Достапни линкови

Над илјада уапсени во немирите во Франција


Француски полицајци низ улиците на Париз, 30 јуни 2023
Француски полицајци низ улиците на Париз, 30 јуни 2023

Околу 45 000 полицајци, неколку оклопни возила и хеликоптери биле ангажирани во задушувањето на протестите ширум Франција. Најдраматично синоќа било во Марсеј, Париз, Лион, Стразбур и Тулуз. Запалени се згради, возила, ограбени продавници. Досега се уапсени над 1.100 лица.

Во поголемите француски градови и синоќа, четврта ноќ по ред, имаше насилни протести, откако полицијата во вторникот застрела 17-годишно момче во предградие на Париз.

Најдраматично, како што јавуваат француските медиуми, ноќеска беше во Марсеј, а протести, насилства и кражби имаше и во Париз, Лион, Тулуз, Стразбур и Лил. Запалени се згради и возила, ограбени продавници.

Околу 45 000 полицајци, неколку оклопни возила и хеликоптери се ангажирани во задушувањето на протестите.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен објави дека синоќа биле приведени 270 лица, со што вкупниот број на уапсени во немирите достигна над 1.100. Повредени се повеќе од 200 полицајци.

На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како експлозија го потресува старото пристаниште во Марсеј. Градските власти соопштија дека е во тек истрага за причината за експлозијата и оти нема информации за повредени.

Во центарот на Марсеј, демонстрантите ограбиле продавница за оружје и украдоа неколку ловечки пушки, но без муниција, соопшти полицијата. Едно лице е уапсено со пушка за која се верува дека е одземена од продавница.

Mасовни нереди во Франција
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Вкупно 80 лица се приведени во Марсеј, а тројца полицајци се полесно повредени.

Градоначалникот Беноа Пајан ја повика владата веднаш да испрати дополнителни единици за справување со немирите.

Во третиот по големина град во Франција, Лион, жандармеријата испрати оклопни транспортери и хеликоптер. Во Париз, полицијата успеа да ги расчисти демонстрантите од плоштадот Конкорд.

Министерот Дарманен побара од локалните власти ширум Франција да го запрат јавниот превоз по 21 часот. Тој не ја исклучи можноста и за воведување вонредна состојба.

Макрон итно се врати во Париз, а ја одложи и посетата на Германија

Претседателот Емануел Макрон, кој се соочува со најтешката криза од протестите на „жолтите елеци“ во 2018 година, вчера предвреме го напушти Самитот на ЕУ и се врати во Париз. Од неговиот кабинет денеска соопштија дека се одложува и планираната посета на Германија.

Макрон ги повика „сите родители да бидат одговорни“ и рече дека социјалните мрежи играат „значајна улога“ во ширењето на немирите.

„Јасно е дека контекстот во кој живееме, го гледаме, е резултат на понекогаш организирани групи, насилни и опремени, кои ги осудуваме и кои ги апсиме и кои ќе одговараат, но гледаме и многу млади луѓе. Третина од приведените синоќа се млади, понекогаш и многу млади. Одговорност на родителите е да се грижат за нив дома, не е должност на државата да биде замена за родителите“, рече Макрон по вториот кризен состанок одржан во петокот во француското Министерство за внатрешни работи.

Во меѓувреме агенциите јавуваат дека млад маж загинал во петокот кога паднал од покривот на супермаркет во предградието на северниот француски град Руан за време на немирите во текот на ноќта, соопштија локалните власти.

Полициски извор изјави за Ројтерс во петокот дека мажот паднал од покривот додека демонстрантите ограбувале супермаркет во предградието Пети-Квевили во трговскиот центар Брујереш.

Од државното обвинителство претходно изјавија за ТВ БФМ, врз основа на истрагата што е во тек, дека не е утврдено дека продавницата била предмет на обид за грабеж.

„Поради немирите кои избувнаа низ земјата, откажани се некои јавни настани“, соопшти француската влада.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин на 30 јуни соопшти дека во средата и четвртокот навечер имало повеќе од 6000 пожари на јавните патишта, на кои морало да интервенираат пожарникарите и полицијата и дека биле зафатени речиси 500 згради.

Официјален Париз ги отфрла обвинувањата за расизам

Француската влада во петокот ги отфрли обвинувањата на ОН за расизам меѓу полицијата.

„Секое обвинување за расизам или системска дискриминација во полициските сили во Франција е целосно неосновано“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Претходно, портпаролката на ОН за човекови права Равина Шамдасани рече дека „ова е моментот за Франција сериозно да се справи со длабоките прашања на расизмот и дискриминацијата во спроведувањето на законот“.

Таа во својата изјава навела дека се работи за „млад човек чие потекло е од Северна Африка“.

Агенциите јавуваат дека француските власти не објавиле никакви информации за етничката припадност на младиот човек.

Немирите во Франција избувнаа отако полицаец во вторникот во париското предгради Нантер смртно го застрела 17-годишниот Наел М.

Неговата смрт повторно го разгоре незадоволството кај сиромашните, мешани урбани заедници кои се жалат на полициска бруталност и на расизам.

Полицаецот кој пукаше во момчето е обвинет за убиство.

XS
SM
MD
LG