека е потребно повеќе.

Блинкен рече и дека Иран е најголемиот извор на нестабилност во регионот.

Тој посочи дека настаните од последните неколку месеци покажаа дека има два можни патишта. Едниот, рече тој, бил обележан со „поделби, уништување, насилство и постојана несигурност“.

Сепак, Блинкен посочи дека состаноците како денешниот покажале дека има многу повеќе нации во регионот на Ријад заинтересирани за вториот пат, „поголема интеграција, поголема безбедност, поголем мир“.

„Многу повеќе од нас сакаат да одат по тој пат“, рече Блинкен.

Тој се сретна и со саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд.

Блинкен, исто така, ќе се состане со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и други регионални претставници пред очекуваната посета на Израел подоцна во текот на неделата.

Израелските власти „загрижени“ за можните налози за апсење од Меѓународниот кривичен суд

Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг (илустрација)
Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг (илустрација)

Израелските власти се загрижени дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг може да издаде налози за апсење на водачите на земјата по меѓународниот притисок поради војната на Израел против Хамас во Појасот Газа, објави Асошиејтед прес (АП) на 29 април. Соединетите Држави (САД) и Европската Унија го прогласија Хамас за терористичка организација.

Пред три години Меѓународниот кривичен суд започна истрага за можни воени злосторства извршени од Израел и палестинските милитанти кои датираат од војната меѓу Израел и Хамас во 2014 година, но не даде никакви индикации за можни налози за апсење.

АП пренесува дека судот веднаш не ги коментирал наводите за можни налози за апсење на израелски официјални лица.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги информирало израелските мисии за „гласините“ дека може да бидат издадени налози против високи политички и воени функционери. Не е јасно што ја предизвикало загриженоста на Израел, пренесува АП.

„Очекуваме судот да спречи издавање налози за апсење на високи израелски функционери“, рече министерот за надворешни работи Израел Кац, додавајќи дека таквите налози ќе го „зајакнат моралот“ на Хамас и другите милитантни групи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 април рече дека Израел „никогаш нема да прифати каков било обид на Меѓународниот кривичен суд да го поткопа неговото вродено право на самоодбрана“.

„Заканата да се заробат војниците и функционерите на единствената блискоисточна демократија и единствената еврејска држава во светот е срамота. Ние нема да и се поклониме“, рече Нетанјаху во објава на мрежата X.

Истрагата на Меѓународниот кривичен суд опфаќа наводи кои датираат од војната во Газа во 2014 година, како и израелската изградба на еврејски населби на окупираната територија што Палестинците ја сакаат за нивната идна држава.

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, за време на посетата на регионот во декември рече дека истрагата напредува и дека тој инсистира да се дејствува „не врз основа на емоции, туку врз основа на цврсти докази“.

Ниту Израел, ниту неговиот близок сојузник Соединетите Држави ја прифаќаат јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд, но потенцијалните налози за апсење би можеле да ги стават израелските функционери во ризик од апсење во други земји признати од Меѓународниот кривичен суд.

Специјалното тело на Меѓународниот кривичен суд истражува дали Израел извршил геноцид во актуелната војна во Газа. Се очекува секоја пресуда да трае со години.

Израел ги отфрли обвиненијата и го обвини судот за пристрасност.

Истовремено, Израел го обвини Хамас за геноцид за нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година со кој започна војната. Хамас упадна во воените бази и кибуци низ јужен Израел, убивајќи околу 1 200 луѓе, главно цивили, а земајќи околу 250 заложници.

Како одговор, Израел започна сеопфатна воздушна, морска и копнена офанзива во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас.

Како резултат на војната, околу 80 отсто од населението на Газа, околу 2,3 милиони луѓе, ги напуштија своите домови, додека северот на Газа беше доведен до работ на глад.

Израел најави дека ќе ја прошири својата копнена офанзива кон градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната. Израел тврди дека Рафа е последното упориште на Хамас.

Кастрати: Србите од северот „се двоумат“ да се попишат

Општина Грачаница, Косово (илустрација)
Општина Грачаница, Косово (илустрација)

Директорот на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, рече дека припадниците на српската заедница во општините со српско мнозинство на север сè уште „се двоумат“ да одговорат на пописот, но дека масовно се попишуваат само оние во општините на југот.

„Српската заедница (на север) сè уште во голема мера се колеба“, рече Кастрати на прес-конференција во понеделник, 29 април.

Пописот на населението во Косово почна на 5 април и ќе трае до 17 мај.

На денот кога започна пописот, Српска листа објави дека припадниците на српската заедница нема да учествуваат во овој процес. Како едно од објаснувањата, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград, ја наведе „репресијата“ на режимот на премиерот на Косово, Албин Курти.

Последниот попис на населението во Косово во 2011 година не беше одржан во четири општини на север каде живее мнозинско српско население, додека во општините на југ процесот најмногу беше бојкотиран на повик на Белград.

Според тој попис, вкупниот број на жители на Косово е околу 1,8 милиони, од кои околу 25 000 се Срби. Сепак, според проценките на граѓанскиот сектор, на Косово живеат околу 100 000 припадници на српската заедница.

На 29 април, директорот на Агенцијата за статистика на Косово рече дека во врска со бојкотот на пописот на северот, каде живее мнозинската српска заедница, минатата недела разговарал со неколку меѓународни институции.

„Треба да знаат дека (пописот) е добар за нив, да се знае бројот на оние што живеат во тие општини“, рече Кастрати и уште еднаш ги повика Србите да учествуваат во овој процес.

Тој додаде дека во последните денови е регистриран поголем број од населението на Косово, како што било планирано.

„До вчера (28 април) беа регистрирани повеќе од 891 000 жители на Косово“, рече тој.

Кастрати ги повика граѓаните да бидат активни и да се обратат во нивната општина доколку попишувачот не дојде кај нив во наредните пет до шест дена. Тој рече и дека прелиминарните резултати од пописот треба да бидат објавени во втората половина на јуни.

Согласно Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, секое лице може да се казни со парична казна од 30 до 2 000 евра доколку одбие да ги даде податоците што ги бара попишувачот. Казните се уште повисоки за бизнисмените и достигнуваат до 20 000 евра.

Европскиот Парламент почна кампања за поттикнување на одзивот на евроизборите

илустрација
илустрација

Европскиот Парламент од денеска (29 април) започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одзивот на гласачите.

Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“.

Почнувајќи од првите директни избори за европратеници во 1979 година кога одзивот беше 61,99 отсто, тој беше во опаѓање на секое следно гласање, паѓајќи под 50 проценти на сите избори по 1999 година, за да ја достигне најмалата излезност од 42,61 отсто во 2014 година. На последните избори за членови на Европарламентот во 2019 година, во сенка на Брегзитот, одзивот беше 50,62 проценти.

Во фокусот на кампањата се ставени историјата на демократијата во Европа, руската инвазија врз Украина и антидемократските трендови на континентот, со потсетување на искуствата на Европејците со диктатурите и војните, Холокаустот, Прашката пролет од 1968 година, падот на Берлинскиот ѕид, па се до и достигнувањата на европскиот мир.

„Демократијата е во опасност. Искористете го вашиот глас или другите ќе одлучат наместо вас“, повикува Европарламентот.

За спроведување на оваа кампања Европскиот Парламент издвои буџет од 37 милиони евра, што претставува 0,08 евра по глава на граѓанин на ЕУ со право на глас на Евроизборите.

Својата последна предвидена пленарна седница во сегашниот состав Европскиот Парламент ја одржа минатата недела.

Киев вели дека Телеграм ги блокирал програмите на украинските разузнавачки служби

илустрација
илустрација

Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина (HUR) соопшти дека платформата за пораки Телеграм блокирала голем број официјални ботови, вклучително и чет-бот на украинската разузнавачка служба.

„Ботовите“ се софтверски апликации програмирани да извршуваат специфични задачи, додека „четботовите“, на нивното најосновно ниво, се програми дизајнирани да имитираат разговори што се одвиваат меѓу луѓето преку текстуална или гласовна интеракција.

„Денес, менаџментот на платформата Телеграм неоправдано блокираше голем број официјални ботови кои се противат на руската воена агресија против Украина, вклучувајќи го и главниот разузнавачки бот“, објави ХУР на Телеграм рано на 29 април.

Главната управа за разузнавање додаде дека е спротивно на „правилата“ и „јавните изјави“ на менаџментот на Телеграм.

„И покрај блокирањето на нашиот бот, вашите лични податоци се безбедни“, соопшти Управата.

Во врска со ова, засега нема реакција од Телеграм.

Најмалку 13 лица загинале во израелски воздушни напади во јужниот дел на Газа

илустрација
илустрација

Најмалку 13 лица загинаа, а многу се ранети во израелски воздушни напади врз три куќи во градот Рафа, јужно од Газа, соопштија локалните медицински служби, а пренесе Ројтерс.

Медиумите на Хамас, што ЕУ и САД ја прогласија за терористичка организација, проценуваат дека во израелските напади загинале 15 лица.

Нападите на Рафа, каде што повеќе од милион луѓе се засолниле од неколкумесечното израелско бомбардирање, се случија неколку часа пред Египет да биде домаќин на лидерите на Хамас за да разговараат за изгледите за договор за прекин на огнот со Израел.

Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кога беа убиени 1 200 луѓе, а 253 беа заробени.

Израел вети дека ќе го искорени Хамас, кој ја контролира Газа, во воена операција во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци, од кои 66 беа во изминатите 24 часа, според здравствените власти во Газа.

Во неделата, претставници на Хамас изјавија дека делегацијата, предводена од Калил Ал-Хаја, заменик-шефот на групата на групата Газа, ќе разговара за предлогот за прекин на огнот што Хамас го достави до посредниците од Катар и Египет, како и за одговорот на Израел.

Посредниците, поддржани од Соединетите Држави, ги засилија напорите за постигнување договор додека Израел се закануваше дека ќе го нападне Рафа.

Војната расели повеќето од 2,3 милиони жители на Газа и опустоши голем дел од енклавата.

Грузијците повторно протестираа против „законот за странски агенти во руски стил“

Илјадници граѓани протестираа на улиците во Тбилиси, Грузија против „законот за странски агенти“, 28 април 2024 година
Илјадници граѓани протестираа на улиците во Тбилиси, Грузија против „законот за странски агенти“, 28 април 2024 година

Илјадници луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на грузиската престолнина за да протестираат против плановите на владејачката партија да воведе закон за кој домашните критичари и западните земји рекоа дека ќе се користи за сузбивање на независните гласови во оваа јужнокавкаска држава.

Акцијата на 28 април беше продолжение на двонеделните митинзи предводени од опозициските партии и активистичките групи против таканаречениот закон за „странски агенти“, кој критичарите велат дека го отсликува оној што го користи Кремљ за да ги замолчи критичарите во Русија.

Околу 10 000 луѓе се собраа на Плоштадот на Републиката во центарот на Тбилиси, при што многумина ги пееја химните на Грузија и на Европската Унија и држејќи транспаренти на ЕУ.

Извештаите пренесуваат дека некои демонстранти ги пробиле безбедносните линии во близина на зградата на парламентот, поради што полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата.

Очевидци велат дека полицијата се движела со потешка опрема околу местата за протести на Плоштадот на Републиката и во близина на парламентот.

Двопартиска група американски сенатори на 26 април преку писмо до грузискиот премиер Иракли Кобахиџе предупреди дека планот на нацијата повторно да воведе „закон за странски агенти во руски стил“ може да доведе до промена на американската политика кон Тбилиси.

Во писмото во кое имаше увид Гласот на Америка (VOA), сенаторите велат дека се „сè повеќе загрижени дека трансатлантските аспирации на Грузија се поткопуваат“.

Официјални претставници на ЕУ рекоа дека ако Грузија го усвои нацрт-законот како закон, тоа ќе ги наруши надежите за членство на нацијата.

Владејачката партија Грузиски сон го воведе законот во 2023 година, но беше принудена да го повлече по масовните протести. Пратеничката група на партијата го врати законот со мали измени во формулацијата и тој помина во првото читање на 17 април.

За последното читање на законот треба да се расправа на 17 мај. Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили за Би-Би-Си изјави дека ќе стави вето доколку биде одобрен во неговото последно читање.

Зурабишвили рече дека нејзина главна грижа е фактот што предлог-законот е „копија на законот на рускиот претседател Владимир Путин“. Сепак, Зурабишвили потсети дека владејачката партија Грузиски сон има доволно пратеници за да го поништи законотдоколку го искористи своето вето.

Поранешниот грузиски премиер Иракли Гарибашвили, претседател на Грузиски сон и други партиски лидери велат дека законот има за цел да ја зголеми транспарентноста во политичката средина во земјата.

Блинкен во посета на Саудиска Арабија, Јордан и Израел

Американскиот државен секетар Ентони Блинкен пристигна во Ријад, Саудиска Арабија, 29 април 2024 година
Американскиот државен секетар Ентони Блинкен пристигна во Ријад, Саудиска Арабија, 29 април 2024 година

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Ријад како дел од посетата на регионот.

Блинкен од денеска (29 април) до среда ќе ги посети Саудиска Арабија, Јордан и Израел, соопшти Стејт департментот.

Како што е наведено, на средбите ќе се разговара за тековните напори за постигнување прекин на огнот во Газа што треба да обезбеди ослободување на заложниците.

Се додава дека ќе разговараат и за зголемување на хуманитарната помош испорачана во Газа.

„Секретарот, исто така, ќе ја нагласи важноста од спречување на ширење на конфликтот и ќе разговара за тековните напори за постигнување траен мир и безбедност во регионот“, соопшти Стејт департментот.

Неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ

илустрација
илустрација

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре (29 и 30 април) ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година.

Заседанието ќе започне вечер со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската Унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG