Достапни линкови

Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директорите


Контрола на летање М-НАВ
Контрола на летање М-НАВ

Владата препорача да се разрешат двајца од тројца директори на М-НАВ и предложи нивна замена - попладнево за извршен директор го предложи Хекуран Асани. Синдикатот ќе го стави штрајкот во мирување додека чека конечно разрешување на раководството кое треба да го спроведе Надзорниот одбор на М-НАВ.

Владата одлучи да му препорача на Надзорниот одбор на М-НАВ да разреши двајца од тројца директори и тоа Фахрудин Хамиди кој до сега ја извршуваше функција- извршен директор и Љубе Стаменковски кој беше на позицијата секторски- технички директор.

Првично, во владината препорака до Надзорниот одбор беше наведено дека на нивно место треба да се назначат Илир Мехмеди и Милан Кораќ. Но, по информациите дека Мехмеди не ги исполнува условите (извршниот директор да има дозвола за надзор и контрола на летање, како и работно искуство од најмалку 6 години) Владата доцна попладнево (9 јануари) го предложи Хекуран Асани за претседател на Управниот одбор на М - НАВ.

„Хекуран Асани е вработен во М-НАВ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање“, соопштија од Владата.

Милан Кораќ на позицијата извршен директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВ. Претходно, Кораќ 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството, велат од Владата.

Според владиното соопштение само директорот Хасим Деари ќе ја задржи својата функција финансиски директор, кој на оваа позиција е ставен пред осум месеци.

Претходно, името на Стаменковски се спомнуваше во листата на петмината раководни лица кои први најавија дека ќе депонираат оставки поради проблемите и несоодветните вработување во М-НАВ.

М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.

Синдикатот на контролори на летање во М-НАВ бараше разрешување на Хамиди и Деари поради контроверзните одлуки за вработување на несоодветен кадар во компанијата кој не ги исполнува законски критериуми и потребните знаења.

Пред почетокот на владината седница, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски најави дека ако не се разрешат директорите, околу 70 контролори на летање ќе стапат во генерален штрајк, со што ќе биде оневозможено слетување и полетување од скопскиот и охридскиот аеродром.

По седницата, Тасевски за Радио Слободна Европа изјави дека откако ќе ја официјално ќе ја добијат одлуката на Владата, најавениот штрајк за утре ќе го стават во мирување и ќе чекаат Надзорниот одбор на М-НАВ да ја спроведе во целост владината препорака.

Првиот предлог за директор не беше според Статутот на М-НАВ

Според Статутот на М-НАВ управувањето со оваа компанија се врши со двостепен систем, односно Управен и Надзорен одбор. Управниот одбор составен од 3 члена го назначува Надзорниот одбор со мнозинство гласови.

Еден од членовите на Управниот одбор ја добива функцијата извршен директор кој е задолжен за воздухопловна навигација и тој се избира од редовите на вработените, и мора да поседува стручни знаења и 6 годишно искуство како надзорен контролор на летање. Оваа функција ја извршуваше Хамиди од 30 октомври 2020 година, а Владата во својот прв предлог денеска препорача на негова позиција да дојде Илир Мехмеди.

Но, според објавените податоци на професионалната социјална платформа Линкедин, Мехмеди досега бил дел од Агенцијата за цивилно воздухопловство, што значи дека не доаѓа од редот на вработените како надзорен контролор на летање, услов наведен во статутот на М-НАВ.

Вториот директор кој исто така треба да дојде од редот на вработените треба да има работно искуство од најмалку 6 години во делот на воздухопловно- технички персонал. Оваа функција до сега ја извршуваше Љубе Стаменковски кој на оваа позиција бил назначен пред неколку месеци, а сега ќе биде заменет со Милан Кораќ, кој пак доаѓа од позицијата техничар во контролата за летање во македонската навигација.

Според статутот третиот директор е финансиски и треба да има најмалку 6 години искуство во раководење со соодветна дејност. Нивниот мандат е со време траење д 4 години со право на реизбор. На оваа функција и натаму останува Деари.

Смените во раководството на М-НАВ, Владата ги најави по минатонеделниот упад во оваа институција и напад врз вработените во работно време.

Финансиска полиција го чешла М-НАВ

Во меѓувреме Финансиската полиција денеска ( 9 јануари) влезе во Македонски навигации и врши увид во работењето на М-НАВ, јавува новинската агенција МИА. Контролата и увидот во работењето на М-НАВ, како што информираа оттаму, ги прават врз основа на направениот извештај без при тоа да прецизираат за каков извештај станува збор.

Тасевски на прес конференицијата на 4 јануари јавно сподели сомнежи за спорни тендерски постапки кои се однесуваат на изградба на зграда како и реконструкција односно пренамена на гаража во сала за околу 400 илјади евра.

„Ако ова не е доволна причина институциите да почнат да истражуваат тогаш тоа е сериозен проблем, да се прават слепи и глуви за работи кои веќе ѝ се познати на јавноста“, рече тогаш Тасевски.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара институциите на системот, во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во М-НАВ, кој се случи на 4 јануари годинава. Од Платформата бараат од Антикоруцска, од Државниот Ревизор и Јавното обвинителство да ги истражат сите индиции за корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано со цел да се утврди кривична одговорност и овозможи заштита на оние кои пријавуваат.

Обвинителство се жали на одлуката на Кривичен- осомничените требаше да бидат во притвор

За упадот во просториите на М-НАВ, Основното јавно обвинителство отвори истрага против осум лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, за кои, како што тврди, постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

„Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, беше наведено во соопштението од ОЈО.

Од Обвинителството побараа мерки притвор за 8 лица поради упадот во зградата на М-НАВ (по четворица се уште се трага), тврдејќи дека е сторено кривично дело, но според Кривичниот суд, не постојат доволно елементи за оваа квалификација, па осомничените добија само мерки за претпазливост, односно одземени им се пасошите.

За потсетување, во соопштението што го објавија од Основниот кривичен суд Скопје за тоа зошто не определиле притвор за осомничените за упадот, рекоа дека се воделе врз основа на приложената документација и докази од обвинителството и од МВР, како и дека „според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело“.

Од Кривичниот суд Скопје велат дека Кривичниот совет оформил предмет во однос на поднесената жалба на ОЈО за тоа судот да им определи мерки на претпазливост, а не притвор за четворицата приведени во врска со упадот во М-НАВ. Советот од денеска почнува со расправа за поднесената жалба, но неизвесно е дали денеска ќе излезат со одлука. Од Кривичен иако не ја исклучуваат можноста одлуката по жалбата да се донесе денеска во попладневните часови, сепак велат дека очекуваат тоа да се случи утре или во текот на наредните денови.

Упадот на 4 јануари следеше по прес-конференција на претседателот на Синдикатот Александар Тасевски кој алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.

Хамиди, пак, на прес-конференција настанот го опиша како „мало кошкање“ и тогаш не најави дека ќе се повлече од функцијата.

XS
SM
MD
LG