Достапни линкови

„Наивен“ молк на борците од ИСИЛ во затворот Идризово?


КПУ „Идризово“
КПУ „Идризово“

Во шестото крило во затворот Идризово казни за учество во паравоени формации отслужуваат повратници од боиштата во Сирија или Ирак. Од Министерството за правда за РСЕ тврдат дека крилото се радикализира, но во затворот негираат. Одбиваат комуникација и со Исламската верска заедница.

Единаесеттемина од шестото крило во КПД „Идризово“. Тоа се осудените за учество во странска војска или паравоени формации кои ја издржуваат затворската казна во најголемиот затвор во земјава. Државјани се на Северна Македонија, но осудени се на казни од 3 до 13 години затвор, затоа што, според кривичниот закон, казниво е ако се учествува во паравоени формации како терористичката ИСИЛ . Радио Слободна Европа беше во затворот Идризово, каде во моментов е прогласена кризна состојба затоа што недостасуваат околу 100 затворски чувари и каде што, според извори од Министерството за правда, има сомневање дека оваа група шири радикален ислам.

Народниот правобранител Насер Зибери, кој неодамна се сретнал со нив ги опишува како екстремно молчеливи, луѓе кои одбиваат секаква комуникација со останатиот свет, не разговараат со затворските стражари ниту пак имаат побарувања или жалби до управата на затворот. Не сакале да зборуваат ниту со него.

„Ние не случајно пред два месеци имавме посета од структури од САД кои се занимаваат со третманот на на овие лица и бараа од нас информации за тоа каков е односот и дали институцијата Народен правобранител има увид во процесот на ресоцијализација на овие лица. И второ каков е односот на државата во однос на создавање амбиент кој ќе ги оттргне од идеологијата која ги наведе да бидат учесници во крвавите војни во Сирија или други предели на кризните подрачја“, вели Насер Зибери, народен правобранител.

Проповедаат радикален ислам?

Според информациите на Радио Слободна Европа, додека бевме во посета на затворот, таму велат дека сепак и не се толку молчеливи со своите цимери од шестото крило. Во него затворски казни отслужуваат уште 90- на осуденици за најразлични дела, а според извори во Министерството за правда, под идеологијата на радикалниот ислам веќе потпаднале неколкумина. Има и случаи каде не само муслимани туку и православни ја преземале оваа верска идеологија, која според учењето на овие војници на ИСИЛ кои проповедаат насилство, е спротивна од она што проповеда исламот. Таков бил случајот со еден осуденик со затворска казна како соучесник во убиство, кој од христијанство го прифатил учењето на овие негови „учители“ . Во Министерството се сомневаат и дека имаат и книги по кои ја проповедаат оваа идеологија, но за тоа нема потврда.

Во Исламската верска заедница знаат за проблемот и веќе го назначиле скопскиот муфтија да работи на тоа. Идејата е да се дозволи верски лица од Исламската заедница да влегуваат во казнените установи и да помогнат во борбата против ширење на радикални идеи. Поглаварот на Исламската веркс заедница, Реисот Шакир Фетаху, во разговор за РСЕ вели дека веќе се во комуникација со Комисијата за верски заедници.

„Ние имаме барање во Комисијата за верски односи да имаме таму место за обавување на молитви, за советување и воспитување на затвореници. Но, се уште нема донесено никаква одлука за ова“, вели реисот Фетаху.

„Затворска инфекција“

Во две полициски акции, Ќелија 1 во 2015 година и Ќелија 2 во 2016 беа уапсени петнаесетина луѓе кои се вратиле во земјава, а претходно учествувале на боиштата во Сирија и Ирак. Соединетите Држави тогаш ја поздравија македонската Влада дека се помогнала во борбата со насилниот екстремизам кој доведува до забрзано ширење на тероризмот. Во 2018 та беа уапсени уште 7 лица исто така осомничени за учество во паравоена формација. Сега според податоците на Народниот правобранител вкупно 15 луѓе издржуваат затворски казни за учество во странска војска или паравоена формација, а освен во Идризово има и во затворите во Штип и Прилеп.

Пред судењата никој не го споменуваше терминот „затворска инфекција“ што е фраза која се користи кога затвореници влијаа врз друг или други и ги подведуваат да сторат ново и најчесто потешко кривично дело. Според директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски затворска инфекција на ширење на радикални идеи во шестото крило во Идризово, нема.

„Секое крило си има свој старешина кој се грижи за редот, хигената и дисциплината. Сега за сега не сме воочиле да има таква појава во енормни размери и како да кажам, тие се сместени таму и се добри наши штитеници“.

Затворот „Идризово“ ќе вработува 100 чувари
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:30 0:00

Пред пет години Владата формираше Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот. Во моментов Комитетот работи на проект кој вклучува ресоцијализација и реинтергација на овие луѓе во општеството по излегувањето од затвор. Но, надлежноста на ова тело кое во проектот ги вклучи и невладините организации како што се МЦМС и Млади правници, е работа со оние луѓе кои излегле од затворот, помош на нивните семејства и помош за нивна социјализација.

Да не се повтори 2017-та

Националниот координатор Златко Апостолоски убедува дека затворските служби си ја работат работата и нема опасност за безбедноста на затворот, кој пак во моментов се наоѓа во кризна состојба.

„Значи ова се посебна категорија на затвореници која од затворскиот персонал психолозите, психијатрите кои работат во затворите се посматраат и се следи нивното однесување. Како се однесуваат со другите затвореници, дали се групираат и тоа мора да се следи бидејќи би било сериозен проблем доколку се дозволи она што се случуваше пред 2017 година по затворите кога се ширеше радикалната идеја и се врбуваа многу луѓе“, вели Златко Апостолоски, Национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Податоците на Народниот правобранител пак откриваат дека од 15 осудени во моментов, само еден се пријавил да учествува во проект за ресоцијализација и реинтеграција, но после кусо време се откажал. Претходно целата обука пак ја поминал еден затвореник, но по излегувањето од другата страна на решетките исчезнал и повеќе не комуницирал со службите кои требало да му помогнат да се снајде надвор.

Инаку во моментов затворот Идризово освен затворските чувари го обезбедуваат и војската и полицијата бидејќи бројот на вработени е под законскиот минимум. Последните информации се дека на 50 затвореници имало само еден чувар иако стандардите се тој да биде на 12 осудени лица. Заради ова Народниот правобранител вели дека Идризово е „темпирана бомба“ опасна и за осудените и за вработените.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG