Достапни линкови

Странските инвестиции останаа во странство


Поранешниот премиер Зоран Заев со владиниот врв во 2018 година најавуваат странска инвестиција на компанијата Саген во ТИРЗ Скопје 1.
Поранешниот премиер Зоран Заев со владиниот врв во 2018 година најавуваат странска инвестиција на компанијата Саген во ТИРЗ Скопје 1.

Е-го, филмски студија на Малкович, фабрики за лекови, профили, делови... Многу нереализирани најави за странски инвестиции иако Власта смета дека води успешна политика за нивно привлекување. Земјава останува на дното на листата на земјите од Балканот со странски инвестиции под милијарда евра.

Македонија е меѓу земјите од регионот кои се уште не можат да го надминат годишниот праг на странски инвестиции од една милијарда евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2023 година вкупните директни инвестиции во Македонија изнесувале 616,7 милиони евра, што е слично на нивото на БиХ, Црна Гора и Косово.

Значителни зголемувања на странските инвестиции нема и покрај ветувањата на власта дека тоа ќе се случи откако земјата ќе стане членка на НАТО. Србија која не е членка на НАТО, во 2023 година имала нето приливи од директни странски инвестиции од 4,5 милијарди евра. Меѓу земјите од ЕУ и НАТО кои го надминуваат прагот од милијарда евра на годишно ниво се Хрватска, Словенија, Албанија и Бугарија.

Власта на СДСМ и покрај тоа што ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување на странски инвестиции, таа не направи значителни промени во стратегијата, ниту, пак, воспостави нова, a во меѓувреме најавуваше големи странски инвестиции, од кои дел пропаднаа.

Инвеститорите незадоволни

Претседателот на Советот за странски инвестиции, Виктор Мизо, смета дека во моментов отсуствува сеопфатна државна стратегија за привлекување на нови странски инвеститори, но и проактивно одржување на постоечките странски инвеститори. Ова негово тврдење вели дека е врз основа на перцепцијата на инвеститорите.

„Очигледно е дека недостига фокусот на ова поле, како и во која насока сакаме да се движиме како држава. Тоа се отсликува и во резултатите од последната анкета на Советот на странските инвеститори, каде само 43 проценти од компаниите веќе присутни кај нас истакнаа дека повторно би инвестирале доколку треба да одлучат сега“, вели Мизо за Радио Слободна Европа.

Советот на странски инвеститори (ФИЦ) го сочинуваат 130 компании од 20 земји кои учествуваат на македонскиот пазар и кои главно работат во автомобилската индустрија, земјоделството, енергетика, производство на храна, телекомуникации, ИТ услуги и други.

Мизо, кој во моментов е и генерален директор на компанијата КОСТАЛ - Македонија, вели дека иако нивната фирма продолжува со реализација на долгорочните инвестициски планови на сегашната локација во Охрид, индиферентниот и несериозен пристап на дел од надлежните во земјава допринел потенцијална инвестиција на КОСТАЛ од нови 150 милиони евра да замине во друга држава, наместо во зоните во Скопје.

Власта гледа успешна државна стратегија

Сепак, актуелната власт уверува дека политиката за привлекување на странски инвестиции е успешна. Директорот на Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски за Радио Слободна Европа вели дека само минатата година во ТИРЗ имало потпишани договори за странски инвестиции од 450 милиони евра и дека овие пари фирмите ги даваат делумно за нови објекти, делумно за опрема за производство и нова технологија.

„На 10 нови договори, три или четири фирми прават нови објекти, а станатите даваат за проширување на капацитетите, нова промена, додава тој. На пример, договорот со Тајванците е 205 милиони евра. Тие работат со електроника, со производство на чипови. Странските инвестиции за 2021, 2022 и 2023 изнесуваат околу 1,8 до 2 милијарди евра“, вели Деспотовски.

Ништо од инвестициите на „е-ГО“, Фесбук и Гугл

Накои од странските инвестиции што во изминативе години ги најавуваше актуелната власт пропаднаа. Најавата за инвестиција во фабрика за електрични автомобили во економската зона ТИРЗ Тетово е само последен пример за нереализирана странска инвестиција откако на 9 март годинава Дирекцијата на ТИРЗ го раскина договорот со германската компанија „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“.

ТИРЗ го раскина договорот со германската компанија која најави инвестиција од 130 милиони евра во Тетово, откако странската ревизорска куќа која ја ангажирале утврдила дека „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ е несолвентна, вели Деспотовски.

Постапка за несолвентност за германската компанија имаше и пред неколку години, но Деспотовски вели дека тоа за македонските власти не претставувало проблем кога бил потпишан договорот со германската компанија, бидејќи во тоа време била купена од инвестицискиот фонд со седиште во Холандија (ND Group B.V.).

Од оние инвестиции кои не стигнаа до камен темелник се најавите за изградба на хидроелектраната Чебрен, откако на почетокот на 2024 година пропадна договорот со грчката компанија „Архиродон“, бидејќи не обезбедила пари за проектот.

За некои странски инвестиции имаше само ветувања. Во 2021 година тогашниот премиер Зоран Заев ветуваше дека интернет гигантите Фејбук и Гугл ќе инвестираат во Македонија, но ништо од тоа не се случи.

Не проработеа ниту студијата на Џон Малкович

Меѓу нереализираните инвестиции најавени изминативе години се и филмските студија во Скопје на холивудскиот актер Џон Малкович, како и турската инвестиција во реконструкција на комплексот на езерото Треска.

Најавени, а нереализирани странски инвестиции беа и на американската компанија „Jennmar“ која најави градба на фабрика во Жабени кај Битола.

Слично помина и најавата за инвестиција од 30 милиони евра на јужнокорејската компанија „Алмак“ и американската компанија „Дура аутомотив системс“ за изградба на објект за производство на лесни профили за автомобилска индустрија. Поранешниот премиер Заев во 2021 година за оваа фабрика велеше дека ќе вработи 70 работници со плати од околу 2.000 евра.

Во 2019 година беа најавени, а нереализирани инвестиции на повеќе компании како Саген, Реџи анд Санс, Џемдаг Лајтенинг, Доган Отомотив, Балканлар Пластик, Зенит, Малхотра Кабелси и други.

Инвестицијата на Саген беше најавено во 2018, но не е реализирана.

Инвестицијата ја најави компанија од фармацевтската индустрија за производство на инфузиони раствори и генерички лекови од 6.5 милиони евра и 53 нови работни места.

„Ако целта на овие најави е само земјава да ја промовираме како дестинација во која некој може да ќари овде, тогаш тоа е погрешна насока. Ако надворешните инвестиции не ги гледаме како спојка со внатрешниот бизнис којшто може да ѝ помогне на целата економија, тогаш тоа е бесмислено и домашниот бизнис и обичниот граѓанин на тоа гледа како можност за корупција“, коментира бизнисменот Мендерес Кучи.

Какви се резултатите?

И покрај бројните неуспешни странски инвестиции, актуелната власт смета дека е успешна во привлекувањето на странски инвестиции и вели дека во последните седум години странските инвестиции се удвоени за разлика од времето кога на власт биле ВМРО-ДПМНЕ.

Во тоа уверува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Ако ги погледнеме податоците низ години, за периодот 2006-2016 година, вкупните странски директни инвестиции достигнаа 3.024,25 милиони евра или во просек 274,93 милиони евра годишно. Додека пак, во временскиот период 2017-2023 година, вкупно 7 календарски години, вкупниот проток на Странски директни инвестиции (СДИ) во Северна Македонија достигна 3.237,03 милиони евра или во просек околу 462,43 милиони евра за секоја од последните седум години“, вели Битиќи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, повеќе пати периодов ја критикуваше власта на СДСМ велејќи дека земјава е на дното во регионот по странските инвестиции.

„Резултатите на полето на странските директни инвестиции се катастрофални споредено со земјите од Западен Балкан. Заедно со БиХ, Македонија е на дното на табелата по Странски директни инвестиции (СДИ) во последните три години“, пишуваше опозициската партија во текот на 2023 година.

Пропуштени шанси

Странските инвестиции во земјава најмногу се застапени во автомобилската индустрија, информации и комуникации, текстилната индустрија и земјоделството.

Претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо смета дека историски Македонија има солидно искуство во привлекувањето на странските инвеститори, но според него државата требала да посвети многу повеќе енергија, како што вели, во периодот по актуелизирањето на феноменот “nearshoring” – што значи практика во која фирмите го префрлаат деловното работење во блиска земја.

„Требаше повеќе енергија да посветиме во изградба на институционални капацитети кои ќе поседуваат длабинска експертиза за таргетирани сектори, ќе можат професионално и достоинствено да се грижат за постојните компании и навремено да ги исполнуваат сите обврски кон нив. За жал, мој впечаток е дека оваа шанса ние како земја не ја искористивме како што треба, за разлика од други држави во регионот. Зошто е тоа така – најсоодветно е одговор да дадат соодветните и надлежни институции“, вели Мизо.

Во 2006 година со доаѓањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ беше направена поагресивна политика за промоција на Странски директни инвестиции, кога беше сменето законодавството и беа направени олеснувања со намалување или елиминирање на даноците, се овозможија субвенции за увоз, субвенции за работничките придонеси, грантови за инфраструктура, субвенционирано градежно земјиште и друго.

Тогаш беа отворени Агенцијата за странски инвестиции, Дирекција за технолошко-индустриски зони, економски промотори, кампањи за привлекување инвеститори, роуд-шоуа... СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година делумно ги зголеми бенефициите за странските инвеститори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG