Достапни линкови

Ниту закон нема да помогне против високите цени


Растат цените на производите кои до овој месец имаа загарантирана цена, а допрва треба да се донесе законот за нефер трговски практитки кој би бил ефективен по една година
Растат цените на производите кои до овој месец имаа загарантирана цена, а допрва треба да се донесе законот за нефер трговски практитки кој би бил ефективен по една година

Дури и да се донесе сега Законот за нефер трговски практики со кои маржата ќе се ограничи на 10 отсто на 2.500 производи, првите ефекти би се почувствувале наесен. Цените растат, а опозицијата е скептична дека со усвојување на законот ќе се намалат. Сојузот на стопански комори смета дека влста доцни со предлог законот, но и дека има многу недоречености.

Додека дел од цените во маркетите почнаа да растат по укинувањето на владината мерка за загарантирани цени, како што објави Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), во тек е подготовка на нова листа во Министерството за економија со околу 2.500 производи кои треба да подлежат на ограничена маржа од 10 отсто.

Мерката за ограничување на маржите се очекува откако Собранието ќе го усвои Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Предлогот со кој властите очекуваат да запре нелојалната конкуренција во трговијата, веќе помина на комисиската расправа во Собранието.

Новата регулатива треба да ги спречи манипулациите со цените во синџирот на снабдување и препродавање на производите, откако било утврдено дека често се случувале нерегуларности, според наведеното во предложениот текст на законот.

Доколку законот се усвои, треба да има поефикасна контрола и надзор за што ќе биде задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но дури откако ќе обезбеди луѓе и средства за што е поставен рок од шест месеци од донесувањето на законот.

Цените растеа и додека важеше мерката за замрзнати цени на одредени производи. Синдикалната потрошувачка кошничка во февруари била зголемена за 313 денари, според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тоа е продолжување на трендот на раст на цените, со што само за два месеци трошоците за живот се зголемија за околу илјада денари, откако во јануари синдикалната потрошувачка кошничка порасна за 641 денар.

Законот да се преработи, бара опозицијата

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека очекува законот да биде на пленарна седница на 11 или 13 март, но според него, во периодот до целосната примена на законот нема да има енормно зголемување на цените на производите.

„Од над 2.500 производи кои ќе бидат опфатени со законот, 70 до 80 проценти се земјоделски и прехранбени производи што се на пазарот во државата, а листата ќе се проширува ако има барања“, вели Бектеши.

Но, иако законот помина на собраниската комисија, опозицијата смета дека со него нема да паднат цените на земјоделските и прехранбените производи.

„Законот не решава какови ќе бидат финалните цени во маркетите. Со овој закон, ниту се регулира маржата на трговците, ниту се регулира финалната цена. Размислував со кои амандмани можеме да го подобриме текстот на законот и верувајте дека тоа е невозможно. Законот треба целосно да се преработи ако сакаме да постигнеме некаков ефект“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов.

Како што најави Министерството за економија, во листата од 2.500 основни производи кои со законот ќе подлежат на ограничување на маржата до 10 проценти се вклучени млечни производи како млекото, павлаката и сирењето, потоа мед, компири, домати, кромид и лук.

На кои производи ќе се ограничи маржата?

Од овошјето и зеленчукот, се вклучени краставици, грав, грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, портокали, мандарини, лимони, грозје, лубеници и цреши. Вклучени се и производи како кафе, слатки, конзервирана храна, варијанти на шеќер, слатки, колачи, какао, џемови и путер од кикирики. Списокот опфаќа и предмети кои традиционално се перципираат како луксузни стоки.

Трајан Ангеловски од Сојузот на стопански комори вели дека тие подолго време апелирале законот да биде донесен многу порано, со што ќе помогнел да бидат регулирани одредени услови на пазарот. Тој вели дека власта сега доцни со носењето на регулативата.

„За истиов закон добивам коментари од одредени наши членки дека сепак постојат одредени механизми внатре кои не се јасно дефинирани. Треба да се поработи законот да биде на високо квалитативно ниво“, вели Ангеловски.

Граѓаните во цел период од 2022 година наваму се под ударот на високата инфлација, за што владата носеше различни мерки. Мерката за загарантирани цени од овој месец не беше продолжена токму поради носењето на законот од кој властите очекуваат да биде ефикасен по една година.

Реални ефекти или предизборен потег

И економскиот аналитичар Арбен Халили е скептичен дека граѓаните со законот ќе почувствуваат намалување на цените на производите, како што вели, слично на слабиот ефект од мерката за загарантирани цени.

„Блокирањето на цените на одреден временски период никогаш не било алатка за заштита на потрошувачите, а најмалку може да се протолкува како алатка за економски развој. Со новите измени што ги најавува власта, сметам дека е само една постапка која се одвива пред парламентарните избори. Државата треба долгорочно да го зацврсти долгорочното производство и да одредиме во кои сектори можеме да имаме бенефит. Земјоделскиот сектор и транспортот може да бидат интересни и државата да ги форсира за да бидеме конкурентни на пазарот“, вели Халили.

Но, според Државниот пазарен инспекторат снабдувачите на големо веќе ги преправаат цените на производите кои ги доставуваат до трговците на мало, а оваа институција очекува цените да бидат покачени. Оттаму повикаа на општествена одговорност од страна на трговците на мало и големо и доколку има простор да ги остават цените на истото ниво.

Директорот на ДПИ Горан Трајковски рече дека она што во следниот период по запирањето на мерката, Пазарниот инспекторат ќе прави контроли за тоа дали се почитуваат Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачи.

„Дали соодветно се води трговска евиденција, дали потрошувачите евентуално се доведени во заблуда, една цена на рафт, една цена на каса, реалност на попустите и слично“, рече Трајковски.

Министерството за економија листата на производи на кои треба да биде ограничена маржата до 10 отсто ќе ја достави до Стопанските комори и Организациите на потрошувачи и по донесувањето на законот „ефективно ќе се трансформира во регулаторен мандат“, како што наведе Министерството за економија.

Казни и до 20 илјади евра

Со новиот Закон за нефер трговски практики треба ја зголеми ефикасноста на Комисија за заштита на конкуренцијата, за во случај на манипулации да изведува докази и за тоа да утврдува глоби доколку се прават прекршоци. За вршење на контролите институцијата ќе треба да добие нови тројца вработени.

Комисијата за заштита на конкуренцијата, со законот ќе добие надлежност да соработува со Европската Комисија и телата на земјите членки на Европската Унија во постапките за утврдување на нефер трговски практики.

„Со предлог законот се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционален трансфер на економски ризик од еден трговски партнер кон друг, или да се наметне значителна нерамнотежа на прават и обврските на еден партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за нефер трговска практика“, се вели во предлог-законот.

Глобите за микро трговците ќе изнесуваат од 1.000 до 2.000 евра, за малите од 2.000 до 4.000 евра, за средните од 6.000 до 12.000 и за големите од 10.000 до 20.000 евра. Во законот има и други помали глоби во зависност од тежината на прекршокот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG