Достапни линкови

Нов обид да се донесат измени на Изборниот законик пред изборите


Илустрација - локални избори 2021
Илустрација - локални избори 2021

Измените на Изборниот законик пред три месеци се завршени од работната група, но се уште е неизвесно е дали ќе бидат донесени пред двојните избори на 24 април и 8 мај. Од партиите најавуваат можност измените, главно фокусирани на спречување на корупција во медиумите, пред пратениците да бидат ставени уште утре.

Собраниски извори од владејачките партии за Радио Слободна Европа велат дека е можно во среда на 6 март да се одржи собраниска седница на која на дневен ред ќе бидат ставени измените на Изборниот законик, но како што посочуваат, само во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да ја подобрат транспарентноста на целиот изборен процес, но особено да спречат злоупотреби во делот на рекламирањето на партиите со државни пари во медиумите, што според многу експерти прeтставува континуирана корупција и влијание врз медиумите.

Текстот за измените, работната група го заврши уште на крајот на ноември, но Собранието досега не ги усвои и покрај тврдењата на најголемите партии дека меѓу нив постои консензус околу прифаќањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Пратениците со кои разговаравме велат дека ако Собранието ги усвои измените на Изборниот законик, тие ќе важат за претстојните претседателски и парламентарни избори. Ако претседателот на Собранието Јован Митревски утре ги стави измените на дневен ред на пленарна седница, пратениците прво ќе гласаат за потребата за нивно усвојување по брза постапка, а потоа текстот ќе оди во Комисијата за прашања за изборите и именувањата. Конечното гласање на законот треба да биде повторно на пленарна седница.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е можно измените да бидат усвоени до одржувањето на изборите закажани за 24 април и 8 мај, особено, како што велат, ако има политичка волја кај владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ.

„Има повеќемесечни разговори меѓу партиите за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и очекувам измените да поминат во овој парламентарен состав“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

Кои се клучните измени?

Партиското рекламирање во медиумите со државни пари е клучниот дел кој треба да биде променет, во услови кога според ДИК со актуелното законско решение, двојните претседателски и парламентарни избори ќе чинат 17 милиони евра, а скоро 60 проценти од овој трошок, или 10 милиони евра, се предвидени за платено политичко рекламирање.

Но, новите измени освен исто така се однесуваат и на рестрикции во изборниот процес за одобрување на инфраструктурни проекти, водоводи, спортски игралишта, забрани за субвенции, еднократни исплати, како и за вработувања и исплати кон граѓански здруженија и други правни и физички лица. Во текстот којшто го подготви работната група се вели дека сегашниот Изборниот законик регулира мал дел од препораките на ОДИХР.

Вкупно 58 члена содржи предлогот за измените на Изборниот законик, како што објави Министерството за правда. Освен, изборната кампања, финансирањето на кампањата и медиумското претставување во изборниот процес, исто така треба да се менува во делот на постапката на приговор и жалбена постапка, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи.

Работната група опфати голем број од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, со оглед дека имаше и препораки кои не беше можно да се имплементираат бидејќи не одговараа на македонскиот правен систем, вели за Радио Слободна Европа претседателот на работната група за изработка на измените Александар Новаковски.

„Едногласно ги донесовме сите забелешки на ОБСЕ/ОДХР. Измените се однесуваат на препораките дадени од сите претходни избори, а клучните се за финансирањето на политичките партии, платеното рекламирање, регулирањето на порталите во однос на нивната регистрација – најмалку една година пред изборите, потоа да се формира едукативен центар во Државната изборна комисија (ДИК), измени околу Управниот суд за заштита на избирачкото право и така натаму“, вели Новаковски.

Сомнежи дека измените може да се спроведат

Текстот за измените на Изборниот законик го работеа професори и експерти, претставници на Антикорупцијата комисија (ДКСК) и Агенцијата за медиуми (АВМУ), судии од Управен суд, претставници на ДИК, Државен завод за ревизија, Министерство за информатичко општество, набљудувачи на ОБСЕ, граѓански организации и претставници на политички партии.

Но, дури и законот да биде усвоен пред изборите, нема да има време да се спроведе, смета Благоја Пандовски - претседател на Транспаренци Интернешнал Македонија.

„За сите измени на законот за работите кои ги споменавме, треба некој да биде обучен и запознаен за да може тие да се имплементираат во пракса. Сметам дека недонесувањето на овој закон досега, е навистина голема пречка за имплементирање на овие препораки“, вели Пандовски.

Пандовски - Законот за рестриктивни мерки треба да се доработи
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:26 0:00


Тој додава дека буџетското финансирање на медиумите за време на изборите и нивно плаќање требало да биде отстрането за да се намалат определени потенцијални коруптивни активности, а исто така целата на законот е да се намалат коруптивни дејствија и преку определени рестрикции пред и за време на изборите, како партиски вработувања, отпочнување со градби, исплата на субвенции и така натаму.

„Неизгласувањето на овој Изборен законик согласно насоките на ОДИХР секако дека претставува голема пречка да се намалат коруптивните дејствија за време на изборите“, вели Пандовски.

Во однос на вработувањата, законот треба да спречи државни вработувања во периодот од донесувањето на одлуката за одржување на изборите до објавувањето на конечните резултати, а исто така да не може да биде прекинат работен однос освен на барање на самите вработени или во случај на исполнување на услови за пензија.

Измени меѓу другото се предвидуваат и во однос на донациите – една фирма да не може да даде повеќе од 50 илјади евра за финансирање на изборна кампања на некоја од партиите.

Препораките на мисиите за набљудување на изборите на ОДИХР треба да ги подобрат изборните процеси и идентификуваните слабости, а доколку не се постапи по препораките ќе останат присутни истите изборните недостатоци што може да предизвикаат штетни последици во постојниот кредибилитет на изборниот процес, се вели во предлогот за измените на Изборниот законик во кој е наведено дека главната одговорност за овие прашања ја има Собранието.

Работната група за реформи во изборното законодавство беше формирана во април 2023 година. Тогаш, од Министерството за правда информираа дека нејзината задача е да се имплементираат препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но и паралелно да се работи на сосема нов Изборен законик.

Претседателот на Собранието Јован Митрески на 14 февруари ги распиша претседателските и парламентарните избори. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG